На денешен ден – 25 ноември

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм
Карнеги

1835.- Роден е американскиот индустријалец од шкотско потекло Ендрју Карнеги, кој огромното богаство го вложи во добротворни цели, главно за основање на јавни бибилиотеки во САД и други земји. Тој ги услови локалните власти да го отстапат земјитешто за зградите на библиотеките и да го обезбедуваат нивното одржување. Од работниот однос се повлече во 1901 година, 18 години пред смртта, а во 1900 година ја објави „Евангелие на богатството“, со тезата дека „богатиот човек умира срамно“.

1844.- Роден е германскиот инженер Карл Фридрих Бенц, кој во 1885 година конструира еден од првите автомобили. Ја основа компанијата „Бенц“ за изработка на бензински мотори и автомобили, од која со здружување настана „Дајмлер – Бенц“.

1874.- Шпанија е прогласена за уставна монархија и на власт е вратена Бурбонската династија. Во 1876 година беше донесен по форма либерален, а всушност реакционерно-монархистички устав, кој остана на сила се до 1931 година.

1881.- Роден е италијанскиот свештенк Анѓело Ѓузепе Ронкали, кој под името Јован XXIII стана папа од 1958 до смртта во 1963 година. Тој беше водач на реформските струји во римокатоличката црква. Во 1962 година го свика Вториот (ватикански) екуменски собор на кој ги најави црковните реформи.

пиноче

1915.- Роден е чилеанскиот диктатор генерал Аугусто Пиноче Угарто, кој со помош на САД во 1973 година со воен удар го тргна претседателот на Чиле Салвадор Аљенде. Од власта се симна по изборниот пораз во 1990 година, но како доживотен сенатор задржа значително политичко влијание до 1998 година, кога беше уапсен во Лондон на барање на Шпанија која побара негова ексдрадиција.

1920.- Во Скопје избувна штрајк на 120 кројачки работници, кои бараа зголемување на надниците за 10 насто и воведување на осумчасовен работен ден. Работодавците беа категорични против исполнувањето на скромните барања на штрајкувачите, но сепак штрајкот заврши со делумен успех.

1923.- Во селото Крчишта, Костурско, е роден Михаил Апостолов – Гранати, македонски револуционер и борец за слобода на Македонија, активист и организатор на НОФ за Егејска Македонија. На планината Грамос, во месноста Клепчево, во моментот кога заедно со своите соборци, како политички комесар на баталјон на ДАГ, јуначки се бореше и јуришаше во една од најтешките борби против грчката владина војска, загина на 31 март 1948 година.

Кочо Рацин

1939.– Во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излезе од печат збирката песни “Бели мугри” од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин. Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна. Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставуваше стремеж за афирмација на македонската национална култура.

1941.- Во Втората светска војна загинаа 848 британски морнари кога германска подморница го потона британскиот воен брод „Барам“.

1959.- Умре францускиот филмски и театарски актер Жерар Филип, чија улога се одликуваше со голем сензибилитет. Во театарот со огромен успех ги играше главните улоги во драмите на Вилијам Шекспир, Албер Ками, Пјер Корнеј, Хајнрих фон Клајст, Алфред де Мисе. Филмови: „Ѓавол во тело“, „Фанфан Лале“, „Убавица на ноќта“, „Црвено и црно“, „Големи маневри“, „Опасни врски“, „господин Рипо“.

1970.- Јапонскиот писател Јукио Мисима јавно ритуално се самоуби во знак на протест против уништување на традиционалните вредности на Јапонија од страна на САД. Дела: „Исповед на маската“, „Шумот на брановите“, „Златен павиљон“, „По банкетот“.

1971.- Данска и Норвешка како први членки на НАТО воспоставија дипломатски односи со Северен Виетнам.

1973.- Во Грција е извршен државен удар во кој е соборен диктаторот Пападопулос. Новата хунта на чело со генерал Гизикис веќе следната година им ја предаде власта на политичарите, па Константин Караминлис ја формира првата влада на национално единство.

1974.- Во Велика Британија вон закон е ставена терористичката Ирска републиканска армија, четири дена по подметнувањето есклозив во два паба во Бирмингем при што загинаа 21 лице.

1974.- Умре У Тант, бурмански дипломат, трипати по ред генерален секретар на ООН (1962 до 1971). Конго, берлинската и кубанската криза, војната во Виетнам, пресметките на Блискиот Исток и индиско-пакистанскиот судир беа драматичните настани со кои се соочуваше У Тант. Роден е на 22 јануари 1909 година.

1992.- Собранието на Чешка гласаше за поделба на Чехословачка на посебни држави Чешка и Словачка од 1 јануари 1993 година.

1993.- Во Лондон умре  Антони Барџис, британски писател на романи и литературен критичар. Најпознат е по романот „Пеколниот портокал“. Роден е во 1916 година.

2003.- Американската приватна компанија ATC (Advaced Cell Technology) од градот Вустер во Масачусетс соопшти дека клонирала човечки ембрион. Оваа компанија е првата на која овој изум и тргна од рака, тврдејќи дека тоа го направила заради унапредување на лекувањето на разни болести, а не заради создавање вештачки човечки суштества.

2005.- Умре британскиот фудбалер Џорџ Бест, поранешен фудбалер на Манчестер Јунајтед, репрезентативец на Северна Ирска и еден од најдобрите фудбалери во светот во шеесетите години на 20. век. Тој беше најзаслужен за победата на новиот тим во 1968 година со која стана првиот англиски клуб кој го освои Купот на европските шампиони.

2005.- Палестинскиот претседател Махмуд Абас го отвори граничниот премин Рафа, од појасот Газа во Египет со што им овозможи на Палестинците првпат од 1967 година да влегуваат во оваа соседна земја и преку неа подалеку во светот, без контрола на израелските сили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот