На 20 избирачки места на гласачите ќе им се проверува отпечаток од прст

Фото: Слободен печат

На претстојните избори новиот начин на идентификација на гласачите ќе се испроба во 20 избирачки места со позајмена опрема од Ерменија, а веќе на локалните избори следната година, техничката опрема за идентификација преку отпечатоци од прстите ќе биде задолжителна.

Во дваесет избирачки места на претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април идентитетот на гласачите ќе се утврдува преку отпечаток од прст, а од следните избори таквата проверка ќе биде задолжителна на сите избирачки места. На календарот, следни избори се локалните, чиј редовен термин е во есента 2021 година.

Според последните измени на Изборниот законик, усвоени непосредно пред распуштањето на пратениците, гласањето во иднина ќе се врши со примена на техничка опрема за идентификација на гласачите, односно со уреди кои ќе ги читаат нивните биометриски лични документи и отпечатоците од прстите.

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски за „Слободен печат“ објасни дека на претстојните избори идентификацијата со отпечатоци ќе се спроведе како пилот-проект во 20 избирачки места, а од следните избори ќе биде задолжително.

– Во преодните одредби на законот е наведено дека оваа обврска на претстојните избори во април ќе се спроведе доколку постојат технички услови. Ние ќе спроведеме пилот-проект во 20 избирачки места со опрема што ја позајмивме од државата изборна комисија на Ерменија. Ќе ги распоредиме уредите насекаде, и во рурални и во урбани средини, за да видиме како ќе функционира и како на овој новитет ќе реагираат самите гласачи. Ние бевме во Ерменија и видовме како работи тој систем. Едноставно е, во уредите се вметнува личната карта или пасошот на гласачот и на екранот се појавува негова слика, а идентификацијата е дополнета и со отпечаток од прст – објаснува Дерковски.

Тој додава дека софтверот на уредите од Ерменија ќе се приспособи со податоци од македонскиот Избирачки список.

За следните избори ДИК ќе мора да купи околу 3.000 уреди за идентификација на гласачите преку отпечатоци, колку што има избирачки места. Дерковски вели дека уредите ќе ги набават преку проекти со странски пари и со пари од државниот буџет.

Кога гласачот ќе пристапи на гласање и ќе го подаде документ за идентификација, членовите на избирачкиот одбор ќе ја вметнат личната карта или пасошот во техничкиот уред и ако избирачот е запишан во Избирачкиот список, на екран ќе се појави неговата фотографија и редниот број во списокот. Ако избирачот претходно веќе гласал, техничката опрема ќе даде такво известување, а ако не гласал, тогаш избирачот во опремата го вметнува показалецот од десната рака. Доколку го нема тој прст, се зема отпечаток од левиот показалец, а ако недостасуваат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст. Ако гласачот нема раце, овој чекор од проверката на идентитетот се изоставува, а ситуацијата се евидентира во дневникот на настани.

Според законот, ако се случи техничката опрема да не може да го прочита документот за лична идентификација, а гласачот се наоѓа во Избирачкиот список, тогаш избирачкиот одбор ќе го вметне преку тастатура во уредот бројот на документот за идентификација. Ако избирачот не е запишан во изводот од Избирачкиот список за конкретно избирачко место, а се наоѓа во Избирачкиот список, но гласа на друго избирачко место, во техничката опрема ќе се појави бројот на местото каде што избирачот може да гласа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот