На денешен ден – 15 ноември

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1492.- Христофер Колумбо, откривајќи ја Америка, ја направи и првата белешка за употребата на тутунот меѓу Индијанците. Тоа беше првиот пишан документ за ова растение, кое наскоро го освои не само стариот континент – Европа, туку и целиот свет, а за кое медицината утврди дека има штетно влијание врз човековото здравје.

1532.- Шпанскиот конквистадор Писаро, само со 200 војници, со измама, ја освои Кахемарка и го зароби царот Атахулапа. По ова Перу стана шпанска колонија.

1577.- Сер Франсис Дрејк, англиски гусар, морепловец и адмирал, тргна на патување околу светот. Неговата активност е од големо значење за англиското колонијално ширење, особено во Северна Америка. Интересно е дека токму Дрејк го пренесе компирот од Америка во Европа, во 1596 година.

1630.- Во Регенбург умре Јохам Кеплер, германски астроном, математичар и физичар, познат по формулирањето на законите за движење на планетите што претставуваат основа на современата планетарна астрономија. Со своите проучувања ја докажа вредноста на хелиоцентричниот систем. Роден е на 27 декември 1571 година.

1708.- Роден е англискиот државник Вилијам Пит Постариот, кој беше британски премиер од 1756 до 1761 и од 1766 до 1768 година. Во негово време со агресивна надворешна политика Велика Британија стана најголема светска колонијална сила. Како шеф на дипломатијата и министер за војна спроведе политика на колонијална експанзија и во 1756 година ја покрена Седумгодишната војна, по која Франција во 1763 година мораше да и ја отстапи Канада, како и да се повлече од Индија.

1738.- Роден е англискиот астроном од германско потекло Фредерик Вилијам Херсел, кој во 1781 година ја откри Уран, седмата планета во Сончевиот систем. Најпрво беше музичар, но астрономијата многу го фасцинира, па така почна и самиот да бруси огледала, но и да конструира телескопи. По откривањето на Уран, стана член а потоа и претседател на Лондонското кралско друштво. Откри и два Уранови и два Сатурнови сателити.

1787.- Во Виена умре Кристоф Вилибалд Глук, германски композитор и диригент. Ја реформира операта, проповедајќи враќање кон грчката уметност и на тој начин го покажа патот кон музичката драма. Негова позната опера е “Орфеј”. Роден е во Ербах, Баварија, на 2 јули 1714 година.

1862.- Роден е германскиот писател Герхарт Хауптман, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1912 година. Неговата лирика е со идеалистички тон, а во драмите преовладува социјална проблематика од животот на сиромашните во неговата родна Шелзи. Напиша многу драми, есеи, афоризми, новели, патописни и автобиографски книги. Дела: „Пред зората“, „Зимска балада“, „Црвен петел“, „Електра“, „Превозникот Хенсел“, „Осамени луѓе“, „Колегата Крамптон“, „Роза Бренд“, „Стаорци“ и други.

1889.- Царот Педро II абдицираше. Тој е вториот и последен бразилски монарх во Бразил по што Бразил е прогласена за независна република.

1891.- Роден е германскиот фелдмаршал Ервин Ромел, наречен „пустинска лисица“ кој како командат на експедициските сили на Германија во Втората светска војна во 1941 и 1942 година забележа повеќе победи над сојузниците во северна Африка. Во декември 1942 година беше поразен во клучната бика кај Ел Аламејн. Не успеа да го спречи сојузничкото навлегување во Нормандија во јуни 1944 година, а по неуспешниот атентат врз Адолф Хилтер во јули 1944 година, во кој беше вмешан, беше принуден да изврши самоубиство.

1916.- Умре полскиот писател Хенрик Сјенкјевич, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1905 година, кој светската слава ја стекна со историски романи. Дела: „Quo vadis“, „Со оган и меч“, „Пан Волдијовски“, „Семејството Поланјецкиеви“, „Низ пустина во прашума“.

1920.- Лигата на народите во Женева ја одржа својата прва седница. Лигата е формирана на 28 април 1919 година, со цел да се обезбеди мир и меѓународна соработка на членките на Лигата, но набрзо, поради спротивставените ставови меѓу големите сили, загуби секакво влијание на светската сцена.

1923.- Галопирачката инфлација во Германија го достигна врвот – четири трилиони марки беа менувани за еден американски долар.

1928.- Големиот фашистички совет во Италија стана врховно тело во земјата и ја презеде целата власт.

1935.- Мануел Кесон стана првиот претседател на Филипини.

1942.- Кај Гвадалканал во Тихиот Океан во Втората светска војна заврши тридневната битка меѓу јапонските и американските флоти и авијација, која го означи пресвртот во војната на Пацификот. Јапонците претрпеа помали штети во бродови, но стратешкиот успех им припадна на Американците кои покрај бродовите уништија и речиси комплетна јапонска дивизија.

1944.- Во Скопје, во руинираните простории на некогашната Воена болница кај “Гази Баба” (Полумесец), беше сместена Болницата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.

1946.- Со договорот потпишан во Лингџати Холандија ја призна Индонезија, но само на териториите на Јава, Суматра и Мадура. Холандија спротивно на договорот, во 1947 и во 1948 година се обиде со оружје повторно да ја освои Индонезија, но на конференцијата во Хаг во 1949 година дефинитивно ја призна независноста на Индонезија која беше нејзина колонија од 1816 година под името Холандска Источна Индија.

1954.- Умре американскиот филмски и театарски глумец Лајонел Баримор, која како дете се прослави глумејќи го Оливер Твист, а кон крајот на животот како тежок инвалид, седејќи во столче, одигра многу извонредни карактерни улоги. Филмови: „Гранд хотел“, „Островот Ларго“, „Дамата со камелии“, „Распучин и царицата“, ТВ-серијата „Д-р Килдер“.

1971.- Кинеска делегација првпат официјално зазеде место во Обединетите нации. До тогаш Кина ја претставуваше Тајван, како националистичка Кина (некомунистичка).

1976.- Во Нумји умре Жан Габен (Жан Алексис Монкорже), француски филмски и театарски артист. Играше во над 90 филмови, толкувајќи ликови на решителни, претприемчиви, често цинични и груби личности. Најпознати му се улогите во филмовите “Пеле ле Моко”, “Големата илузија”, “Брегот во магла”, “Човекот-ѕвер”, “Клошарот Архимед” и други. Роден е во Париз, на 17 мај 1904 година.

1976.- Сиријската армија ја презеде целата контрола врз Бејрут, во обидот да и стави крај на 18-месечната граѓанска војна во Либан.

1978.- При падот во Шри Ланка на исландскиот патнички авион “DC-8”, кој од Мека превезуваше индонезиски муслимански ходочасници, загинаа сите 175 патници и осум членови на екипажот.

1983.- „Турската Република Северен Кипар“, која ја призна единствено Анкара, прогласи „независност“.

1983.- Во Скопје умре Таки Хрисик, македонски композитор и музички педатог. Неговиот творечки опус опфаќа голем број дела за хорска изведба, камерна музика, соло песни, дела за орекстар и близу 1.500 мелографски записи на македонски и на влашки песни. Роден е во Крушево, на 27 септември 1920 година.

1988.- Палестина е прогласена за независна држава.

1990.- Во првиот договор од Втората светска војна кој се однесува на конвеционалното вооружување, Варшавскиот пакт и НАТО принципиелно се договорија драстично да ја сменат количината на оружјето.

1994.- Претседателот на Австрија Томас Клестил при обраќањето пред членовите на израелскиот парламент призна дека неговата земја направи пропуст да ја признае сопствената улога во нацистичките злосторства во минатото.

1994.- Беа објавени официјалните резултати од пописот, кои покажаа дека во Република Македонија има 1.936.877 жители.

1995.- Република Македонија стана 27-та членка на мировната иницијатива на НАТО „Партнерство за мир“.

2000.- Во Скопје умре Тодор Димитровски, македонски научен работник, лингвист, книжевен историчар, лексикограф, книжевен преведувач и редактор. Роден е во селото Подлес, Велешко, на 19 февруари 1922 година.

2002.- Рускиот генерал Игор Шифрин е убиен во Грозни во заседа од чеченски исламистички терористи.

2003.- Пред две синагоги во центарот на Истанбул скоро во истовреме експлодираа два автомобили полни со експлозив, усмртувајќи вкупно 23 луѓе. Одговорноста ја презеде Исламскиот фронт на борци на Големиот Исток, основан во 1985 година со цел да формира исламска држава во Турција.

2005.- Израелски и палестински официјални личности постигнаа договор со кој првпат од израелската окупација во 1967 година на Палестинците им беше дадена контрола врз граничниот премин Раф, помеѓу појасот Газа и Египет.

2006.- Во Скопје, пред Домот на културата „Кочо Рацин“ е откриено спомен-обележјето „Скршено мајкино крило“ посветено на 54 загинати старешини и војници во распадот на Југославија, во текот на 1991 и 1992 година.

2007.- Циклонот „Сидр“ однесе најмалку 3.000 животи во Бангладеш. „Сидр“ со брзина од 250 километри на час „срамна со земја“ стотина илјади куќи  во југозападните делови на земјата, додека неколку милиони луѓе останаа без струја, вклучувајќи и поедини делови на Дака, десетмилионската престолнина на Бангладеш. Циклонот предизвика и бран со висина од пет метри кој ги погоди и крајбрежните подрачја на земјата, со што мораа да се евакуираат 2,3 милиони луѓе.

2013.- На 94-годишна возраст почина поранешниот претседател на Република Кипар, Глафкос Клиридис. Тој, кој беше четвртиот претседател на Република Кипар, е еден од почитуваните политичари поради неговото раководење со честопати хаотичната политика на средоземноморскиот остров. Клиридис беше избран за шеф на државата во 1993 година и остана на оваа функција во следните 10 години. За време на неговото претседателствување Кипар стана членка на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот