На денешен ден – 28 јули
1586.- Томас Хериот од Колумбија ги донесол првите компири во Англија.
1741.- Умрел италијанскиот композитор и виолински виртуоз Антонио Вивалди. Познати негови дела се „L’ estro armonico“ и „Il cimento dell’armonia e dell’inventione“.
1804.- Роден е Лудвиг Фоербах, германски филозоф. Бил под влијание на Хегел, а потоа станал критичар на неговата филозофија. Од делата познати му се „Суштината на христијанството“, „Мисли за смртта на бесмртноста“, „Суштината на религијата“ и други. Умрел на 13 септмври 1872 година.
1821.- Аргентинскиот генерал Хозе Сан Мартин ја освоил Лима и прогласил независност на Перу, главно упориште на шпанските власти во Латинска Америка. Перу била шпанска колонија од 1531 година. Овој ден се слави како ден на независноста на Перу.
1904.- На Селечка Планина, во близина на селото Селце, Прилепско, во борба против османлиската војска загинал Никола Каранџулов, македонски револуционер, војвода и учител. Роден бил во Прилеп, во 1880 година.
1914.- Почнала Првата светска војна. По атентатот (на 23 јули 1914 година) извршен врз војводата Фердинанд во Сараево, владата на Австро-Унгарија ја обвинила Србија како причинител за атентатот и упатила ултиматум кој бил отфрлен. Тоа било повод Австро-Унгарија да и објави војна на Србија, три дена подоцна Германија и објавила војна на Русија, а на 3 август на Франција.
1937.- Јапонците ја окупирале кинеската престолнина Пекинг.
1945.- Во Скопје излегол првиот број на весникот „Трудбеник“, орган на Земскиот одбор на Единствените синдикати на Македонија. Весникот излегувал еднаш неделно.
1976.- Во земјотресот што го погодил кинескиот град Тангшан загинале најмалку 242.000 луѓе.
1996.- Во Белград умрел д-р Ставре Нолчев, доктор на медицински науки и доцент на Медицинскиот факултет во Скопје, специјалист по пневмофитизиологија. Роден бил во Кочани, на 20 април 1949 година.
2004.- Во самоубиствен напад во ирачкиот град Бакуба загинаа најмалку 68 лица.
2019.- Актерот Гоце Влахов, член на ансамблот на Македонскиот народен театар, почина во Скопје, на 70-годишна возраст. Од 1980 година до пензионирањето, Влахов беше дел од МНТ Скопје, иако оствари бројни улоги на оваа сцена од 1972 година. Гоце Влахов ќе остане запаметен по вештината со која го создаваше секој лик карактеристичен, секогаш сигурен во играта и страста кон театарот и претставата. Таа константност на играта му обезбеди важно место, место, за паметење, велат од МНТ. Првата улога на сцената на Македонскиот народен театар Гоце Влахов ја оствари во 1972 година во претставата „Крал Лир“. Тој оствари главни улоги во филмовите „Чекор пред времето“ во 2003 година и „Андер“ во 2004 година. А играше и во филмовите „Македонски дел од пеколот“ во 1971 година, „Јад“ во 1975 година, „Оловна бригада“ во 1980 година, „Сенки“ во 2007 година и „Мајки“ во 2010 година. Учествуваше и во снимањето на познатата тв серија „Македонски приказни“ од 1986 до 2012 година и во тв серијата „Тврдокорни“.