На денешен ден два големи настани од македонската историја

Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Владата на Република Северна Македонија со објава на Фејсбук потсети дека на денешен ден во далечната 1945 година е формирана првата Влада на Демократска Република Македонија на чело со Лазар Колишевски и на истиот ден во 1991 година  избришан е атрибутот „Социјалистичка“ од името на тогашната држава, по што е донесен Уставот на РМ.

-Историјата на македонската државност денеска потсетува на значајни денови, како што е 16 април 1945 година, кога е избрана првата Влада на Демократска Република Македонија во составот на ново-формираната југословенска федерација.

За претседател на Владата е избран Лазар Колишевски, а во нејзиниот состав влегоа уште Љупчо Арсов, како прв потпретседател и министер за финансии, Абдураим Мехмед како втор потпретседател, Кирил Петрушев – министер за внатрешни работи, Никола Минчев – министер за просвета, Павел Шатев – министер за правосудство, Страхил Гигов – министер за индустрија и рударство, Тодор Ношпал – министер за трговија и снабдување, Богоја Фотев – министер за земјоделство и шумарство, Вукашин Поповиќ – министер за народно здравје, Неџат Аголи – министер за социјална политика и Георги Василев – министер за градежништво.

На овој ист ден, 16 април 1991 година во Собранието на Социјалистичка Република Македонија е усвоен нацрт-амандманот за бришење на атрибутот „Социјалистичка“ пред името на нашата држава, кој потоа беше верификуван и усвоен во Уставот на Република Македонија на 17 ноември 1991 година, прв по прогласувањето на сувереност и самостојност.

Во меѓувреме, до денес, Република Северна Македонија, со заложбите на прогресивните генерации народни избраници и политички претставници, ги вгради сите неопходни и институционални и идентитетски атрибути на една самостојна и суверена држава според стандардите на меѓународното право и ги изгради сите капацитети за да го чува и афирмира својот суверенитет во меѓународната заедница.

Денес Република Северна Македонија, со одлука која произлезе од нејзината сувереност и право самостојно да одлучува за својата меѓународна позиција, поттикната од слободно изразената волја на народот и низ политичките институции, е членка на НАТО. Како рамноправен партнер во најмоќниот безбедносен и политички сојуз Северна Македонија ги дели вредностите на Алијансата, а како кандидат за членство во ЕУ ги делиме и промовираме европските вредности.

Оваа година одбележуваме и 30 години сопствена независна држава, како мозаик од вредности, традиции и погледи кон иднината, стои во објавата на официјалната Фејсбук страница на Владата на РСМ.

Историјата на македонската државност денеска потсетува на значајни денови, како што е 16 април 1945 година, кога е…

Posted by Влада на Република Северна Македонија on Friday, April 16, 2021

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот