На денешен ден – 13 октомври

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1474.- Роден е Мариото Арбертинели, италијански сликар, еден од претставниците на француската школа на високата ренесанса. Умре на 5 ноември 1515 година.

1792.- Претседателот на САД Џорџ Вашингтон го постави камен-темелникот за изградба на официјалната претседателска резиденција – Белата куќа во Вашингтон.

1815.- Францускиот маршал Жоаким Мир е стрелан. Тој беше најпознатиот меѓу командантите на армијата на царот Наполен I, од 1808 до 1815 година.

1815.- Британските трупи го зазедоа островот Асунсион, еден од островите на Маријанскиот Архипелаг во западниот дел на Пацификот.

1822.- Во Венеција умре Антонио Канова, италијански вајар, најголем мајстор на италијанскиот класицизам. Влијаеше врз целокупното европско вајарство. Меѓу неговите најпознати дела се вбројуваат скулптурите „Амор и психа“, „Паолина Боргаз како Венера“, „Персеј“ и Наполеоновата биста во Фонтенбло. Роден е во Венеција, на 1 ноември 1757 година.

1869.- Умре францускиот писател Шарл Огистен Сент Бев, најистакнат претставник на француската книжевна критика. Дела: „Живот“, „Книжевни портрети“, „Пор-Роајал“, „Понеделнички разговори“.

1884.- Меридијанот што поминува низ Гринич (предградие на Лондон) е усвоен како универзаллен (нулти) меридијан, од кој се сметаат географските должини на точките и времето на Земјата.

1905.- Умре англискиот глумец Хенри Ирвинг, еден од најголемите трагичари во 19. век.

1911.- Роден е Андре Навара, француски виолончелист, професор на Парискиот конзерваториум од 1949 година, уметник со интернационално реноме. Извесно време има предавано во Скопје, а беше чест и многу значаен учесник во програмата на Охридско лето. Умре во 1988 година.

1921.- Роден е францускиот глумец и пејач од италијанско потекло Иво Ливи, познат како Ив Монтан, кој светската слава ја стекна во филмот „Надница за страв“. Други филмови: „Хероите се уморени“, „Вештерките од Салем“, „Големиот син пат“, „Го сакате ли Брамс“, „Ајде да се сакаме“, „З“, „Признание“.

1923.- Турскиот парламент ја прогласи Анкара, бивша Ангора, за престолнина на Турција.

1925.- Родена е биртанската државничка Маргарет Хилда Робертс, позната како Маргарет Тачер, која во 1979 година стана првата жена премиер во историјата на Велика Британија. Во 1990 година со одлука на раководството на нејзината Конзервативна партија мораше да поднесе оставка. Инаку, во Велика Британија досега била најмногу години премиер.

1943.- Под притосок на сојузничките водачи, италијанскиот крал Виторио Емануел III и неговиот премиер Бадолјо и објавија војна на Германија, па на тој начин Италија, барем оној дел кој беше под сојузничка контрола, се придружи на антихитлеровската коалиција. До објавувањето на војната дојде дури по паѓањето на фашистичката влада на Бенито Мусолини и по капитулацијата на Италија.

1952.- Во издание на Државното книгоиздателство излезе од печат “Граматика на македонскиот литературен јазик” од Блаже Конески.

1964.- По 24 часа од полетувањето на бродот „Васход 1“, безбедно се приземнија тројца советски космонаути, членови на првиот вселенски екипаж во историјата на вселенските летови.

1970.- Канада и Кина воспоставија дипломатски односи, а Тајван итно ги прекина односите со Канада.

1970.- Познатиот борец за црнечки права Анџела Дејвис е уапсена од агентите на ФИБ. Апсењето предизвика бура протести во целиот свет.

1984.- Во Скопје умре Илија Зафировски, македонски новинар. Тој спаѓа во редот на првата повоена генерација новинари. Работеше во весникот “Борба”, а најголем дел од својот новинарски век го помина во весникот “Нова Македонија”, во кој беше и главен и одговорен уредник. Смртта го затекна како директор и главен и одговорен урадник на весникот “Трудбеник”. Роден е во Охрид, во 1927 година.

1990.- Во московската црква „Свети Василиј Блажени“ на Црвениот плоштад одржана е првата православна литургија, 73 години по Октомвриската револуција.

1990.- Водачот на христијанските сили во Либан генерал Мишел Аун, побара азил во француската амбасада во Бејрут по нападот на сиријската армија на неговото упориште.

1992.- Во Лос Анџелес умре Ентони Перкинс, познат американски филмски артист. На љубителите на филмската уметност ќе им остане во сеќавање како симбол на артист за хорор улоги. Најпозната од тој жанр е неговата улога на сопственик на мисетриозниот хотел во филмот на Хичкок „Психо“. Роден е во Њујорк, на 4 април 1932 година.

1993.- Судот во Хамбург го прогласи Германецот Гинтер Пархе за виновен поради ранувањето со нож на југословенската тенисерка Моника Селеш и донесе пресуда која ширум светот беше оценета како скандалозна. Пархе беше казнет условно на две години затвор.

1993.- Република Македонија е примена за полноправен член на Меѓународната организација за поморство, со седиште во Лондон.

1993.- Во Крањ, Република Словенија, фудбалската репрезентација на Македонија го одигра првиот официјален пријателски натпревар, откако нашата држава стана самостојна, суверена и независна. Домаќин беше фудбалската репрезентација на Република Словенија. Репрезентацијата на Република Македонија победи со 4:1.

1995.- Во Скопје, делегациите на Република Македонија и Република Грција потпишаа Меморандум за практична примена на Привремената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година.

1997.- Британскиот суперсоничен автомобил прв на земја успеа да го пробие звучниот ѕид, развивајќи брзина од 1.222,7 километри на час.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот