На денешен ден – 3 ноември

на денешен ден
Фото: Instagram

1493.- Шпанскиот морепловец Кристофер Колумбо го откри островот Доминика.

1534.- Англискиот парламент ја призна црковната власт на кралот Хенри VIII, кој по раскинувањето со ромокатоличката црква стана поглавар на нововостановената англиска црква. Поглаварот на англиската црква традиционално е монарх, дури и ако е во прашање жена. Претходно папата одби да го поништи бракот на кралот со Катарина Арагонска, што предизвика прекин на односите меѓу Рим и Лондон. Хенри VIII се женел повеќе пати бидејќи немал машки наследник.

1801.- Роден е италијанскиот композитор Винченцо Белини. Го негувал стилот познат како белканто. Создавал оперски дела со изразита мелодика и богат колорит. Дела: оперите „Норма“, „Пират“, „Заира“, Капулети и Монтеки“, „Месечарка“, „Пуританци“.

1839.- Британија ја почна Првата опиумска војна против Кина која во 1842 година заврши со пораз на Кина. По поразот Пекинг беше принуден на големи трговски отстапки и отстапување на Хонконг (британското име беше Викторија) на Обединетото Кралство.

1852.- Роден е јапонскиот принц Муцухито, кој од 1867 година беше цар на Меиџи, со кого владеше до 1912 година. Јапонија ја преобрази во моќна и модерна држава, со почетна империјална експанзија. Го премести престолот од Кјото во Едо, кој го преименува во Токио.

1901.- Во Париз е роден Андре Марло, француски писател, есеист, теоретичар и историчар на уметноста. Учествуваше во Кинеската револуција и во Шпанската граѓанска војна. Кога Хитлер ја нападна Франција, веднаш беше мобилизаран, но набрзо беше заробен. Успеа да побегне од заробеништво и стана еден од најпознатите команданти на отпорот. Негови познати дела се романите „Кралски пат“, „Освојувачи“, „Човековата судбина“, и најпознатото негово дело „Антимемоари“. Умре во Париз, на 23 ноември 1976 година.

1903.- Колумбиската провинција Панама, по бунтувањето кое го иницираа САД и впловувањето во колумбиските води на американските крстосувачи „Нешвил“, се отцепи од Колумбија и прогласи независност. САД го режираа бунтувањето со цел поевтино да дојдат до зоната на каналот кога беше одлучено истиот дефинитивно да се доврши. Првиот брод помина низ Панамскиот канал во август 1914 година.

1906.- Германскиот психијатар Алојз Алцхајмер го објави извештајот под наслов „За чудната болест кортекс“. По него подоцна е наречена болеста која тој ја откри. Неговите колеги веднаш не ја сфатиле важноста на неговото откритие, но еден век подоцна Алцхајмеровото име е признато и познато во целиот свет.

1912.- Роден е Алфредо Штреснер, кој беше долгогодишен диктатор во Парагвај. Беше син на германски имигрант и парагвајска селанка, владеел 35 години, од 1954 кога дошол на власт со државен удар, до сменување со воениот пуч во 1989 година. Штреснер со децении им даваше прибежиште на големите нацистички офицери по Втората светска војна.

1918.- Во Падова, Италија, австро-унгарската војска потпиша капитулација, со што практично се распадна австро-унгарската монархија.

1944.- На предлог на Поверенството за просвета, Президиумот на АСНОМ донесе решение за отворање на гимназии во градовите: Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Велес и Охрид.

1946.- По поразот во Втората светска војна, власта во Јапонија од царот премина во јапонското собрание. Трационална Јапонија многу тешко ја прифати оваа промена бидејќи царот (микадо) во земјата се смета за боженство.

1954.- Умре Анри Матис, француски сликар и вајар. Почна како фовист, но со време стана попрефинет и сликаше со отмен колорит, за да заврши на крајот со чиста демокративност. Силно влијаеше врз модерното европско сликарство, чиј е еден од главните претставници. Роден е на 13 декември 1869 година.

1957.- Советскиот сојуз го лансираше „Спутњак 2“ првиот сателит кој со себе носеше живо суштество, кучето „Лајка“.

1951.- Со посебна уредба на владата на НР Македонија е формиран Отсекот за правни науки при Правно-економскиот факултет во Скопје. На 1 јули 1956 година Отсекот за правни науки се одвои како посебна високообразовна институција.

1961.- Генералното собрание на Обединетите нации, по смртта во авионска несреќа на Швеѓанецот Даг Хамаршелд, едногласно го избра бурманскиот дипломат У Тант за генерален секретар на оваа Светска организација.

1962.- СССР успешно ја лансира првата вселенска сонда во насока кон Марс.

1964.- Демократот Линдон Џонсон стана претседател на САД победувајќи го кандидатот на Републикатанската партија Бари Голдвотер.

1965.- Излезе првиот број на “Народен глас”, весник на општина Прилеп. Во почетокот излегуваше на 15 дена, а потоа излегува редовно секој петок. Го издаваше Центарот за печат, радио и телевизија Прилеп. “Народен глас” излегуваше и во текот на НОВ, а од 1961 до 1964 година излегоа четири броја.

1970.- Салвадор Ајенде, кандидат на Народниот фронт, како прв марксист во западната хемисфера избран на слободни избори, ја презеде должноста претседател на Чиле. Убиен е во 1973 година во државниот удар, кој со помош на САД власта ја приграби генералот Аугусто Пиноче.

1975.- Во Бангладеш група офицери го соборија Кандакар Мушак Ахмед, кој и самиот ја приграби власта со државниот удар три месеци пред тоа, но веќе на 7 ноември беше извршен уште еден државен удар и власта ја презеде Зиуар Рахман

1978.- Британска колонија, Островот Доминика стана независна држава.

1988.- Умре Круме Кепески, македонски педагог, лингвист, преведувач, собирач на македонски народни умотворби, граматичар, автор на првата Македонска граматика, објавена во 1946 година, како и на голем број учебници по македонски јазик, меѓу кои и “Граматика за средни училишта”. Роден е во Прилеп, на 8 април 1909 година.

1989.- Во Сремска Каменица умре Никола Солдатов, познат македонски новинар и долгогодишен ТВ коментатор. Тој е еден од основачите на Спортската редакција на Телевизија Скопје и како врвен сликар и ТВ репортер се вбројува во доајените на македонското спортско новинарство. Роден е во 1926 година.

1992.- Кандидатот на Демократската партија Бил Клинтон на изборите за претседател на САД го победи дотогашниот претседател на државата, републиканецот Џорџ Буш.

1992.- Генералниот конзул на Сојузна Република Германија во Скопје, Ханс Лотар Штепан, преку Министерството за односи со странство, ја извести Владата на Република Македонија, дека позитивно го решила нејзиното барање за отворање на Генерален конзулат на РМ во Бон.

1993.- Република Македонија доби статус на набљудувач во ГАТТ – Меѓународен договор за трговија и царински тарифи. Пристапувањето кон овој договор значи и добивање третман на најповластена нација и прифаќање на принципот на недискриминација. Исто така се отвори можност за институционално решавање на трговските и царинските спорови во сферата на размената.

1994.- Катастрофални поплави ја зафатија Северна Африка, а по два дена, на 5 ноември и Западна Европа.

1996.- Умре поранешниот самопрогласен централноафрикански цар Жан Бедел Бокасa, кој на власт дојде по воениот удар во 1966 и во 1972 година се прогласи за доживотен претседател, а од 1976 година за цар. Со военот удар го урна својот близок роднина, претседателот Давид Дакo, а во 1977 година за церемонијата на крунисување потрошил четвртина од бруто-националниот производ на земјата, менувајќи го називот од Централноафриканска република во Централноафриканско царство. Во текот на владеењето, кое го одбележа со неверојатна екстравагантност, расипување на државата и имотот и со злоделата врз сопствениот народ, повремено беше и претседател на владата, министер за одбрана, правда, информации, земјоделство и за сточарство, здравје, воена и цивилна авијација, на државниот копнен, речен и воздушен сообраќај, пошта и телекомуникации, трговија, индустрија, рударство. Од власт во 1979 година го собори претседателот Дако, кој потоа го укина таканареченото царство.

1997.- На Крит, во Грција, на 3 и 4 ноември е одржан првиот самит на шефовите на држави или влади на земјите од Југоисточна Европа – Грција, Турција, Македонија, Бугарија, Југославија, Романија и Албанија.  

2004.- Републиканецот Џорџ Буш, по вторпат е избран за претседател на САД. Џорџ Буш, кој е 43-тиот американски претседател, на должноста стапи на 20 јануари 2001 година. Буш е син на Џорџ Буш постариот, кој беше претседател на САД од 1989 до 1993 година.

2004.- Меѓу повеќе од 100 милиони гласови на претседателските избори во САД, првпат во историјата, еден глас пристигна дури од вселената. Гласот по електронски пат го испрати американскиот астронаут Лирој Чиао, кој престојуваше во мисија на Меѓународната вселенска станица. Тој гласаше преку „вселенскиот меил“ упатен на адреса на Контролната мисија на Американската агенција за вселенски истражувања (НАСА) во Хјустон, Тексас. Чиао, на тој начин, стана прв астронаут што гласал од вселената.

2004.- Хамид Карзаи беше и официјално прогласен за победник на историските избори за претседател на Авганистан. Во текот на претходните три години Карзаи беше на чело на привремената влада која беше составена кон крајот на 2001 година откако САД го рушија талибанскиот режим во Кабул.

2014.- Новиот облакодер на Светскиот трговски центар, највисокиот во Њујорк, што е изграден на местото на некогашните Кули близначки, разурнати во нападите од 11 септември 2001 година ги прими првите посетители – службениците на издавачката компанија „Конде Наст“. Облакодерот има 104 ката, а неговата изградба чинеше 3,9 милијарди долара. На неколку метри од новата зграда се наоѓа меморијалот и музејот во спомен на загинатите 2.753 лица од 11 септември 2001. Новиот облакодер e со височина од 541,30 метри и е раководен од организацијата „Даст. Светскиот трговски центар во Њујорк вклучува пет кули, меморијал, музеј, центар за јавен транспорт, 550.000 метри квадратни површина и простории за културни манифестации.

Видео на денот