На денешен ден – 14 јануари

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1742.- Во Лондон умре Едмунд Халеј, англиски астроном и геофизичар. Меѓу другото, прв откри дека ѕвездите се движат. Најмногу набљудувана и најпозната е според него наречената Халеова комета. Роден е во 1659 година.

1784.- САД го ратификуваа мировниот договор со Велика Британија, со што и формално заврши Американската војна за независност.

1809.- Британија и Шпанија склучија сојуз против францускиот цар Наполеон I.

1839.- Во Штип е роден Јосиф Ковачев, учител, педагог, основоположник на современото школство во Македонија, еден од најобразованите луѓе во Македонија во тоа време. Умре во Софија, на 31 декември 1898 година.

1850.- Роден е францускиот писател Луј Мари Жилиен Вио, познат како Пјер Лоти. Дела: „Во харемот“, „Лотиевата женидба“, „Морнар“. „Исландски рибар“.

1875.- Во Кајзерберг, Франција, е роден Алберт Швајцер, познат хуманист, лекар, филозоф, теолог и музичар. Од 1913 година работеше како лекар – мисионер во организирањето на здравствената служба во Екваторијална Африка. Во 1952 година ја доби Нобеловата награда за мир. Умре во Ламберане, денешен Габон, на 4 септември 1965 година.

1881.- Во Кукуш е роден Милан Стоилов, македонски револуционер, еден од основачите и секретар на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, член на Тајниот македонско-одрински кружок и учесник во Илинденското востание. Загина во селото Витошево, Кочанско, во борба против турската војска, на 6 септември 1903 година.

1898.- Умре англискиот писател и математичар Луис Керол. Дела: „Алиса во земјата на чудата“, „Низ огледало“.

1906.- Во Кавадарци е роден Васил Хаџиманов, македонски етномузиколог и педагог. Неговиот творечки опус е мошне богат. Меѓу најзначајните негови дела се вбројуваат “Зборникот на македонски народни песни”, “Македонски борбени народни песни”, “Македонски народни песни, Моми Тиквешанки”. Умре во Скопје на 16 декември 1969 година.

1907.- Земјотресот кој го разори Кингстон на Јамајка усмрти околу илјада луѓе.

1914.- Хенри Форд, “крал на американската автомобилска индустрија”, ја пушти во работа првата бескрајна производна лента. Тоа значеше пресвртница, бидејќи го забрза производството на автомобили и придонесе за големо намалување на нивната цена.

1914.- Во селото Долени, Костурско, е роден Паскал Паскалевски, македонски револуционер, писател, новинар и учесник во Граѓанската војна во Грција (1945 – 1949). Автор е на стихозбирките „Пролет над Егеј“, „Народни песни од Егејска Македонија“ и други. Умре во Скопје, во 2003 година.

1925.- Роден е јапонскиот писател Јукио Мишимо. Дела: романите „Исповед на една маска“, „Шумот на брановите“, „Златен павиљон“, „После банкетот“, „Морнарот кој го изневери морето“, драмата „Пет модерни `no` игри“.

1932.- Во селото Присовјани, Струшко, е роден Јован Котески, македонски писател. Меѓу неговите дела познати се „Земја и страст“, „Злодоба“, „Зелени порти“, „Хераклеја“ и други. Умре во Скопје, на 12 јули 2001 година.

1957.- Умре американскиот филмски актер Хемфри Дефорест Богарт, добитник на Оскар во 1951 година за филмот „Африканска кралица“. Филмови: „Казабланка“, „Малтешки сокол“, „Длабок сон“, „Богатството на Сиера Мадре“, „Р`тот Ларго“, „Да се има и да се нема“, „Босоногата контеса“, „Тежок пад“.

1965.- За првпат по осамостојувањето на Ирска се состанаа премиерите на Република Ирска и биританска Северна Ирска.

1969.- Во СССР се лансирани во вселената бродовите “Сојуз-4” и “Сојуз-5” и за првпат во историјата е формирана експериментална вселенска станица.

1977.- Умре англискиот државник Роберт Ентони Идн, премиер на Велика Британија од 1955 до 1957 година. Од 1935 до 1938, потоа од 1941 до 1945  и од 1951 до 1955 година беше шеф на дипломатијата. Во 1955 година се повлече од оваа функција и стана премиер и шеф на Конзервативната партија. Поднесе оставка во јануари во 1957 година по неуспехот на британско-француско-израелската агресија врз Египет во октомври 1956 година.

1977.- Умре американската писателка од фрацунско-шпанско потекло Анаис Нин. Дела: „Куќа на инцести“, „Децата на Албатрос“, „Под стаклен ѕвон“, „Птички“, „Роман на иднината“.

1986.- Во Холивуд умре Дона Рид, американска филмска и телевизиска актерка. Во 1958 година ја доби наградата “Оскар” за улогата на девојка за забава во познатиот воен филм “Од овде до вечноста”. Родена е во 1922 година.

1986.- Винсио Сересо по 16 години ја презеде должноста претседател на Гватемала како прв цивилен шеф на оваа централноамериканска држава.

1988.- Умре советскиот политичар Георги Максимилијанович Маљенков. Во 1953 година го наследи починатиот Сталин на функцијата претседател на влада. Во февруари 1955 година поднесе оставка и стана еден од потпретседателите во владата на Николај Булгањин. Во јуни 1957 година беше симнат од функциите во владата. Беше исклучен од Политбирото и Централниот комитет на владејачката Комунистичка партија на Советскиот Сојуз, под обвинение дека учествува во заговор за соборување на Никита Хрушчов.

1989.- На магинстралниот пат Охрид – Кичево, во близина на месноста Лавчанско Рачиште, во сообраќајна несреќа загина Цветанка Трпкова, долгогодишен член на Драмското судио на Радио Скопје, автор на повеќе драмски текстови, режисер и толкувач на улоги во голем број радио-драми и автор на две прозни книги. Родена е во Прилеп, во 1939 година.

1991.- Во Тунис се убиени тројца блиски соработници на Јасер Арафат, вклучувајќи го и Абу Ијад, еден од основачите на Палестинската ослободителна организација. Ова и нанесе огромни штети на ПЛО, бидејќи беше очигледно дека антетаторот беше близок до врвот на оваа организација.

1994.- Фудбалскиот сојуз на Македонија стана придружен член на Европската фудбалска унија.

1996.- Претседателот на Гватемала Алваро Арс преземајќи ја должноста шеф на државата, апелираше до левичарските герилци да започнат преговори за ставање крај на граѓанската војна која 35 години ја потресуваше оваа земја во Средна Америка.

2000.- Умре Томислав Зографски, македонски музички творец, композитор, професор и публицист. Роден е во Велес, на 29 март 1934 година.

2003.- Десетици илјади луѓе демонстрираа во Никозија, најголем протест во историјта на Кипар под турска окупација, барајќи ставање крај на изолацијата која траеше со децении.

2005.- По седумгодишното патување европската сонда „Хајгенс“ успеа да се спушти на Сатурновиот месец Титан и да ги испрати првите фотографии во контролата на летање во Дармштат.

2006.- Умре американската актерка Шели Винтерс, добитничка на Оскар на Американската филмска академија за споредни улоги во филмовите „Дневникот на Ана Франк“ и “A Patch of Blue”. Филмови: „Морнаров одмор“, „Вечерва и сите ноќи“, „Црвена река“, „Место под сонцето“, „Лолита“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот