На денешен ден – 5 мај

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1821.- На островот Света Елена умре Наполеон Бонапарта, француски император и војсководец. Во 1804 година е крунисан за император. Сакајќи да го освои светот, а претходно покорувајќи ја половина Европа тргна во напад на Русија во 1812 година, но доживеа пораз. Во април 1814 година беше принуден да абдицира. Во 1815 година, повторно се обиде да дојде на власт и само по 100 дена престој во Париз, интерниран е на островот Света Елена, каде што умре. Роден е во Ајачио, на островот Корзика, на 15 август 1769 година.

1883.- Во Чуруг, Бачка, роден е Петар Коњовиќ, српски композитор, диригент и фолклорист. Познати се неговите опери „Милошевата женидба“, „Кнез од Зета“ и „Коштана“, која се вбројува во виситнско ремек-дело на српскиот музичко-сценски реализам и на националниот стил. Автор е и на делото „Варијации на македонска тема“, како и на други дела. Умре во Белград, на 1 октомври 1870 година.

1907.- Во Охрид е роден Петре Пирузе – Мајски, учесник во НОВ на Македонија, член на ГШ на НОВ и ПОМ и командант на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ, член на Президиумот на АСНОМ и друго. По Информбирото е осуден и испратен на Голи Оток. Умре во Охрид, на 12 јануари 1980 година.

1936.- Трупите на фашистичка Италија под команда на генерал Пјетро Бадољо го окупираа главниот град на Етиопија, Адис Абеба.

1948.- Една грчка вооружена терористичка банда го нападна селото Шестеово, Костурско, ја закла Тана Георгиева, ѕверски претепа повеќе жени, изврши грабеж, го истера населението од селото и запали повеќе куќи. Оттогаш убавото македонско село Шестеово, како и многу други, стана пусто.

1949.- Во Лондон е основан Советот на Европа. Комитетот на министри на Советот на Европа овој датум во 2000 година го прогласи за Ден на Европа.

1954.- Генерал Алфредо Штреснер во воен удар го собори претседателот на Парагвај, Федерико Чавез, започнувајќи ја на тој начин 34-годишната диктатура.

1955.- Западните сојузници го обновија суверенитетот на Западна Германија и ја примија во НАТО.

1961.- Од лансирната рампа на Кејп Канаверал на Флорида, САД, е лансиран вселенскиот брод „Меркјури“, првото американско вселенско летало со човечки екипаж со кое управуваше Ален Бартлет Шепард. Бродот достигна висина од 185 километри и после 15 минути се врати на Земјата.

1973.- Организацијата за исхрана и земјоделство (ФАО) при Организацијата на Обединетите нации ја извести јавноста дека поради сушата во Африка речиси шест милиони луѓе немаат со што да се хранат.

1977.- Умре германскиот државник и економист Лудвиг Ерхард, западногермански канцелар од 1963 до 1966 година.

1978.- Терористичката група „Црвени бригади“ соопшти дека го убила поранешниот премиер на Италија, Алдо Моро.

1981.- Боби Сендс е прв од десетмината припадници на Ирската републиканска армија кој умре во затворот Мејз во Северна Ирска како последица на штрајк со глад.

1984.- Во Лондон умре Дајана Дорс, британска актерка. Вниманието на филмските критичари, кои честопати и даваа епитет на “британски секс симбол”, го привлече со улогата во филмот “Крик во ноќта”, снимен во 1938 година. Родена е во Свиндон, на 23 октомври 1931 година.

1990.- Во Бон почнаа разговорите на претставници на СССР, САД, Велика Британија, Франција и двете германски држави за обединување на Германија.

1992.- Седумнаесет луѓе загинаа, а 1.900 беа повредени кога се урна привремено подигнатата трибина за време на полуфиналето на Францускиот куп меѓу „Марсеј“ и „Бастија“. Дополнителната трибина била изградена за да се зголемел капацитетот на стадионот.

1993.- Република Турција и Република Македонија воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади. За прв амбасадор на Република Турција во Република Македонија е назначен Суха Нојан.

2011.- Британецот Клод Чаулс, последниот ветеран од 70 милиони луѓе мобилизирани во Првата светска војна, почина во 110 година во Австралија. Чаулс беше роден во Англија во 1901 година, а во 1916 година служел во британската кралска морнарица, на бродот Непобедиви. По војната се преселил во Австралија каде од 1926 година служел во австралиската морнарица.

2014.- По долго боледување во Скопје почина писателот Науме Радически. Својот работен век го помина како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Член на Друштвото на писателите на Македонија беше од 1984 година. Науме Радически како поет, критичар, есеист и научен работник остави забележлива трага во развојните процеси на македонската литература. Објавил повеќе поетски книги, меѓу кои „Постоења и мотиви“, „Светол тажен вик“ и „Преображение човеково“. Автор е и на критичко-есеистичките и научни книги „Релации и континуитет“, „Метаморфоза“ и „Време без збор“.  Добитник е на наградата на ДПМ  „Димитар Митрев“ за критика  есеистика. Науме Радически е роден на 18 мај 1953 година во селото Мешеишта, Охридско.

2015.- На 67-годишна возраст починал Љубомир Демирев, еден од доајените на македонското новинарство. Целиот свој работен век го поминал во Македонската радио-телевизија, како новинар и уредник на Инофрмативната програма. Ќе остане запаметен во македонската јавност како известувач и уредник за настаните врзасни со процесот на македонската независност. Демирев бил автор и на повеќе документарни филмови.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот