На денешен ден – 27 октомври

на денешен ден
Фото: Instagram

1505.- Умре рускиот владетел Иван III Васиљевич, наречен „Иван Велики“, кој ја направи Русија многу моќна. Во 1480 година ја ослободи Русија од монголските власти. Настојуваше да ја зајакне централната власт. Ја почна изградбата на камени кули, како и палатата Кремљ во Москва.

1553.- Мигел Сервето, шпански лекар и теолог беше спален. Тој откри дека крвта во црниот дроб циркулира преку десната комора на срцето. Главно работше во Франција каде ја објави статијата „Christianismi restitutio“ во која ја отфрли апсурдната христијанска доктрина за Светото тројство, што предизвика гнев кај римокатолиците и протестантите. На барање на водачот на швајцарските протестанти Жан Калвин беше уапсен во Женева, во која се криеше од римокатоличката инквизиција и потоа беше осуден на смрт со спалување бидејќи неговото учење беше прогласено за јеретско.

1662.- Англискиот крал Чарлс II за 2,5 милиони ливри (400.000 фунти) го продаде француското пристаниште Денкерк на брегот на Ла Манш.

1676.- Турција и Полска склучија мир во Зуравна.

1728.- Роден е англискиот мореполовец Џејмс Кук, наречен „Капетан Кук“, најголемиот истражувач на Тихиот Океан. На првото патување од 1768 до 1771 ја разреши тајната за Австралија, го обиколи Нов Зеланд и утврди дека Нова Гвинеја е остров. Од 1772 до 1775 година ги истражува островите во Тихиот Океан, а од 1776 до 1779 година прв ја обиколи Аљаска и ги откри Хавајските Острови. Убиен е во 1779 година на Хаваи од островјаните.

1782.- Во Џенова е роден Николо Паганини, италијански виртуоз на виолина и композитор. Беше ненадминат мајстор на виолинската техника и му беше припишувана дури и маѓиска моќ. Компонираше виолински концерти, сонати, камерна музика и познатите “каприча” за соло виолина. Умре во Ница, Франција, на 27 мај 1840 година.

1806.- Францускиот цар Наполен I Бонапарта по победата кај Јен над Прусија го зазеде Берлин.

1811.- Роден е американскиот пронаоѓач Ајзак Мерит Сингер, кој во 1851 година ја направи првата машина за шиење, за масовна употреба.

1858.- Роден е американскиот државник Теодор Рузвелт, претседател на САД од 1901 до 1909 година, чија политика создаде светска сила од дотогаш изолираната Америка. Должноста шеф на државата ја презеде како потпретседател на САД, по убиството на претседателот Вилијам Мекинли во 1901 година. Иницијатор е на изградбата на Панамскиот канал, а за посредување во руско-јапонската војна во 1905 година во 1906 ја доби Нобеловата награда за мир.

1867.- Италијанскиот револуционер Ѓузепе Гарибалди го почна маршот на Рим во обид да го ослободи градот од папската власт.

1898.- Во Велес е роден Димче Зографски, македонски револуционер и општествено- политички работник. Во младоста се вклучи во македонското национално движење. Поради својата револуционерна дејност е осуден на пет години затвор. За време на НОВ на Македонија работеше во Акциониот комитет за создавање и ширење на народноослободителното движење, за што е интерниран од бугарската окупаторска власт. Умре во Скопје, на 3 јуни 1985 година.

1914.- Роден е велшкиот писател Дилен Марле Томас, поет со силна реторичка дарба, свежи и прецизни слики и со нови и уверливи ритмови.

1918.- Британските, француските и италијанските сили во Првата светска војна на италијанскиот фронт по тридневни борби ја поразија хабзбуршката војска. Австроунгарската армија се распадна, бидејќи војниците го фрлија оружјето и заситени од војна, се вратија во родниот крај. За само неколку дена беа заробени 427.000 војници кои не даваа отпор.

1920.- Седиштето на меѓународната организација Лига на народите (основана е на 19 април 1919 година со задача да го зачува светскиот мир, колективната безбедност и политичката независност на земјите-членки на Лигата на народите) од Лондон е префрлено во Женева, Швајцарија. Во тој град многубројните институции на Лигата на народите останаа се до 1945 година, кога и формално беше укината, отстапувајќи и го местото на Организацијата на Обединетите нации.

1920.- Во Битола е роден Стефан Наумов – Стив, народен херој на Македонија. Потекнува од печалбарско семејство. По завршувањето на гимназијата во Битола, во 1938 година се запиша на Техничкиот факултет во Белград, каде што веднаш му пристапи на напредното работничко движење, поради што беше често затворан. По враќањето во Битола, во 1940 година беше избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ за Битола. Во април 1942 година го формира Битолскиот НО партизански одред “Пелистер”. Загина (се самоуби) во борбата против бугарската фашистичка војска и полиција кај селото Болно, Ресенско, на 12 септември 1942 година.

1922.- Под притисок на фашистичкото движење на Бенито Мусолини, италијанската влада поднесе оставка.

1947.- Во Лерин е извршена смртна пресуда врз 13 Македонци од селото Герман, Леринско, обвинети за соработка со партизаните.

1956.- По референдумот со кој жителите во областа Сар гласаа за приклучување кон Западна Германија, владите на Бон и Париз се договорија за дефинитивно решавање на проблемот со спорната територија. Сар и е вратен на Германија, но до крајот на 1959 година Сар остана во стопанската унија на Франција.

1966.- Генералното собрание на Обединетите нации на Јужна Африка и го одзеде туторскиот мандат врз Југозападна Африка (Намибија).

1971.- Владата на Конго соопшти дека името на државата е сменето во Република Заир.

1973.- Мировните сили на Обединетите нации стигнаа во Каиро за да ја обезбедуваат линијата на раздвојување меѓу египетските и израелските сили.

1973.- Умре Семјон Михаилович Буѓони, советски маршал, еден од ветераните на Октомвриската социјалистичка револуција во Русија, висок воен раководител во Советскиот Сојуз и член на ЦК КПСС. Роден е во 1883 година.

1978.- Египетскиот претседател Анвар ел Садат и израелскиот премиер Менахем Бегин ја добија Нобеловата награда за мир.

1990.- Во Рим умре Уго Тањаци, прочуен италијански артист, кој со подеднаков успех во 50-те години играше и комични и драмски улоги. Роден е во 1922 година.

1991.- Советската република Турменистан ја прогласи независноста од Москва.

1993.- Во Лос Анџелес умре Винсент Прајс, американски артист, холивудски ветеран, ѕвезда на класичните хорор филмови, како што се: “Куќа од восок”, “Равен” и други. Роден е во 1911 година.

1993.- Во Женева, Советот на претставниците на ГАТТ (Општ договор за трговија и царини) донесе одлука со која Република Македонија доби статус на посматрач.

1994.- Стејт департментот одлучи во поранешна Босна и Херцеговина да упати 15 официри на САД заради интеграција на муслиманските и хрватските војски и воспоставување на заедничка команда на армијата на муслиманско-хрватската федерација.

1994.- Фестивалот „Охридско лето“ е примен во Европската фестивалска унија.

1996.- Во каирското предградие Хелиополис се урна станбена зграда, усмртувајќи 64 луѓе.

1998.- Герхард Шредел ја презеде должноста канцелар на Германија, ден по оставката на Хелмут Кол, кој беше поразен на изборите кои се одржаа претходниот месец.

1999.- Вооружени напаѓачи упаднаа во Парламентот на Ерменија и во Ереван каде убија девет луѓе, вклучувајќи ги премиерот Вазген Сарксијан, претседателот на парламентот Карен Демиркијан, двајца негови заменици и еден министер.

2003.- Во серија експлозии на автомобил-бомби пред седиштето на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и четири полициски станици во Багдат, во почетокот на најголемиот верски празник на муслиманите – Рамазан, загинаа преку 40, а ранети беа околу 200 лица.

2005.- Во предградие на Париз населено со арапски имигранти, почнаа повеќенеделни нереди кои се проширија и во другите француски градови во кои две лица загинаа, 4.500 луѓе беа уаспени, а  8.700 автомобили и 200 јавни згради беа запалени.

2011.- Европскиот парламент годинешната награда „Сахаров 2011“ која се доделува за слобода на духот и ја додели на Арапската пролет, поточно на петмина активисти кои беа вклучени во арапската пролет во четири арапски земји. Наградата Сахаров 2011 ја добија Асмаа Махфуз од Египет, Ахмед ал-Зубаир, Ахмед ал-Сануси од Либија, Разан Зеитунен и Али Фарзат од Сирија и постхумно Мохамед Буазизи од Тунис. Наградата „Сахаров“ која го носи името на советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, се доделува од ЕП од 1988 година на лица и организации кои придонесуваат и се борат за човековите права и демократијата. Наградата е дотирана со 50.000 евра.

Видео на денот