На денешен ден – 13 април

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1519.- Родена е француската кралица со италијанско потекло Катарина де Медичи, ќерка на господарот на Фиренца, Лоренцо Втори Медичи. Таа по смртта на нејзиниот сопруг Анри Втори од 1560 година владееше со Франција. Со поддршка на папата Гргур Тринаесетти во 1572 година го организираше уништувањето на хугенотите, познато како Вартоломејска ноќ.

1605.- Умре рускиот цар Борис Фјодорович Годунов, кој го презеде престолот во 1598 година, по смртта на Фјодор Први.

1695.- Во Париз умре Жан де Лафонтен, француски поет и баснописец. Има напишано 240 басни. Негови познати дела се песните „Адонис“, „Филемон и Баукида“, романот „Љубов на Психата и Купидон“ и други. Роден е во Шато Тиери, на 8 јули 1621 година.

1743.- Роден е американскиот државник Томас Џеферсон, основач на Демократската партија, претседател на САД од 1801 до 1809 година. Беше гувернер на Вирџинија од 1779 до 1781 година и секретар на првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон од 1790 до 1793 година. Ги искористи финансиските проблеми на францускиот цар Наполеон Први во 1803 година за да ја купи од него Луизијана.

1848.- Сицилија прогласи независност од Неаполското кралство.

1885.- Во Будимпешта е роден Ѓерѓ Лукач, најголем унгарски филозоф, естетичар, политичар, еден од најзначајните марксистички филозофи на 20 век. Умре во Будимпешта, на 4 јуни 1971 година.

1898.- Француската академија на науките објави дека Марија Склодовска – Кири, хемичар и физичар од полско потекло откри нов елемент кој го доби името радиум.

1904.- Во Порт Артур, САД, умре Василиј Василевич Верешчагин, руски сликар. Стана познат по воените мотиви и сликите на кои ги прикажуваше актуелните настани и егзотични амбиенти. Сите негови историски и воени композиции претставуваат општа осуда на војната. Роден е во Љубец, на 26 октомври 1842 година.

1906.- Во Стар Дојран е роден Антон Панов, македонски драмски писател. Неговата литературна дејност е од извонредно значење за македонската литература. Инспириран од тешкиот живот на македонските печалбари, Панов на македонски јазик ја напиша драмата “Печалбари”, која првпат е изведена во Скопје на 3 март 1936 година. Тој напиша повеќе прозни и сценски текстови. Умре во Скопје, на 28 август 1968 година.

1906.- Во Даблин е роден Самјуел Бекет, ирски писател. Познати се неговите романи “Марфи”, трилогијата “Молоа”, драмите “Чекајќи го Годо” и “Среќни денови”. Во 1969 година ја доби Нобеловата награда за литература. Умре во Париз, на 22 декември 1989 година.

1913.- Во Општинскиот театар во Битола е одржана првата кинопретстава. Прикажана е премиерата на филмот “Градинарот Лаврициус”.

1919.- Британските трупи во Амрицар масакрираа најмалку 379 Индијци, приврзаници на водачот на Движењето за независност на Индија, Махатма Ганди.

1922.- Роден е англискиот писател Џон Брејн. Дела: роматите „Пат во високото друштво“, „Место во виското друштво“,  „Љубоморниот Бог“, „Игра на плачење“, „Остани со мене до изутрина“, студијата „Пишување роман“.

1945.- Трупите на советскиот маршал Фјодор Толбухин во Втората светска војна го скршија германскиот отпор во Виена. Падот на „втората престолнина“ на Третиот рајх го овозможи опколувањето на германските сили во Берлин, кој падна три недели подоцна.

1961.- Генералното собрание на Обединетите нации ја осуди политиката на апартхејдот во Јужна Африка.

1963.- Роден е рускиот велемајстор од еврејско потекло Хари Вајнштајн, познат како Гари Каспаров, кој во 1985  година, на 23-годишна возраст стана светски првак, најмлад во историјата на шахот.

1964.- Американскиот глумец од афроамериканско потекло Сидни Поатје го доби Оскарот за главната улога во филмот „Полско цвеќе“, како прв црнец кој ја освоил оваа награда.

1966.- Претседателот на Ирак, Абдул Салам Ариф загина во хеликоптерска несреќа.

1976.- Во експлозија во фабрика за муниција во Финска загинаа 45 лица.

1987.- Во Крушево умре д-р Стерјо Боздов, член на АСНОМ, прв декан на Медицинскиот факултет во Скопје. Роден е во Крушево, на 7 јануари 1902 година.

1990.- Во неуспешниот обид да го спречи отцепувањето на Литванија, претседателот на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов и се закани на блатичката република со економско ембарго доколку за два дена не ја повлече декларацијата за незвисност.

1993.- Почна судењето на дванаесетмината поранешни советски функционери и офицери, кои беа обвинети за заговор за соборување на Горбачов во 1991 година.

1994.- Исламски терорист-самоубиец уби шест лица во автобус во израелскиот град Хадера.

2012.- Во Скопје, во 77. година од животот умре истакнатиот македонски писател и академик Ташко Георгиевски. Тој долги години работеше како уредник во Македонската телевизија, и како уредник во издавачките куќи „Мисла“ и „Македонска книга“. Член на ДПМ беше од 1957 година. Беше член на Македонскиот ПЕН центар и член на Македонската академија на науките и уметностите. Ташко Георгиевски зад себе остави богат и значаен прозен опус. Автор е на романите: „Луѓе и волци“, „Ѕидови“, „Црно семе“, „Змиски ветар“, „Црвениот коњ“, „Време на молчење“, „Рамна земја“, „Исчезнување“, како и на збирките раскази: „Ние зад насипот“, „Суви ветрови“, „Куќа под калето“ и други. Автор е и на автобиографските записи „Плочата на животот“ и „Творечката лабораторија на писателот“. Романите „Црно семе“ и „Црвениот коњ“ се филмувани и како такви имаа голем успех. Неговите дела се преведени на повеќе јазици во светот. Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Рациново признание“, „Дијалог“ и други. Ташко Георгиевски е роден 1935 година во село Кронцелево, Воденско, Егејска Македонија.

2018.- На 86-годишна возраст по кратко боледување почина познатиот американски режисер со чешко потекло Милош Форман. Форбан е добитник на Оскар за режија за филмовите „Лет над кукавичкото гнездо“ и „Амадеус“, а меѓу неговите останати познати дела се и „Народот против Лари Флинт“ и „Човек на Месечината“. Тој е роден на 18 февруари 1932 година во местото Часлав во близина на Прага, како Јан Томас Форман. Неговите родители биле убиени во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц и Форман поголем дел од детството го минал во дом за деца без родители. Во 50-те години на минатиот век почнува да се занимава со снимање филмови, како еден од претставниците на „златната генерација на чехословачката кинематографија“. Во 1968 година за време на советската воена интервенција во Чехословачка, Форман се наоѓа во Париз, од каде емигрира за САД и во 1975 година добива американско државјанство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот