На денешен ден – 16 октомври

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1430.- Роден е шкотскиот крал Џејмс II, кој владеел од 1437 до 1460 година. Во текот на владеењето го зацврстил авторитетот на круната, успешно продолжувајќи ја работата која ја започнал неговиот татко Џејмс I. Во 1460 година Англичаните го убиле.

1553.- Умрел Лука Кранах, германски сликар и гравер, еден од најзначајните германски ренесански уметници. Роден бил во 1472 година.

1649.- Умрел Исак ван Остаде, холандски сликар. Роден бил на 2 јуни 1621 година.

1758.- Роден е американскиот филолог и лексикограф Ноа Вебстер, симбол на лексикографската традиција во Америка. Во 1806 година го објавил својот прв речник на англискиот јазик, а во 1828 го објавил речникот кој и денеска го носи неговото име. Овој речник се смета за најдобар речник на современиот англиски јазик.

1781.- Во Вајлен, во англиската покраина Јорк, е роден Џорџ Стивенсон, англиски пронаоѓач, „татко на железницата“, кој во 1814 година во Њукасл ја основал првата фабрика за локомотиви, а во 1825 година ја изградил првата јавна железничка пруга меѓу Стоктон и Дарлингтон, што била пуштена во сообраќај за превоз на патници на 25 септември 1825 година. Во 1829 година ја изградил пругата Ливерпул – Манчестер, на која неговата локомотива „Рокит“ постигнала рекордни 56 километри на час. Умрел во едно мало место кај градот Честерфилд, на 12 август 1848 година.

1793.- Во Париз била погубена француската кралица Марија Антоанета, жена на францускиот крал Луј XVI, кој порано завршил на гилотина. Пресметката на револуцијата со кралската двојка долго време била едно од оправдувањата за интернационалистичките војни на монархистичка Европа против Република Франција.

1813.- Кај Лајпциг почнала т.н. „Битка на народите“, во која Наполеоновите сили се нашле под ударите на здружените сојузници: Русија, Прусија и Австрија. Француската армија била победена, а на 19 октомври, сојузниците го зазеле Лајпциг. Наполеон се повлекол преку Рајна и неколку месеци подоцна бил принуден да абдицира.

1846.- Американскиот лекар Џон Ворен првпат во историјата на хирургијата го употребил етерот за поголеми оперативни зафати, отстранувајќи тумор кај пациент во Општата болница во Бостон (Масачусец).

1854.- Роден е англискиот писател од ирско потекло Фингал О`Флаерти Вилс, познат како Оскар Вајлд. Бил осуден на две години затвор поради хомосексуалност, а по излегувањето од затвор од 1897 до неговата смрт во 1900 година година живеел во Париз под името Себастијан Мелмот. Дела: „Сликите на Доријан Греј“, „Важно е да се викаш Енерст“, „Идеален маж“, „Салома“, „Вера“, „Војвотката од Падова“ и други.

1886.- Роден е израелскиот државник Давид Грин, познат како Давид Бен Гурион, водач во борбата за создавањето на Израел и прв премиер на еврејската држава од 1948 до 1953 година и повторно од 1955 до 1963 година. Како премиер, од различни герилски групи, ја создал израелската армија.

1888.- Роден е американскиот писател Јуџин Гледстон О`Нил, творец на модерните американски драми, добитник на Нобеловата награда за литература во 1936 година. Дела: „Зад хоризонтот“, „Ана Кристи“, „Сите божји деца имаат крила“, „Цар Џонс“ „Второ патување во Европа“ и други.

1908.- Роден е албанскиот диктатор Енвер Хоџа, шеф на владејачката Партија на трудот на Албанија од 1948 се до смртта во 1985 година. Ги подржувал политиката на Информбирото од 1948 до 1956 година, како и диктаторската концепција на Јосиф Сталин дури и по 20. конгрес на Комунистичката партија на СССР, на кој беа осудени методите на Сталин. Подоцна станал приврзаник на Пекинг, но се разишол и со кинескиот комунизам. Во целост ја изолирал својата земја, градејќи примитивен авторитарен систем заснован на репресија и физичка елиминација на неистомислениците, но и на соработниците за кои се сомневал дека би ја загрозиле неговата лична власт. Бил гласноговорник на големоалбанските територијални претензии спрема СФР Југославија.

1921.- Во Штип е роден Славчо Стојменски, народен херој на Македонија. Загинал во борба против бугарската фашистичка полиција на 17 август 1943 година, кога во Штип се одржувал состанок на Обласниот комитет на КПМ.

1927.- Роден е германскиот писател Гинтер Грас кој светскиот успех го постигна уште со првиот роман. Дела: „Локална анестезија“, „Лимбур“, „Широко поле“, „Мачка и глушец“, „Поплава“.

1945.- Во Квебек, Канада, била основана Организацијата на обединетите нации за исхрана и земјоделство (ФАО), со задача да ги проучува проблемите на исхраната и на земјоделството во светот и да препорачува национални и меѓународни мерки за унапредување на исхраната на населението. Овој датум во 1979 година бил востановен како Светски ден на храната, а се прославува од 1982 година.

1946.- Беа обесени првите луѓе во Третиот рајх кои Меѓународниот суд во Нирнберг ги осуди на смрт поради воените злосторства во Втората светска војна, шефот на германската дипломатија Јоахим фон Рибентроп и началникот на штабот на Врховната команда на германските оружени сили фелдмаршалот Вилхелм Кајтел. Рајхсмаршалот Херман Геринг, исто така осуден на смрт, претходниот ден се самоуби во затворската келија.

1951.- Во Битола е роден е Драги Михајловски, македонски раскажувач, есеист, литературен научник и преведувач. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Доктор по филолошки науки, на Катедрата за англиски јазик и книжевност, професор по предметот Теорија и практика на преведувањето. Член на Македонскиот ПЕН центар. Член на ДПМ од 1992 година. Автор е на книгите: „Речно улиште“ (раскази, 1981), „Ѓон“ (раскази, 1990), „Нераспнати богови“ (есеи, 1991), „Скок со стап“ (раскази, 1994), „Триполската капија“ (раскази, 1999), „Под Вавилон – задачата на преведувачот“ (докторат, 2000), „Дискантрија“ (роман) и други. Доботник е на наградите: „Рациново признание“ и „Григор Прличев“. Македонската преводна литература и македонската култура воопшто Драги Михајловски ги задолжи со неговите преводи на делата на Вилијам Шекпир. Од триесет и седумте драми за кои се смета дека се напишани од раката на Шекспир, на македонски јазик Дараги Михајловски досега превел и објавил во печатена и електронска форма – петнаесет.

1964.- Владата на НР Кина соопшти дека во оваа земја е извршена прва експериментална експлозија на нуклеарна бомба. Така Кина како петта земја во светот, стапи во редот на нуклеарните сили.

1965.- Од Градскиот стадион во Скопје за првпат Македонската телевизија ја пренесувала фудбалската прволигашка средба од југословенското фудбалско првенство меѓу Вардар и Црвена ѕвезда од Белград, која завршила со резултат 2:0 за Вардар.

1968.- Москва и Прага потпишале договор со кој советските турпи заедно со единиците на други земји од Варшавскиот пакт влегле во земјата на 21 август 1968 година и ги отстраниле од власт реформскиот шеф на Комунистичката партија на Александар Дубчек и неговата влада.

1970.- Анвар ел Садат бил избран за претседател на Обединетата Арапска Република, по смртта на претседателот Абдал Гамал Насер.

1973.- Нобеловата награда за мир им била доделена на државниот секретар на САД Хенри Кисинџер и на неговиот партнер во преговорите Ле Дук То од Северн Виентам кој ја одбил наградата.

1978.- Полскиот кардинал Карол Војтила бил избран за 264 поглавар на Римокатоличката црква, како прв папа без италијанско потекло после 456 години. По изборот тој го носел името Јован Павле II.

1982.- Умре италијанскиот оперски пејач Марио дел Монако, наречен „тенор на епохата“.

1984.- Англиканскиот црнечки бискуп на Јоханесбург Дезмонт Туту ја добил Нобеловата награда за мир.

1994.- Во Македонија се одржале првите (по осамостојувањето) избори за пратеници на Собранието на Република Македонија и за претседател на Република Македонија. За претседател на Република Македонија по вторпат бил избран Киро Глигоров.

1996.- Во Исфахан, Иран, на Собранието на Евроазиската Федерација на берзи, Република Македонија била примена за рамноправна членка.

1996.- На стадионот во главниот град на Гватемала загинале 78 лица во стампедото кое настанало по обидот на навивачите без карти да се пробијат на трибините за да го следат квалификацискиот натпревар за светско првенство во фудбал.

1997.- Папата Јован Павле Втори ја обележа 20-тата годишнина откако станал папа со најдолг стаж во Римокатоличката црква.

1997.- Во Санкт Петербург умрел академикот Борис Николаевич Путилов, доктор по филолошки науки, долгогодишен научен соработник на Руската академија на науките и еден од најпознатите слависти – фолклористи и балканолози во Русија. Неговата научна мисла има голем придонес за Македонија и за самобитноста на Македонците.

1997.- Во Скопје, во издание на НИП „Експрес – Магна Скен“, излегол првиот број на њуз магазинот „Денес“.

1998.- Во Скопје умрел Верољуб Андоновски, македонски новинар и публицист. Роден бил во Куманово, на 22 јануари 1938 година.

2003.- Умрел унгарскиот боксер Ласло Пап. Тој бил првиот боксер кој на Олимписките игри трипати едно по друго освојувал златни медали.

2007.- Македонската и балканската музичка мега-ѕвезда Тоше Проески загинал во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка, во Хрватска. Тој ги објавил албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004), „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“- хрватска верзија (2007), а изведувал и голем број странски хитови. Тоше бил амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а постхумно бил прогласен за почесен граѓанин на Македонија. Тоше Проески бил роден на 25 јануари 1981 во Крушево.

2007.- Умрела британската актерка Дебора Кер, позната по еден од најпознатите филмски бакнежи со Берт Ланкестер во филмот „Одовде до вечноста“. Номинирана била за Оскар за главни улоги во шест филмови, за во 1994 година конечно да добие Оскар за животно дело. Филмови: „Јулиј Цезар“, „Одовде до вечноста“, „Добар ден таго“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот