На денешен ден – 22 октомври

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

– Пантификален ден на Светата столица.

1721.- По две децении војување со Шведска, по што Русија излезе како нова сила на Балканот, Петар Велики се круниса за цар. Тој изврши многу важни реформи со кои Русија ја изведе од средновековната заостанатост.

1752.- Умре Александар Скарлати, италијански композитор, диригент и чембелист, основач на таканаречената „Неаполска школа“ во областа на операта. Во своите дела (околу 120 опери и над 800 кантати) синтетички ги опфати и ги продлабочи придобивките на италијанскиот барок. Компонираше и ораториумим концети за чембело и црковна музика. Роден е на 2 мај 1659 година.

1797.- Французинот Андре Жак Гарнериан прв го употреби падобранот, скокајќи од балон над Париз со висина од 680 метри.

1811.- Во Рајдинг е роден Франц Лист, унгарски пијанист и композитор, музичар со романтичарско определување и предводник на германската школа. Тој беше пијанистички виртуоз, кој изгради модерна техника и нов звучно-брилијантен клавирски стил. Зад себе остави нови симфониски поеми, низа камерни дела за оргули и вокални дела. Умре во Боајрот, Баварија, на 31 јули 1886 година.

1882.- Умре унгарскиот писател Јанос Арањ, најголем унгарски епски поет, кој заедно со Шандор Петефиј, беше најзначаен претставник на „народниот“ правец кој доминираше во унгарската литература во 19. век. Напишал многубројни студии и есеи и биографија за Фредерик Шопен.

1844.- Родена е француската глумица Анријета Розина Бернар, позната како Сара Бернар, која ја одбележа театарската епоха како најголема трагичарка во своето време. Уживаше исклучителна популарност и современиците ја нарекоа „божана Сара“. Нејзината слава не беше прекината дури ни кога во 1915 година и беше извршена ампутација на ногата, осум години пред нејзината смрт. Беше професор на Конзерваториумот во Париз. Ја напиша „Мемоари“.

1883.- Во Њујорк со изведбата на операта „Фауст“ на францускиот композитор Шарл Гуно беше отворено зданието „Метрополитен опера“.

1887.- Во Бирото за патенти во Њујорк Никола Тесла ги пријави своите шест изуми: асинхронен мотор, обратно магнетно поле, повеќефазна наизменична струја, начин на изработка на мотор за повеќефазна струја, генератор и трансформатор. Изумите во 1888 година ги откупи фирмата „Вестингхаус“, а нивните примени ги прикажа на светската изложба во Чикаго во 1893 година.

1887.- Роден е американскиот новинар и револуционер Џон Рид, чии дела „Дестте денови што го потресоа светот“ и „Црвена Русија“ се најдобрата хроника на Октомвриската револуција.

1906.- Умре Пол Сезан, француски сликар. Во почетокот работеше во духот на импресионизмот, а подоцна се откажа од аналитичкиот метод и правеше синтеза заснована врз геометриски форми, градација на тоналитетот и контрасти на бои. Изврши големо влијание врз развојот на модерното европско и светско сликарство во 20 век. Негови познати дела се : “Сина ваза”, “Коцкари”, “Планината Сен-Виктоар”, и други. Роден е на 19 јануари 1839 година.

1913.- Роден е виетнамскиот цар Бао Дај, поселедниот монарх на Виетнам, кој како марионета „владееше“ со земјата под француска колонијална управа. По четири децении во бегство, умре во 1997 година во воената болница во Париз.

1917.- Во Прилеп е роден Борко Лазески, македонски академски сликар, еден од првите апстрактни автори во Македонија. Тој е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на Уметничката школа во Скопје, на Уметничката галерија, на ликовната група „Денес“, професор на Педагошката академија во Скопје и на Академијата во Багдад, во Ирак. Најпознат е по своите фрески изведени во Скопје, во Кичево, во Велес и во Сиудат Мексико. Автор е и на повеќе мозаици. Умре во Скопје, на 16 јуни 1993 година.

1927.- Во Белград умре Борисав – Бора Станковиќ, српски писател, еден од најзначајните српски прозаисти од почетокот на 20. век. Најпознат е по делата „Нечиста крв“ (роман), по драмите „Ташана“ и „Коштана“, како и по расказите „Стари денови“. Роден е во Врање, на 31 март 1875 година.

1943.- Родена е француската глумица Катрин Дорлек, позната како Катрин Денев. Во 1994 година беше именувана за амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.

1953.- Благодарејќи на борбата на ослободителната армија на Патет Лао, Лаос се стекна со независност од Франција под чија управа беше од 1893 година.

1962.- Претседателот на САД, Џон Кенеди нареди морнарицата и авијацијата на САД да ја блокираат Куба, бидејќи сметаше дека во таа земја се поставени советски лансирни рампи. Така, светот се најде во најдраматичниот период по Втората светска војна, кога лесно можеше да избувне нуклеарна пресметка меѓу двете супер-сили (САД и СССР). Директната размена на пораки меѓу Кенеди и Хрушчов доведе најнапред до смирување на ситуацијата, а потоа до отстранување на советските ракети во замена за ветувањето на САД, дека нема да ја нападнат Куба.

1964.- Францускиот писател и филозоф Жан Пол Сартр ја одби Нобеловата награда за книжевност.

1973.- Умре шпанскиот виолончелист од каталонско потекло Пабло Казалс, професор во Конзерваториумот во Барселона и Париз, кој од 1938 година како противник на диктаторскиот режим на Франциско Франко, живееше надвор од Шпанија.  Настапуваше ширум светот пленејќи ја публиката со совршенство и топлина во интерпретацијата на композициите.

1973.- Во Скопје умре Димитар Николоски – Луј, македонски музички педагог и композитор. Музика учеше во Белград и во Софија, а дипломира на музичкиот отсек на Педагошката академија во Скопје. Роден е во Прилеп, на 7 октомври 1913 година.

1991.- На општите избори во Турција, победи Партијата на вистинскиот пат на Сулејман Демирел.

1995.- Во Харлем, црнечко предградие на Њујорк, топло е поздравен кубанскиот водач Фидел Кастро, долгогодишен непријател на американската администрација, кој дојде во Њујорк по повод 50-годишнината од основањето на Обединетите нации.

1996.- Во пожарот предизвикан од солзавец фрлен од полицијата во еден затвор во Венецуела загинаа повеќе од 25 затвореници.

1997.- Најстарата македонска православна црква во Австралија, “Свети Ѓорѓи”, во Фицрој, осветена во 1960 година, е продадена за 810.000 австралиски долари на градежна фирма.

1999.- Поранешниот герилски водач Ксананa Гусмao од затвор во Индонезија тримфално се врати во Источен Тимор, некогашна португалска колонија.

2007.- Прогласен е новиот устав на Црна Гора.

2014.- Познатиот американски новинар Бен Бредли, главен уредник на „Вашингтон Пост“ од времето на аферата Вотергејт во 70-те години на 20-от век, почина во својот дом на 93 годишна возраст. Бредли стана познат по откривањето на скандалот, кој во 1974 година предизвика оставка на тогашниот американски претседател Ричард Никсон, но неговата заслуга е што успеа да го претвори овој вашингтонски весник во еден од најугледните и најпочитуваните гласила во САД. Тој беше главен уредник на весникот од 1968 до 1991 година, а минатата година тој беше одликуван со претседателски Медал на слободата, највисокото американско цивилно одликување. Уште како млад новинар станува близок со Џон Кенеди, со кого беше пријател и кога овој демократски политичар беше претседател на САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот