На денешен ден – 3 јануари

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1875.- Умрел францускиот лексикограф и енциклопедист Пјер Атанас Ларус, издавач на „Големиот светски речник на XIX век“ во 17 тома. Издавачката куча „Ларус“ по неговата смрт продолжи со издавање на енциклопедиски и лексикографски дела.

1892.- Роден е англискиот писател Џон Роналд Руел Толкин, професор на англосаксонскиот (староанглиски) и англиски јазик и литература на Оксфордскиот универзитет. Дела: „Господар на прстените“, „Хобитот“, „Силмарион“.

1923.- Умрел Јарослав Хашек, чешки писател. Најпознат е по неговиот популарен хумористично-сатиричен роман „Доживувањата на добриот војник Швејк за време на светската војна“ во која ја разотркива сета бесмисленост и лудост на милитаризмот. Роден е на 30 јануари 1883 година.

1924.- Англискиот египтолог Хауард Картер во Долината на кралевите во близина на Луксор во Египет го пронајде саркофагот на фараонот Тутанкамон.

1926.- Грчкиот генерал Теодорс Пангалос се прогласил за официјален диктатор во Грција. Во август истата година е симнат од власт.

1929.- Роден е италијанскиот филмски режисер Серџо Леоне. Филмови: „Колосот од Родорс“, „За грст долари“, „Добар, лош и грд“, „Се викам Нико“, „Беше еднаш на Дивиот запад“, „Се случи во Америка“.

1942.- Во Норвешка во Втората светска војна Германија основа 23 концентрациони логори. Најзлогласни беа Бејсфорт, Ботн, Ерландет, Фалстад, Корган, Осен.

1945.- Во Арденим пропадна и последниот обид на германскиот водач Адолф Хитлер да го промени исходот од Втората светска војна бидејќи сојузничките армии на генералот Бернард Монтгомери и Омар Бредли во контраофанзива им нанесоа огромни загуби на нацистичките дивизии.

1945.- Во Скопје излезе првиот број на првото детско списание на македонски јазик во слободна Македонија “Пионер”. Негови први уредници биле познатиот македонски писател Славко Јаневски и професорот Јонче Јосифовски.

1961.- Соединетите Американски Држави ги прекинале дипломатските односи со Куба. Во април истата година кубанската армија и кубанскиот народ ја попречиле инвазијата на кубанските контрареволуционери кои со помош на САД се истовариле во Лас Вилас.

1977.- Меѓународниот монетарен фонд го одобрил дотогаш најголемиот заем во триесетгодишната историја на оваа организација. На Велика Британија и одобрил четири милијарди долари за поддршка на нејзината валута.

1987.- Во Скопје умрел доцент д-р Иван Влашки, шеф на Уролошката клиника на медицинскиот факултет во Скопје. Тој е основоположник на современата урологија и трансплантациите на бубрег во Македонија. Со своите стручни способности како хирург и педагог се стекнал со голем углед во земјата и во странство. Роден бил во 1930 година.

1987.- Во Скопје умрел Драган Ѓаконовски – Шпато, истакнат македонски композитор, диригент и музички аранжер. Зачетник на македонската забавна музика. Како автор на бројни забавни мелодии, на аранжмани за забавна и за џез музика на македонската сцена се појавил уште во првите повоени години. Бројни генерации се сеќаваат на неговите популарни композиции, како и на првата македонска џез композиција наречена “Тема I”, што тој ја создаде во далечната 1947 година. Бил извонредно надарен музички инструменталист кој ги формирал првите оркестри Ритмички секстет, Забавниот ансамбл и Биг-бендот на Радио Скопје. Роден е во Скопје, на 11 март 1931 година.

1993.- Претседателите на Русија и на САД, Борис Елцин и Џорџ Буш, потпишале договор за намалување за една третина на нуклеарните оружја.

1994.- Падот на рускиот патнички авион „тупољев – 154“ во Сибир не го преживеа никој од 124 патници и членови на екипажот.

1996.- Во Скопје почнала со работа канцеларијата за врски на Светската здравствена организација.

1996.- Во Скопје умрел д-р Христо Маловски, македонски историчар и педагог, професор на Филозовскиот факултет во Скопје. Роден бил во 1932 година.

1999.- Ирачкиот претседател Садам Хусеин ги отфрлил зоните на забрането прелетување кои на север и југ од Ирак ги воспоставиле западните земји, истакнувајќи дека ирачкиот народ храбро ќе им се спротивстави.

2004.- Падот во Црвено Море на египетскиот „боинг 737“ непосредно по полетувањето од аеродромот во Шарм ел Шеик не го преживеа никој од 148-те патници, повеќето француски туристи.

2006.- Француската влада ја укинала вонредната состојба, воведена во ноември 2005 година, поради немирите во сиромашните предградија на Париз и на другите француски градови во кои биле запалени околу 200 јавни установи, како и 10.000 возила. Повод за нередите била смртта на две момчиња од африканско потекло, кои настрадале од струен удар во трафостаница каде се криеле верувајќи дека зад нив има полициска патрола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот