На денешен ден – 8 декември

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

65 п.н.е.- Роден е римскиот литерат Хорациј, најголем римски лирски поет, кој повеќе од сите други грчки или римски поети се одликува со различности во својот поетски израз. Во текот на престојот во Атина подробно ги запозна грчката култура, филозофија и уметност. Дела: „Сатири“, „Песни“ или „Оди“, „Писма“.

883.- Свети Климент Охридски, родоначалник на словенската литература и црковно беседништво, прв оригнален словенски и македонски поет, говорник, преведувач, заштитник на Охрид е назначен за прв словенски епископ на Балканот. – Ден на свети Климент Охридски, патронен празник на Македонската православна црква.

1542.- Родена е шкотската кралица Мери Сјуарт, која со непопуларната римокатоличка политика ги поттикна народот и протестантите на Шкотска на буна, па во 1568 година мораше да побегне во Англија. Во 1587 година англиската кралица Елизабета Прва нареди да ја предадат на суд по што беше погубена.

1626.- Родена е шведската кралица Кристина Аугуст, која во 1644 година и стави крај на војната со Данска, а во 1648 година на Триесетгодишната војна, правејќи ја Шведска голема сила, а Балтикот „шведско море“. Кралица стана во 1632 година во осмата година од животот, а беше крунисана 12 години подоцна. Како една од најобразованите жени во Европа, беше вљубена во науката и книжевноста, па така во дворецот доаѓаа учени луѓе, вклучувајќи го и францускиот филозоф Рене Декарт.

1741.- Умре Витус Беринг, дански морепловец и истражувач во служба на руската влада. По налог на рускиот цар Петар Велики тргна да го испитува источниот дел на Азија. Во 1728 година го откри протокот меѓу Северна Америка и Азија, наречен според него Берингов Проток. Роден е во 1680 година.

1832.- Роден е норвешкиот писател Бјерншјерн Мартиниус Бјернсон, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1903 година, водечка личност во норвешкиот културен живот во 19. век. Дела: „Среќно момче“, „Татко“, „Крал“, „Нов систем“, „Над моќта“, „Ракавица“ и други.

1861.- Роден е францускиот филмски режисер Жорж Мелијес, пионер на светскиот филм. Технички образован, во филмот ги пренесува поделбата на чиновите, сценографијата, костимографијата, начинот на глума и маскирањето. Го пронајде системот на користење филмски трикови што му овозможи во студио (атеље) да снима филмови од научната фантастика. Сними околу 500 филмови, вклучувајќи го и „Патот до Месечината“, пропратен со филмски авантури. Умре во 1938 година, во крајна беда во време на комерцијалниот процвет на филмот. Филмови: „Сонот на астрономите“, „Пат во немоќноста“, „Гуливеровите патувања“, „Освојување на Северниот пол“.

1863.- Британскиот боксер Том Кинг стана прв светски шампион во тешка категорија, со победата над Американецот Џон Хинан.

1865.- Роден е Јан Сибелиус, фински композитор, најголем композитор на својата земја. Покрај симфониските песни, со кои се вброи меѓу најголемите композитори на 20. век, напиша и значајни дела за хор и голем број соло песни на текстови на фински уметници. Умре на 20 септември 1957 година.

1903.- Умре англискиот филозоф и социолог Херберт Спенсер. Дела: „Систем на синтетичката филозофија“, „Вовед во социолошките студии“, „Фактори на органската еволуција“, „Класификација на науката“, „Автобиографија“.

1914.- Германските воени бродови по враќањето од Тихиот Океан требаше, според планот на адмирал Шпе, да ја уништи англиската база на Фокландските Острови. Кога Англичаните отворија оган Шпе сфати дека наишол на многу поголем отпор од очекуваниот. Во оваа поморска битка Германците претрпеа големи загуби во бродови и во луѓе.

1923.- Соединетите Американски Држави потпишаа договор за пријателство и ненапаѓање со Германија.

1925.- По неуспешниот пуч на нацистите во Минхен во 1923 година, нивниот водач Адолф Хитлер ја објави книгата “Мојата борба”, во која ја разработува националистичката фашистичко-расистичка идеологија на агресивниот германски национализам.

1925.- Роден е американскиот пејач, танчер и глумец од африканско потекло Семи Дејвис, еден од најголемите забавувачи во 20. век.

1941.- САД и Велика Британија ден по нападот врз Перл Харбур во Втората светска војна и објавија војна на Јапонија.

1948. – Во Лерин три жени Македонки од селото Екши – Су, Леринско, беа обвинети за соработка со НОФ и со партизаните, за што беа осудени на смрт и стрелани.

1949.- Генералисимус Чанг Кај Шек, лидер на кинеските националисти (антикомунисти) кој со приврзаниците по поразот од страна на комунистите побегна од Кина, воспостави влада на кинескиот остров Формоз (Тајван).

1966.- При хаваријата на грчкиот ферибот „Хераклион“ кој потона во невремето кое го зафати островот Мелос, загинаа 234 патници и членови на екипажот.

1966.- Договорот за забрана на нуклеарното оружје во космосот го потпишаа 28 земји, вклучувајќи ги Советскиот Сојуз и САД.

1970.- Советот за безбедност на ООН усвои резолуција со која го осудува режимот на Лисабон поради вмешаност во обидот за соборување на гвинејската влада на Секу Туре.

1974.- Грците на референдум се изјаснија Грција да стане република, со што беше укината монархијата воспоставена во 1832 година.

1978.- Умре израелската државничка Голда Мабович Мејрсон, позната како Голда Меир, прва жена претседател на влада на Израел од 1969 до 1974 година. Од родниот Киев во 1906 година оди во САД, а во Палестина преминува во 1921 година. Беше раководител во Сојузот на синдикатите и Светската еврејска агенција, а од 1948 година стана првиот амбасадор на Израел во Советскиот Сојуз. Остави необично интересни мемоари.

1980.- Во Њујорк е убиен Џон Ленон, еден од основачите и “идолот” на британската музичка група “Битлси”. Роден е на 9 октомври 1940 година.

1991.- Русија, Белорусија и Украина формираа Заедница на независни држави.

1993.- Во Скопје, од 9 до 11 декември, во Универзалната сала, се одржа Првиот интернационален фестивал на ромската музика „Шутка фест“.

1995.- Во Лондон почна дводневната конференција на која наместо да се основа женевска Мировна конференција за поранешна Југославија, основан е Совет за остварување мир во 40 земји, вклучувајќи ја и СРЈ. За висок претставник  на меѓународната заедница во поранешна Југославија е избран шведскиот дипломат Карл Билт.

2000.- Поротата во Тенеси заклучи дека убиството на американскиот борец за чокови права од африканско потекло Мартин Лутер Кинг, кое беше извршено 32 години порано, не е акт на атентатор поединец, како што гласи во официјалната верзија, туку резултат на заговор.

2000.- Во Охрид е поставен камен-темелникот за обнова на црквата „Свети Пантелејмон“, која свети Климент ја изградил во 893 година.

2001.- Во знак на одмазда за минофрлачките напади на Палестинците врз еврејското население во појасот Газа, израелските борбени авиони ја гаѓаа палестинската зграда на разузнавачките служби и претседателската гарда на Јасер Арафат во Рафа, на југот од појасот Газа.

2001.- Од подметнат пожар изгоре црквата во манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓија“ во Мала Речица, Тетовско.

2005.- Во експлозија која ја предзивика бомбаш-самоубиец во автобус кој од Багдат возел за шиитскиот град Насирија, загинаа 32 лица, а 44 беа ранети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот