На денешен ден – 22 декември

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1639.- Роден е францускиот писател Жан Расин, истакнат претставник на класицизмот кој во своите дела до совршенство ја доведе француската трагедија. Пишуваше со многу мелодичен стил. Дела: трагедиите „Андромаха“, „Федра“, „Британикус“, „Берениса“, „Митридат“, „Аталија“, комедијата „Парничари“ и други.

1666.- Умре италијанскиот сликар Гверчино, припадник на болоњската сликарска школа, водечки мајстор на барокот. Најмногу сликал цркви и палати, а особено е познат по композицијата „Аурора“ во римската палата Касино Лудовизи, која е еден од најубавите примери на илузионистичкото сликарство.

1790.- Руските трупи под командата на Александар Суворов ги разбиле Турците и го зазеле градот Исмаил, важно пристаниште на Дунав.

1858.- Во Лучи е роден Ѓакомо Пучини, по Верди најголем италијански оперски композитор. Се здобил со светска слава со оперите „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Манон Леско“ и „Боеми“. Умрел во Брисел, на 29 септември 1924 година.

1880.- Во Лондон умре Мери Ан Еванс, позната под псевдонимот Џорџ Елиот, англиска писателка. Автор е на многу познатите романи за англиското село, меѓу кои се „Воденицата на Флоси“, „Сајлес Марнер“, „Адамс Бид“, „Ромола“ и други. Родена е на 22 ноември 1819 година.

1894.- Францускиот артилериски капетан Алфред Драјфус бил осуден на доживотна робија, врз основа на монтираното обвинение дека на Германија и продавал воени тајни. Во негова одбрана застанал најславниот писател во тоа време Емил Зола кој во отвореното писмо до претседателот на Републиката храбро и одлучно ги образложил сите факти и изразил уверување дека Драјфус е невин. Во 1906 година Драјфус бил рехабилитиран, вратен во војската и унапреден во чин мајор.

1895.- Германскиот физичар Вилхелм Конрад Рендген ја направил првата рендген-снимка. Снимката ја направил на раката на неговата сопруга.

1902.- Во Крушево е роден Васил Иљоски, академик, еден од најпознатите драмски писатели меѓу двете светски војни, книжевен научник, есеист и истакнат педагошки работник, автор на драмски дела кои се изведувани меѓу двете светски војни на македонски јазик. Меѓу неговите најзначајни дела се: “Бегалка”, “Ленче Кумановче”, “Чорбаџи Теодос”, “Чест”, “Кузман Капидан”, “Син и татко”, “Окрвавен камен”, “Свадба” и други. Од особено значење се и неговите трудови од областа на фолклорот, филологијата и литературата. Умрел во Скопје, на 1 ноември 1995 година.

1908.- Во Велес е роден Кочо Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература. Во 1939 година во Загреб ја отпечати познатата стихозбирка “Бели мугри”, која претставува незаменлив поетски израз на стремежите на македонскиот народ и на афирмацијата на македонската национална култура. Загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница, Кичевско, на 13 јуни 1943 година.

1917.- Во Брест-Литовск во Првата светска војна почнале мировните преговори меѓу Германија и новата руска влада воспоставени со Октомвриската револуција.

1943.- Се одржал првиот конгрес на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ). Одлуките на овој конгрес имале за цел да ја засилат борбата против окупаторот, да се ангажира младината во создавањето на народната власт, да работи на културно-просветното поле и друго.

1947.- Формирани се македонските градежни претпријатија „Маврово“ и „Бетон“.

1958.- На двегодишнината од Суетската војна, Франција и Египет потпишаа трговски договор.

1979.- Умре американскиот филмски продуцент Дерил Френсис Занук, кој во 1933 година ја основа филмската компанија „Tventi sencceri foks“. Бил продуцент на низа значајни филмови: „Се за Ева“, „Вива Запата!“, „Најдолгиот ден“, „Корени на небото“, „Младиот господин Линколн“.

1988.- Јужна Африка потпиша договор со Обединетите нации, со кој и даде независност на Намибија, последната колонија на Африканскиот континент, поранешна германска колонија (Југозападна Африка) од Првата светска војна која беше под управа на Британија.

1989.- Умре ирскиот писател Семјуел Бекет, добитник на Нобеловата награда за литература во 1969 година. Дела: „Марфи“, „Крајот на играта“, „Последната лента“, „Игри без зборови“, „Среќни денови“, „Игра“, „Не јас“.

1993.- Јужноафриканскиот „бел“ парламент ја оконча ерата на апартхејдот, со што беше овозможено одржувањето на првите серасни избори во историјата на Јужна Африка.

1994.- Италијанскиот премиер Силвио Берлускони поради обвинение за корупција поднесе оставка.

1995.- Македонија и Европската унија воспоставија дипломатски односи.

2001.- Водачот на племето Паштуни во Авганистан Хамид Карзаи на церемонијата во Кабул положи заклетва како претседател на привремената влада.

2005.- Меѓународниот суд за правда во Хаг пресуди дека Уганда е единствената виновна за петгодишната воена инвазија врз ДР Конго (1998-2003) и дека треба да плати отштета од 10 милијарди долари. Во Конгоанската војна, во која настрадаа околу три милиони цивили, учествуваа дури девет странски војски и бунтовнички движења.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот