На денешен ден – 12 мај

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1707.- Роден е Карл фон Лине, шведски природонаучник, основач и претседател на Академијата на науките и на Природно-научниот музеј, еден од најголемите дескриптивни ботаничари. Ја создал основата на ботаничката номенклатура, воведувајќи бинарна номенклатура, така што секое растение има две имиња – род и број. Умрел во 1778 година.

1842.- Во Сент Етјен е роден Жил Масне, француски композитор. Влијаел врз цела една генерација француски композитори, се до Клод Дебиси. Компонирал повеќе од 20 опери, главно со лирска тематика, од кои најпознати се „Манон“, „Вертер“ и „Дон Кихот“. Умрел на 13 август 1912 година.

1845.- Во Бон умрел Август Вилхелм Шлегел, германски писател, литературен историчар, преведувач и филозоф. Роден бил во Хановер, на 5 септември 1767 година.

1935.- Во Њујорк умрел Михаило Пупин, научник кој со своите пронајдоци во областа на електрониката (жичната и безжичната телеграфија) станал познат во светот. Најголема слава и признание му донесле „Пупиновите калеми“ – со кои се овозможува пренос на телефонски разговори на голема далечина. Роден бил во Идвор, во Банат, на 4 октомври 1858 година.

1943.- Во Тунис капитулирале германско-италијанските сили со што била окончана битката за Северна Африка.

1949.- Официјално била укината советската блокада врз Западен Берлин, започната кон крајот на јуни во 1948 година бидејќи и западните сојузници и Советскиот Сојуз ја сфатиле безмисленоста на бескомпромисното спротивставување.

1969.- Во Велика Британија старосната граница на изборното право била намалена од 21 на 18 години.

1988.- Умрел Ким Филби, славен советски разузнувач. Филби раководел со Одделението на Британската контрашпионажа за борба против Советскиот Сојуз, а истовремено бил и советски шпион. Во 1963 година пребегнал во Москва, каде што ја продолжил разузнувачката работа, пред се од аналитички карактер. Роден бил во 1911 година.

1993.- Република Македонија воспоставила дипломатски односи со Република Босна и Херцеговина.

1993.- Швајцарија ја признала Република Македонија.

1994.- Во Лондон умрел Џон Смит, лидер на Лабуристичката партија на Велика Британија, еден од најпопуларните британски политичари. Роден бил во 1939 година.

1995.- Сопствениците на „Рокфелер центарот“ во Њујорк зад кој стоел јапонски капитал, го објавиле банкротот на овој гигантски деловен центар.

2002.- Поранешниот американски претседател Џими Картер пристигнал во приватна посета на Хавана како американски политичар со највисок профил откако во 1959 година Фидел Кастро со револуција ја презел власта на Куба.

2007.- Во експлозија на бомба на пазар во турското пристаниште Измир биле повредени 15 луѓе. Бомбата била прицврстена за велосипед, оставен на пазарот во квартот Борнов. Се смета дека зад терористичкиот акт стои курдската ПКК. Измир, по Истанбул, е најголемото пристаниште во Турција, а и главен пристанишен град и голем туристички центар.

2019.- Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, даде свечена изјава пред Собранието на Република Северна Македонија. Со ова Пендаровски и официјално ја презема функцијата претседател на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот