На денешен ден – 20 јануари

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1265.- Првпат е свикан англискиот Парламент со што била ограничена власта на монархијата.

1327.- Англискиот крал Едвард Втори го принудил високото племство да абдицира во корист на синот Едвард Трети.

1649.- Заробениот крал Чарлс Први на крајот на граѓанската војна меѓу монархистите и следбениците на парламентот во Англија бил изведен пред суд и обвинет за предавство, односно за тајни преговори со Шкотите. Набрзо бил осуден на смрт и погубен 10 дена подоцна.

1667.- По 13-годишните борби Русија ја поразила Полска во војната која избила во 1654 година. По мирен пат во Андрусова, Полска се одрекла од Киев, Смоленск и од делови на Украина на левиот брег од реката Дњепар.

1713.- Во Виена умрел Павао Ритер Витезовиќ, историчар, географ, филолог, поет, политичар, бакрорезец, печатар, претходник на илирското движење. Најзначајно негово дело е „Стематографија“, издадена на латински јазик, во кое се содржат грбовите на јужнословенските народи. Роден бил во Сењ (во фамилија на германски доселеници), на 7 јануари 1652 година.

1775.- Се родил Андре Мари Ампер, основач на електродинамиката, француски физичар и математичар. Тој бил основоположник на теоријата на магнетизмот во нераскинливата врска со електрицитетот. Го открил и проучувал заемното дејство на електричните струи. Во негова чест е наречена единицата за јачина на струјата ампер (A).

1898.- Во Шабац, Србија, умрел Коста Абрашевиќ, македонски пролетерски поет. Се школувал во Охрид. По преселувањето на неговото семејство во Шабац, го продолжил образованието и мошне млад почнал да пишува љубовни и патриотски песни. Пишувал на српско-хрватски јазик и е еден од најзначајните поети Македонци кои твореле на друг јазик. Роден бил во Охрид, на 29 мај 1879 година.

 

1900.- Умрел англискиот писател и критичар Џон Раскин. Тој сметал дека само здрав народ може да создава големи уметнички дела. Се залагал за образование на сите слоеви на народот и ги критикувал економските и политичките сфаќања на утилитаристите. Дела: „Модерен сликар“, „Камените на Венеција“, „Две патеки“, „До последниот“ и други.

1902.- Роден е Назим Хикмет, писател и револуционер, еден од најзначајните турски поети на 20. век. Ги напуштил традиционалните форми и прв го вовел слободниот стих. Поради револуционерните идеи бил осуден на 28 години. Ги напишал делата „Џоконда и Сијан“, „Следните тројца“, „Зошто Бенерџи сакала да се убие“ и други. Умрел на 3 јуни 1963 година.

1920.- Роден е италијанскиот филмски режисер Федерико Фелини, еден од најголемите синеисти на 20. век. Филмови: „Лица“, (Оскар), „Пробисвет“, „Кабириени ноќи“ (Оскар), „Сладок живот“ (прва награда во Кан), „Осум и пол“ (Оскар), „Џулиета и духови“ (Златен глобус), „Кловнови“, „Амаркорд“, „Казанова“, „Градот на жените“, „Бродот плови“, „Џенифер и Фред“.

1936.- Пуштена била во сообраќај железничката линија Прилеп – Велес во должина од 86 километри.

1941.- Франклин Делано Рузвелт, водач на Демократската партија, по трет пат е избран за претседател на САД. Првиот мандат го добил во 1932 година, во времето на големата економска криза, а во 1945 година по четврти пат бил избран за претседател, што е единствен случај во историјата на САД.

1961.- Демократот Џон Кенеди е инаугуриран во 43-та година од животот за претседател на САД, како најмлад шеф на државата во американската историја.

1981.- Републиканецот Роналд Реган, на 70-годишна возраст ја презел функцијата претседател на државата, станувајќи најстар претседател во американската историја.

1981.- По 444 денови во заробеништво, од амбасадата на САД во Техеран биле ослободени 52 американски заложници.

1984.-  Во Акапулко, Мексико, умрел американскиот спортист и филмски актер Џони Вајсмилер, првиот човек кој препливал 100 метри побрзо од една минута, и толкувач на многу главни улоги во низа филмови со ликот на Тарзан. Остварил три златни медали на Олимписките игри во 1924 и две во 1928 година. Филмови: „Тарзановото враќање“, „Тарзан и неговата дружина“ и други. Роден бил во Виндбар, Пенсилванија, на 2 јуни 1904 година.

1993.- Во Лозана умрела Одри Хепберн, американска филмска актерка, од холандско потекло, една од најголемите холивудски ѕвезди, амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Се прославила со филмот „Празник во Рим“, за кој добила „Оскар“. Меѓу познатите филмови во кои играла се: „Појадок кај Тифани“, „Сабрина“, „Смешно лице“ и други. Родена била во 1929 година.

1996.- На изборите во Газа и на Западниот брег, одржани според договорот меѓу Израел и Палестинците, водачот на ПЛО Јасер Арафат станал првиот демократски избран лидер на палестинскиот народ.

2015.- Во Скопје починал проф. д-р Јован Тофоски, претседател на Македонско лекарско друштво. Докторирал во 1985 година, а во 1997 година бил избран за редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Во 2001 година под негово водство е родено првото „дете од епрувета“ во Македонија. Бил автор или коавтор на над 130 стручно- научни трудови. Проф. д-р Тофоски бил министер за здравство во втората Влада по осамостојувањето на Република Македонија. Носител бил на повеќе признанија, како и на највисокото, на Македонско лекарско друштво – повелбата „Трифун Пановски”. Се родил во Прилеп во 1940 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот