На денешен ден – 24 февруари

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1525.- Во битката кај Павија, во Италија, шпанската армија за првпат во историјата на војните ги употребила пушките „мушкети“ и притоа ја победи француско-швајцарската војска. Во таа битка загинале 14.000 војници.

1779.- Британскиот морепловец и прославен патник околу светот, Џемс Кук, по низа опасни искушенија доживеал неславен крај. Поради непретпазливост на Хаваите, бил убиен во ненадејниот жесток судир со жителите на островот. Роден бил во 1728 година.

1786.- Роден е германскиот писател Вилхелм Грим, собирач на народни бајки и умотворби, кој како и повеќето други дела ги објавувал во соработка со постариот брат Јакоб. Покрај тоа ја проучувал и митологијата.

1815.- Умрел Роберт Фултон, северноамерикански инженер и пронаоѓач. Ја конструирал првата машина за предење лен, во 1807 година го изградил првиот употреблив параброд „Клермонт“, кој запловил по реката Хадсон кај Њујорк, а бил творец и на првиот брод на пареа. Роден бил на 14 ноември 1765 година.

1852.- Роден е англискиот писател од ирско потекло Џорџ Огастас Мур, автор на реалистички и натуралистички романи. Дела: „Модерен љубовник“, „Естер Вотерс“, „Аве“, „Спомени од мртвиот живот“, „Салве“, „Вале“.

1882.- Во Физиолошкото друштво во Берлин, бактериологот Роберт Кох изјавил дека причината за туберкулозата е патогениот микроорганизам со долгнавест облик, кој според него, е наречен кохова бактерија.

1887.- Париз и Брисел станале првите две престолнини поврзани со телефонска врска.

1920.- Во Минхен Хитлер ја објавил програмата на Националистичката странка.

1946.- Хуан Перон бил избран за претседател на Аргентина.

1946.- Во Скопје, на иницијатива на македонските уметници Никола Мартиновски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Здравко Блажевиќ, Борко Лазески и на други, било формирано Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).

1976.- Во Охрид умрел Димитар Митрев, македонски литературен критичар и есеист, публицист, академик, професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Негови познати дела се „Пиринска Македонија во борба за национално ослободување“, „Вапцаров“, „Критики и огледи“. Роден бил во Деде Агач, на 4 октомври 1919 година.

1990.- Умрел италијанскиот државник Алесандро Пертини, поранешен претседател на Италија, најпопуларен италијански политичар по Втората светска војна. За шеф на државата бил избран во 1978 година и таа должност ја обавувал до 1985 година, кога се повлекол од јавниот живот.

1991.- Неколку часа по последниот обид на советската дипломатија да го спречи судирот, почнала офанзивата на американските сили и нивните сојузници во Заливската војна против Ирак во која од двете страни учествувале повеќе од 1,3 милион војници. Целта на офанзивата била присилување на Ирак да го напушти Кувајт, кој бил окупиран на 1 август 1990 година.

2003.- Поради штрајк на вработените во НИП „Нова Македонија“ не излегувле весниците „Нова Македонија“, „Вечер“ и „Бирлик“. Весниците почнале одново да излегуваат на 5 март 2003 година.

2006.- Во Скопје на 70-годишна возраст починал спикерот Томе Саздов, еден од дојаените на спикерската професија. Слушателите го паметеле по препознатливиот глас со кој 40 години непрекинато поминал пред микрофоните на Радио Скопје. Саздов бил и еден од првите водители на многу манифестации на македонската естрада, а се занимавал и со проучување на говорот и правоговорот на Македонското радио.

2013.- Во 84-та година од животот починал писателот Петар Костов. Бил член на ДПМ од 1971 година. Роден бил во Битола во 1928 година. Работел во Македонската радио-телевизија. Оставил богат прозен и драмски опус. Автор е на книгите „Бог да го прости Чарли“, „Пак кукуригаат црвените петли“, „Кулата“, „Црвен дожд“, „За виното, водата и Анѓелија“ и други.

2014.- На 55-годишна возраст починал познатиот македонски фоторепортер Чедомир Ненковиќ. Професионално се занимава со фотографија од 1980 година кога почнал да работи како фото-дописник за загрепски „Вјесник“, а подоцна работел во македонските дневни весници „Вечер“, „Дневник“ и во неделниците „Пулс“ и „Дневник 7“. Соработувал и со странските новински агенции Танјуг, Ројтерс, Асосиед прес и ЕПА. Роден бил во 1958 година во Битола.

2020.- На 82-годишна возраст почина Ѓорѓи Желчески, великан на македонската музика кој долги години во Белград и Србија ја афирмираше македонската народна музика и заедно со сопругата Кевсер Селимова беа вистински амбасадори на македонскиот мелос. Желчески беше талентиран човек во естрадниот свет. Има четири дипломи. Рано како солист во Радио Скопје, сфатил дека за народната музика која ја носел во своите гени не му требало никакво училиште. Во 1959 година на „Партизанските води“ на Златибор на барање на Маршалот Тито, се одржал фолклорен фестивал од цела Југославија, на кој Скопје како свој претставник го испратил Културниот клуб „Орце Николов“ на кој настапила и Кевсер Селимова. Ќе остане запаметен со песните, кои во дует ги испеа со Кевсер, меѓу кои се „Елено, ќерко“, „Бело лице љубам јас“, „Врати ми се, љуби ме“ и многу други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот