На денешен ден – 29 ноември

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

– Меѓународен ден на солидарноста со палестинскиот народ.

1314.- Умрел францускиот крал Филип IV Убавиот, кој во 1306 година од Франција ги протерал сите Евреи и им го конфискуваше имотот. Во судирот за превласт го надминал папата Бонифаци VIII и ја пренесол папската столица во Авињон. Заради зајакнување на позицијата во борбата против ватиканските курии, во 1302 година првпат во историјата на Франција свикал Собрание на трите сталежи со што граѓанскиот сталеж почнал да учествува во политичкиот живот на земјата.

1543.- Умрел германскиот сликар Ханс Холбајн Младиот, еден од најзначајните светски портретисти. Посебно место заземаат портретите од англиското аристократско општество, изработени со креда во кралскиот дворец во Виндзор, каде бил дворски сликар на кралот Хенри VIII.

1643.- Во Венеција умрел Клаудио Монтеверди, еден од најистаканатите италијански оперски композитори од епохата на барокот. Роден бил во Кремона, на 4 декември 1567 година.

1780.- Умрела австриската царица, чешка и унгарска кралица Марија Терезија, која во текот на владеењето од 1740 до нејзината смрт ги спровела реформите во духот на просветниот апсолутизам, но вршела и германизација и насилно покатоличување.

1902.- Роден е италијанскиот писател Карло Леви, автор на романот „Христос застана во Еболија“, во кој го опишува тешкиот живот на италијанските селани за време на фашизмот. Во тоа време бил интерниран на југот на Италија.

1924.- Умрел италијанскиот композитор Џакомо Пучини. Неговите опери се одликуваат со силни емоции, патетичност и сентименталност. Дела: операта „Боеми“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Турандот“, „Манон Леско“, „Девојката од Запад“, „Џани Скики“.

1926.- Во Тетово била пуштена во редовно производство хидроелектраната “Пена”, прв и најстар хидроенергетски објект во Македонија. Изградена била во периодот од 1924 до септември 1926 година. Инвеститор бил Тетовското индустриско акционерско друштво формирано на иницијатива на Михајлович, руски емигрант кој живееел во Тетово.

1932.- Роден е францускиот државник Жак Рене Ширак, премиер од 1974 до 1976 и повторно во 1986, а претседател на Франција од 1995 до 2007 година.

1943.- Во Јајце почнало Второто заседание на АВНОЈ. Бил основан Националниот комитет за ослободување на Југославија. Декларативно било одлучено „Југославија да се изгради на демократски федеративен принцип како заедница на рамноправни народи“, а на кралската влада која пребегнала и било забрането враќање во земјата.

1943.- Народноослободителниот комитет на селото Сливово, Охридско, ја изрекол првата пресуда. Воедно тоа била и првата пресуда што ја изрекле органите на народната власт во НОВ на територијата на Македонија. Сослушувањето и пресудата ја изрекол Танаско Трајковски, а се однесувала за разрешување на имотните односи меѓу тројца селани. Странките се согласиле со донесената пресуда.

1945.- Во Југославија била укината монархијата и сите права на кралот Петар II Караѓорѓевиќ.

1947.- Генералното собрание на Обединетите нации изгласало поделба на Палестина, на еврејски и палестински дел. Ерусалим бил под контрола на Светската организација, а тоа во 1948 година овозможило создавање на државата Израел.

1949.- Во Скопје, на платото пред некогашната Женска гимназија бил откриен Споменикот на паднатите борци во НОВ на Македонија. Изработен е во бронза, а е дело на хрватскиот скулптор Иван Мирковиќ.

1973.- Во Маврови Анови било формирано Здружението на радиостаниците во Република Македонија.

1981.- Умрела американската филмска актерка Натали Вуд, која станала филмска ѕвезда уште како дете („Чудо на 34. улица“). Други филмови: „Бунтовник без причина“, „Сјај во трева“, „Трагачи“, „Приказна од западната страна“.

1990.- Советот за безбедност на Обединетите нации усвоил резолуција за употреба на сите мерки за истерување на Ирачаните од Кувајт доколку ирачките трупи не се повлечат до 15 јануари 1991 година.

1991.- Д-р Ксенте Богоев бил избран за нов претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

2001.- Умрел англискиот музичар Џорџ Харисон, поранешен член на „Битлси“, легендарната четворка од Ливерпул. Иако бил во сенка на тандемот Џон Ленон и Пол Макартни, значително придонесол во опусот на музичката група и создал повеќе незаборавни песни.

2003.- Во Велика Британија му бил одобрен политичкиот азил на водачот на чеченските исламски терористи Ахмед Закајев.

2006.- Во Рига на самитот на шефови на држави на земјите-членки на НАТО бил постигнат договор за прием на Србија во Партнерството за мир.

2011.- Исланд ја признал палестинската држава. За признавањето на Палестина како независна и суверена земја, заснована на границите пред војната во 1967 година гласале 38 од 63 пратеници. Одлуката била донесена на Денот на Обединетите нации за солидарност со палестинскиот народ и во неа се апелира до Израелците и Палестинците да постигнат мировна спогодба. Палестинците неодамна биле примени како полноправна членка во Агенцијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО). Исланд и Норвешка се приклучиле кон групата од 11 земји од Европската унија, кои го поддржале приемот.

2016.- Авион со кој патувале и фудбалери на бразилскиот клуб „Чапокоензе“, се урна во централниот дел на Колумбија. При падот на авионот загинаа 77 лица, од кои 19 фудбалери и 20 новинари кои патувале со екипата на „Чапокоензе“. Шестмина преживеаја, меѓу кои тројца фудбалери, еден новинар и двајца членови на екипажот.

2016.- Некогаш популарниот пејач Колонел Ејбрамс почина во 68-та година од животот. Ејбрамс врвот на кариерата го доживеа во 80-те години на минатиот век, а еден од неговите најголемите хитови беше „Trapped“ од 1985 година. Иако со музиката продолжи да се занимава и во следниот период, кариерата му тргна во надолна линија, па последните неколку години од животот ги помина како бездомник на улиците на Њујорк.

2018.- Почина академик Блаже Ристовски, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (на Групата за литература на народите на СФРЈ и македонски јазик), а по одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – живот и делото“ (1965), бил избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја (1977-1991) каде што раководел со тимот за културната историја и со Балканолошкото одделение, а до пензионирањето работи како научен советник во Институтот за старословенска култура во Прилеп (1993-1995). Академик Ристовски го посвети целиот свој работен век како неуморен и многу плоден истражувач на македонската литература, на јазичната и националната историја, на фолклорот, на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла, кои се објавени во голем број книги. Неговиот научноистражувачки интерес беше насочен кон истражување и афирмација на националните дејци од XIX и XX век – Крсте П. Мисирков, Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски, Петар Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Наце Димов и други. Објавил над 800 статии и други прилози во разни списанија и зборници на трудови во земјата и во странство. Собраните дела на Крсте Мисирков претставуваат еден од најзначајните проекти на академик Блаже Ристовски во МАНУ, којшто со документиран, аналитички и критички приод ја претстави панорамата на македонскиот културно-национален развиток во еден клучен период од нашата историја. Академик Блаже Ристовски бил член на редакциите на списанијата „Etnologia Slavica” (Братислава), “Demos” (Берлин), „Погледи“, „Современост“, Гласник на Институтот за национална историја (Скопје) и други. Бил претседател на Здружението на фолклористите на Македонија, на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет во Скопје. Ќе остане во сеќавање неговата целосна посветеност кон работата, кој со зрелоста на неговите научни достигнувања значајно придонесе во афирмацијата на македонската историографија. Од 1991 до 1992 година, академик Блаже Ристовски ја вршеше функцијата потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија. За дописен член на МАНУ е избран на 7 октомври 1988 година, а за редовен член на 20 јуни 1996 година. Беше научен секретар на МАНУ од 1999 до 2002 година, а во периодот од 2011 до 2015 година беше секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука. Академик Блаже Ристовски е роден на 21 март 1931 година во с. Гарниково, Кавадаречко.

2018.- По кусо и тешко боледување на 56-годишна возраст почина тапанарот на панк-рок групата Партибрајкерс, Игор Боројевиќ – Бора. Освен во „Партибрајкерс“, Бора бил тапанар и во групите „Потоп“ и „Банана“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот