На денешен ден – 27 јули

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

916.- Во Охрид се упокоил Свети Климент Охридски, средновековен писател и педагог, ученик на светите Кирил и Методиј, основоположник на Охридската книжевна школа, прв словенски епископ во Македонија, патрон на градот Охрид и на Македонската православна црква. Роден бил околу 830 – 840 година.

1824.- Роден е францускиот писател Алексадар Дима Синот, кој ги удрил темелите на народниот драмски театар. Напишал 16 театарски пиеси, вклучувајќи ја и драматизацијата на романот „Дамата со камелии“. Други дела: драмите „Незаконски син“, „Дениза“, „Господинот Алфонс“, „Полусвет“.
1830.- Во Франција избила тридневната „Јулска револуција“ предизвикана од одлуката на кралот Шарл Десетти Бурбонски да ја укине слободата на печатот. Тој го распуштил штотуку избраното собрание и извршил измени во изборниот закон. Парижаните подигнале барикади и успеале да го соборат кралот Шарл Десетти, а на престолот го донесле Луј Филип, кој како крал на Франција владеел до револуцијата во 1848 година, кога Франција повторно станала република.

 

1835.- Во Вал ди Кастело, Тоскана, е роден Џозуе Кардучи, италијански поет, книжевен историчар и неокласичар. Напишал голем број песни и книжевни, естетски и филозофски студии. Познати се неговите дела „Варварски оди“, „Рими и ритми“ и други дела. Во 1906 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Болоња, на 16 февруари 1907 година.

1841.- Во Пјатогорскиј умрел Михаил Јурјевич Лермонтов, руски писател. Делата што ги напишал уште како сосема младо момче претставуваат толку зрели уметнички остварувања што влегле во сите збирки и антологии. Го напишал романот „Јунак на нашето време“ и низа поеми. Роден бил во Москва, на 15 октомври 1814 година.

1867.- Роден е шпанскиот композитор и пијанист Енрике Гранадос и Кампања. Дела: клавирска збирка „Гојекас“, „Шпански игри“.

1907.- Во Љуботин, Црна Гора, е роден Петар Лубарда, еден од најголемите црногорски сликари. Работел слики, пастели и фрески инспирирани од пејзажите на Црна Гора, Париз и Дубровник. Од делата познати му се „Косовската битка“, „Гуслар“, „Пламен“, „Борба на коњи“ и други. Умрел во Белград, на 13 февруари 1974 година.

1915.- Во Фиренца роден е италијанскиот оперски пејач Марио дел Монако, еден од најпрочуените во светот. Умрел во Венеција, на 17 октомври 1982 година.

1917.- Умрел швајцарскиот хирург Емил Теодор Кохер, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1909 година. Тој ја испитувал функцијата на штитната жлезда и значително придонесол за развојот на современата хирургија.

1921.- Канадските лекари Фредерик Грант Бентинг и Чарлс Бест првпат го изолирале инсулинот, што набрзо овозможило ефикасно лекување на дотогаш смртоносната шеќерна болест.

1955.- Република Австрија повторно станала суверена држава. Австрија во 1938 година била окупирана и припоена кон Германија, а по Втората светска војна уште десет години била под окупација на сојузничките држави.

1970.- Во Лондон умрел Џон Барбироли, еден од најголемите диригенти на светот, основач на камерниот оркестар „Барбироли“, диригент на операта Ковент Гарден, директор на Њуроршката филхармонија и диригент на оркестарот „Хале“ во Манчестер. Роден бил во Лондон, на 2 декември 1899 година.

1980.- Во Каиро умрел иранскиот шах во бегство Мохамед Реза Пахлави, кој 37 години владеел со Иран. Роден бил во 1819 година.

1981.- Почнала со работа новата Железничка станица во состав на Транспортниот центар во Скопје. Последниот воз од Старата железничка станица заминал во 11 часот и 30 минути, а првиот воз на новата железничка станица стигнал во 12 часот и 35 минути.

1984.- Во Лозана, Швајцарија, умрел Џемс Мејсн, познат британски актер, кој многу генерации го паметат по голем број успешни артистички остварувања во повеќе од 80 филмови и театарски дела. Филмови: „Бегалец“, „Човек во сиво“, „Ѕвездата е родена“, „Јулиј Цезар“, „Лолита“, „Лордот Џим“, „Галеб“, „Убиство по нарачка“.  Роден бил во 1909 година.

1984.- На патот Скопје – Приштина, во сообраќајна несреќа загинал Вецко Домазетовски, македонски писател, литературен критичар и новинар. Роден бил во Белград, на 10 јануари 1950 година.

1990.- Белорусија прогласила независност од Советскиот Сојуз.

1992.- Во Скопје, во чест на започнувањето на курсот за дообука, во касарната “Кузман Јосифовски – Питу” бил одбележан почетокот на високото воено школство во Република Македонија.

1996.- Во текот на Олимписките игри во Атланта експлодирала бомба во забавен парк, усмртувајќи двајца и повредувајќи 110 луѓе.

2001.- Умрел Ацо Петровски, филмски работник, продуцент и режисер. Бил претседател за кинематографија во владата на Н.Р Македонија во 1947 година. Ја формирал Кинотека на Македонија и бил нејзин прв директор. Има режирано повеќе документарни филмови: „Велигденски адети“, „Галичка свадба“, „Азот“, „Дервиши“ и други. Продуцент е на играните филмови: „Време без војна“, „Најдолгиот пат“, „Оловна бригада“, „Татко“, „Дубровски“ и други. Роден бил на 12 мај 1923 година во Тетово.

2007.- Во експлозија на камион-бомба во Багдад, во близина на пазарот Карадах, препоплн со купувачи, во шиитскиот дел од градот, загинале 61 лице, а 94 луѓе биле ранети. Од експлозијата изгореле десеттина автомобили, а се запалила и трикатна зграда.

2008.- Умрел египетскиот режисер Јусуф Шахин. Негови познати филмови: „Земја“, „Алексадријо, зoшто?“, „Египетска приказна“, „Имигрант“, „Хаос“. Во Кан во 1997 година му била доделена специјалната награда за животно дело. Заслужен бил за пробивот на Омар Шариф, единествениот светски успешен арапски актер.

2008.- Умрел лордот Дејвид Расел – Џонстон, поранешен претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и негов известувач за Косово и Метохија. На оваа функција бил од 1999 до 2002 година.

2020.- На 82-годишна возраст, во Скопје почина композиторот и музички педагог, Благој Цанев. Тој е првиот дипломец на основаната Висока музичка школа, подоцна Факултет за музичка уметност, каде подоцна дипломира и на Одделот по композиција, во класата на Властимир Николовски. Цанев работеше како професор во Средното музичко училиште, а потона и на ФМУ. Неговиот опус бележи дела од повеќе музички родови, а најзначајни се оние во хорскиот, камерниот и солистичкиот жанр. Композициите на Цанев се базираат врз неоромантичната и неокласичната естетика, со дискретна примена на елементи од македонскиот фолклор. На полето на камерната музика ги остварува најзначајните творечки достигнувања како „Соната ин Ес“, за кларинет и пијано, од 1972 година, доживеа бројни изведби од домашната музичка репродуктива. За својата работа, Благој Цанев е добитник на највисоките државни награди како „11 Октомври“ и „Климент Охридски“, како и стручните „Панче Пешев“, „Трајко Прокопиев“ и други. Роден е во Свети Николе во 1937 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот