На денешен ден – 28 јануари

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

814.- Умре францускиот цар Карло Велики, кој од доаѓањето на престолот во 768 година до смртта во 814 година, ја прекрои картата на Европа и ја прошири француската држава од Севено Море до Италија и од Атлантик до Чешка. Папата Лав III во 800 година го круниса за римски цар. Тоа беше чин со трајни последици по историјата на Европа.

1457.- Роден е англискиот крал Хенри VII, татко нa Хенри VIII и основач на династијата Тјудор. Со неговото доаѓање на престолот во 1485 година е ставен крај на 40-годишната „Војна меѓу двете ружи“. Војната е наречена така бидејќи династијата Ланкастер, со која Хенри VII беше во сродство, на грбот имаше црвена, а династијата Јорк бела ружа. Престолот успеа да го осигура со победата во битката кај Босворт во 1485 година, во која загина кралот Ричарт III. Во 1486 година Хенри VII со стапувањето во брак со сестрата на Ричард III – Елизабета – ги обедини куќите на Ланкастер и Јорк.

1547.- Умре англискиот крал Хенри VIII, кој со раскинувањето со римокатоличката црква изврши црковна реформа. Притоа, во 1534 година Англиканската црква ја прогласи за независна од Ватикан со кралот, како врховен верски поглавар. Се женеше шест пати бидејќи немаше син наследник, а со Рим раскина кога не доби дозвола да се разведе од Катарина Арагонска за да се ожени со Ана Болен. Ја прошири власта на Велс, Шкотска и Ирска и успешно изгради силна флота која стана темел на подоцна силната англиска поморска моќ.

1596.- Умре англискиот гусар и адмирал Френсис Дрејк, прв Англичанец кој од 1577 до 1580 година го преплови светот. Неговите гусарски напади врз Шпанците битно придонесоа за англискиот поморски престиж и за подоцна успешно запоседнатите колонии, посебно во северна Америка. Одигра и една од клучните улоги во победата на британската воена морнарица во 1588 година над шпанската „Непобедива армада“. Се мисли дека тој во 1586 година прв го донесе компирот од Америка во Европа.

1689.- Англискиот парламент го објави повлекувањето на кралот Џеjмс II, последниот од династијата Стјуарт, поради наметнување на римокатолицизмот.

1821.- Прокламирана е независноста на Перу, со што, сепак, не беше дефинитивно завршено речиси 300-годишното колонијално владеење на Шпанија во таа латинскоамериканска земја. Шпанија се обидуваше уште три години да ја наметне својата власт во Перу.

1841.- Роден е англискиот новинар и истражувач Џон Роуландс, познат како Хенри Мортон Стенли. Тој во 1871 година се прослави со „спасувањето“ на шкотскиот истражувач Дејвид Ливингстон, за кого погрешно се веруваше дека се изгубил во Африка. До 1889 година повеќе пати патуваше во Африка при што ги откри езерата Албертово, Едвардово и Леополдово, како и планинскиот масив Рувензори, а вршеше и испитување на голем дел од басенот на реката Конго.

1871.- Франција капитулираше во војната со Прусија и го предаде Париз.

1878.- Во Њу Хевн, САД, пуштена е во употреба првата телефонска централа, две години подицна откако Александар Грејем Бел го патентираше телефонот.

1884.- Роден е швајцарскиот физичар и истражувач на морските длабочини Огист Пикар, професор на Универзитетот во Брисел. Ги проучуваше радиоактивноста, атмосферскиот електрицитет и вселенските зраци. Во 1931 година стана првиот човек кој доспеа во стратосферата – со балон до 15.780 метри, а во 1934 година дури и до 17.550 метри. Од 1938 година се спушти 48 пати во океанската длабочина и до 4.000 метри.

1887.- Во Лоѓ, Полска, е роден Артур Рубинштајн, пијанист и еден од најголемите интерпретатори на класичната музика во 20 век. Познат е по тоа што сакаше да ја комбинира страста за музиката со страста за животот. Првпат седна да свири клавир во својата четврта година, а на шест години имаше прв јавен настап во Варшава, на еден концерт за добротворни цели. Пред да наполни 20 години стана познат музичар, одржувајќи концерти во САД, во Латинска Америка и во Европа. Особено беше познат како хуманист. Јавно настапуваше до 1976 година. Умре во Женева, на 20 декември 1982 година.

1898.- Во Велес е роден Кирил Ќамилов, еден од македонските учесници во Шпанската граѓанска војна (1936-1939 г.). Умре во Скопје, на 8 септември 1976 година.

1906.- Роден е грчкиот партизански водач Вафијадис Маркос, командант на таканаречената Демократска армија на Грција (ДАГ) во граѓанската војна од 1946 до 1949 година.

1912.- Роден е американскиот сликар Џексон Полок, најистакнат претставник на апстрактниот експресионизам.

1918.- Владимир Илич Ленин од името на Советот на народните комесари на Советска Русија потпиша декрет за формирање на Црвената армија.

1919.- Во Берлин умре Франи Меринг, германски социолог и историчар, една од водечките личности на левото крило на германската социјалдемократија и на „Сојузот на спартаковците“ и еден од основачите на КП на Германија. Од неговите дела најзначајни се „Легенда за Лесинг“, „Историја на германската социјалдемократија“ и „Биографија на Каркл Маркс“. Роден е на 27 февруари 1864 година.

1928.- Умре шпанскиот писател и политичар Винсенте Бласко Ибањес. Светската слава му ја донесе романот „Четири јавачи на апокалипсата“. Во 1923 година кога во Шпанија беше заведена диктатурата тој ја објави брошурата „Разобличениот Алфонсо XIII“ која одигра важна улога во уривањето на монархијата. Во младоста го основа влијателниот весник „Ел Пуебло“. Останати дела: романите „Меѓу портокалите“, „Крв и арена“, „Хорда“, „Мртвите заповедуваат“, „Катедрала“, „Подрум“, „Колумбо“.

1930.- Во Шпанија е окончана диктатурата на Мигел Прима де Ривере.

1935.- Исланд стана првата земја во која е легализиран абортусот од медицински или социјални причини.

1939.- Умре ирскиот писател Вилијам Батлер Јејтс, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1923 година. Тој е еден од најголемите автори кој создаде дела на англиски јазик. Дела: поезијата „Оисиновите скитања“, „Ветер во трска“, „Остров на езерото Инисфри“, драмите „Грофицата Кетлин“, „Мачка и месечина“, есеите „Келтски сутон“, „Автобиографија“.

1943.- Германскиот нацистички водач Адолф Хитлер во Втората светска војна ја објави мобилизацијата за сите Германци способни за борба.

1945.- Во Скопје е отворена првата градинка во Македонија, за престој на деца од 4 до 7-годишна возраст, на кои им беа обезбедени храна и воспитување преку денот, додека нивните родители беа на работа.

1950.- Француското собрание ја ратификува спогодбата со која Виетнам, Лаос и Камбоџа станаа независни држави во рамките на Француската унија. Дотогаш тие земји беа составен дел на Француска Индокина со статус на колонија.

1962.- Американскиот вселенски брод без екипаж „Ренџер III“ наместо да се спушти на Месечината ја промаши целта за 35.300 километри.

1980.- Во Љубљана умре Цирил Космач, еден од најголемите современи словенечки писатели. Ги напиша збирките раскази „Среќа и леб“, „Од мојата долина“, „Пролетен ден“, романот „Балада за трубата и облакот“ и други дела. Роден е во селото Слан, на 28 септември 1910 година.

1986.- Две минути по полетувањето во вселената, американскиот вселенски брод “Челенџер”, експлодира над Кејп Канаверал и во парчиња се урна во водите на Атлантикот. Тоа беше најголемата несреќа што се случила во космичките летови во која загинаа сите седум членови на екипажот.

1987.- Во Варшава умре професорот Адолф Циборовски, истакнат архитект и член на Државниот совет на НР Полска. Долга низа години беше главен урбанист и архитект на повоената изградба на Варшава. Големи заслуги има и за обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година.

1990.- Полската обединета работничка партија (комунистите) е расформирана, а е основана Социјалдемократија на Република Полска која се определи за пазарно стопанство и демократска држава. Лидерот на новата партија Алекандар Квашњевски во 1995 година стана шеф на државата, победувајќи го на изборите Лех Валенса.

1995.- Во најкрвавиот судир од почетокот на насилствата на исламските терористи во Египет загинаа 14 терористи, двајца полицијаци и двајца минувачи кои се најдоа во вкрстениот оган.

1996.- Во Париз умре Борне Хогарт, илустраторот на „Тарзан“. Роден е во Чикаго, на 25 декември 1911 година.

1996.- Во Њујорк умре Јосиф Бродски, руски писател. Во 1987 година ја доби Нобеловата награда за книжевност, а во 1991 година стана добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Од делата познати му се „Песни и поеми“, „Станица вo пустина“, „Крај на прекрасната епоха“ и „Римски елегии“. Роден е во Санкт Петербург, на 24 мај 1940 година.

1998.- Во Индија се осудени на смрт 26 лица обвинети за учество во заговорот за убиство на поранешниот претседател на владата Раџив Ганди.

2002.- Еквадорскиот авион „Боинг 727“ се урна во вулканот Кумбал во Колумбија при што загинаа сите 92 патника и членови на екипажот.

2004.- Во Скопје умре Алаетин Тахир, писател, литературен критичар, есеист и новинар од турската националност во Македонија. Автор е на книгите „Апартман 18“ и „Портрет“. Роден е во Скопје, на 23 април 1949 година.

2004.- Комисијата на лордот Катон симна каква било одговорност од британскиот премиер Тони Блер за самоубиството на експeртот за ирачкото оружје Дејвид Кели, обвинувајќи ја ББЦ за начинот на информирање за овој настан. Претседавачот на управата на ББЦ Гевин Дејвис поднесе оставка. Кели, наводно заради „грижа на совеста“, изврши самоубиство.

2006.- Во полскиот град Катовице поради тежината од големиот снег падна покривот на сајмиштето во моментот кога во објектот се наоѓаа околу 700 луѓе. Загинаа 64 лица, а беа повредени 160.

2008.- Умре поглаварот на Грчката црква, архиепископот атински Христодулос. За атински архиепископ беше избран во 1998 година, како најмлад архиепископ за последните 157 години. Работејќи на подобрување на односите со Ватикан, во 2001 година во Атина го прими тогашниот папа Јован Павле Втори, прв римски поглавар што ја посетил Грција во последните илјада години.

2013.- Почина првиот Африканец светски рекордер на 10.000 метри, Кениецот Самсон Кимобва. Тој почина на 57 години од тешко заболување на панкреасот. Кимобва го собори светскиот рекорд во Хелсинки во 1977 година. Тој беше тренер и ментор на познати атлетичари меѓу кои и тројниот светски шампион на 3.000 метри стипл Мозес Киптануи и актуелниот светски рекордер во оваа дисциплина Саиф Саед Шахин. Кимобва беше професор по математика и физика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот