На денешен ден – 10 април

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1583.- Роден е холандскиот правник, писател и хуманист Хиг де Грот, познат како Хуго Гроцијус, основач на науката за меѓународното право. Припаѓал на „школата за природно право“ и ја докажал еднаквоста меѓу луѓето и пред законот. Дела: правни и религиозни – „De iure belli ac pacis“, „Mare liberium“, „De iure praedae“, „De iure belli ac pacis“, „Mare liberium“, „De iure praedae“, „De veritate religionis Christus patiens“…

1585.- Умрел папата со италијанско потекло Гргур Тринаесетти, кој во текот на 13 години како црковен поглавар ги поттикнувал француските римокатолици на злосторства. Тој го поддржувал шпанскиот крал Фелип Втори, приврзаник на инквизицијата, во борбата против Англија. Советуван од астрономите во 1582 година го реформирал календарот, наречен Грегоријански.

1814.- Британските и шпанските сили во битката кај Тулуз ги поразиле трупите на францускиот цар Наполеон Први, кој утредента абдицирал и бил прогонет на островот Елба, во Средоземното Море.

1847.- Во Мако, Унгарија, е роден Џозеф Пулицер, по потекло Унгарец, значајно име во американското новинарство. Се смета за зачетник на „жолтиот печат“, односно на масовниот булеварски печат во светот. Од 1917 година е воведена „Пулицеровата награда“ за новинарство, култура и литература. Учествувал во Американската граѓанска војна (1861-1865), а подоцна станал сопственик на издавачки куќи и бил избран во Конгресот. Умрел во Јужна Каролина, во САД, на 29 октомври 1911 година.

1867.- Умрел рускиот шахист Александар Дмитријевич Петров, прв руски шаховски мајстор и шаховски теоретичар. Тој бил втемелувач на руската шаховска школа и најсилен шахист во првата половина на 19. век. Иако го сметале за непобедлив, тој никогаш не играл надвор од Русија. Во 1824 година издал учебник за шахот. Една од шаховските варијанти е наречена според него – Петрова одбрана.

1916.- Почнала масовната германска офанзива на Верден, која во историјата на Првата светска војна е позната како „Верденска кланица“, а во која требало да се уништат француските сили. Но, во жестоките борби двете страни загубиле по половина милион луѓе а крвавиот судир завршил без победник.

1919.- Убиен бил Емилијано Запата, водач на Движењето на мексиканските селани за аграрна реформа. Тој со многубројните акции и битки ја создал бурната историја на мексиканската револуција. Роден бил во 1877 година.

1932.- Роден е египетскиот филмски актер Мајкл Шалхуб, познат како Омар Шариф, кој најчесто играл во улоги на романтичен љубовник и херој. Филмови: „Лоренс од Арабија“, „Доктор Живаго“, „Смешна девојка“.

1948.- Започнала изградбата на хидроцентралите „Маврово“.

1954.- Умрел францускиот хемичар и индустријалец Огист Лимиер кој со неговиот брат Луј ја направил првата филмска камера и во Лион отворил фабрика за изработка на фотографски материјал. Браќата пронашле постапка за снимање во природни бои и во париската кафеана „Гран кафе“ на 28 декември 1895 година ја приредиле првата филмска претстава во светот („Влегување на воз во станица“, „Работници излегуваат од фабрика“).

1963.- Во северниот Атлантик во експлозија на американската нуклеарна подморница „Трешер“ загинаа 129 лица. И по долгата истрага не била соопштена причината за најтешката подморска несреќа во историјата на САД.

1972.- Во земјотрес во јужниот дел на Иран загинале повеќе од 5.000 луѓе.

1972.- Повеќе од 50 земји, вклучувајќи ги САД и СССР, ја потпишале Конвенцијата за забрана на биолошкото оружје.

2001.- Горниот Дом на холандскиот Парламент со мнозинство гласови гласал за законот за евтаназија, не земајќи ги предвид уличните демонстрации на противниците на тој закон, со што Холандија станала прва земја во светот во која било озаконето убиството од милосрдие.

2010.- Во близина на Смоленск се урнал авионот на полскиот претседател Лех Качињски – „Тупољев“ 154. Во несреќата загинал претседателот и 95 патници, меѓу кои и голем број полски владини претставници. Полската делегација требало да присуствува на комеморација на илјадниците полски офицери, воени заробеници, кои пред 70 години биле убиени во Катинската шума од страна на советската тајна полиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот