На денешен ден е починат македонскиот уметник Никола Мартиноски

Автопортрет на Никола Мартиноски (1949/1950)

На денешен ден, во 1973 година, е починат истакнатиот македонски уметник Никола Мартиноски. Тој важи за една од најважните личности за развојот на македонската култура во XX век.

Мартиноски е роден на 18 август 1903 година во Крушево, како Николаче Мартин – едно од четирите деца на угледното и влашко семејство на Коста и Анушка Мартин. Сè до 1930, неговото презиме било Мартин или Мартини.

„Мајка“ (1945)

Во 1906 година, семејството Мартин се преселило во Скопје. Никола Мартиноски го започнал своето образование во романското основно училиште во Скопје (1910), а во средното српско училиште во Скопје (од 1918 до 1920 година) почнал да покажува интерес кон цртањето. Во 1919 година, заедно со Томо Владимирски, работел во ателјето на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки.

Иако по смртта на неговиот татко финансиската состојба на семејството не била добра, Никола Мартиноски успеал да го продолжи своето образование во Букурешт, па така од 1920 до 1927 година тој ја посетувал Школата за убави уметности. Ги следел курсевите по цртање, декоративна уметност и сликање кај професорите Георге Миреа и Камил Ресу, и скулптура кај професор Димитрие Пачуреа. На крајот од школувањето, Мартиноски бил награден со прва награда за сликарство.

„Портрет на девојче“ (1942) | „Насмеано девојче“ (1944)

По студиите, тој за кратко останал во Скопје, каде веднаш зел учество во уметничкиот живот на градот, кој до 1927 година бил сосема неразвиен. Таа година Димитар Пандилов и Лазар Личеноски ги имале своите први самостојни изложби, а заедно со Мартиноски излагале и на една групна изложба.

Престојот во Париз, од 1927 до крајот на 1928 година, е најважниот момент и пресвртница во уметничкиот развој на Мартиноски. Таму тој ги посетувал познатите академии Гранд Шомјер и Рансон.

„Коледари“ (1941) | „Рамадан“ (1952)

По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски тенденции карактеристични за Париската школа на овие простори, тој се истакнувал и со својата општествена активност. Мартиноски е иницијатор и раководи со формирањето на Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовни уметници, Уметничката галерија во Скопје или денес позната како Национална галерија на Македонија, учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, институции кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство.

„Циганка“ (1965) | „Циганка“ (1970)

Мартиноски имал повеќе самостојни изложби пред и по војната. Првата изложба била во 1929 во Скопје, а потоа следувале изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз, Дижон и во други места. Групно излагал во многу европски земји и во земјата со слики, цртежи и графики, како на пример на изложбата „Уметноста на тлото на Југославија“ во Париз во 1971 година и слично. Пред војната изработил и неколку мурали во Скопје.

Во 1968 година, во Крушево, била основана Галеријата Никола Мартиноски, со повеќе дела кои тој му ги подарил на својот роден град.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот