Предлог со поминат рок на траење

Марин Гавриловски

Со неприфаќањето на предлогот, Ковачевски може да манифестира високо чувство на разбирање на националните интереси и гласот на мнозинството од граѓаните и нема да дозволи националното понижување, а прифаќањето на францускиот предлог да биде причина за неговото заминување од политичката сцена.

Измина една седмица откако заврши француското претседавање со Европската Унија, а во Македонија сè уште се дебатира за таканаречениот модифициран француски предлог за кревање на бугарското вето и за почеток на преговорите за наше полноправно членство во Унијата. Општо е познато дека производите на кои им е изминат рокот се штетни по здравјето и може да предизвикаат несакани последици. Затоа се поставува прашањето, дали ние воопшто треба да разговараме и да го прифатиме бајатиот француски предлог или, пак, треба да се насочиме кон барање и изнаоѓање нов предлог кој би бил предложен од актуелниот претседавач со Унијата, Чешка. Во политиката, но и во животот, одлуките не треба да се носат во пет до дванаесет или, пак, во нашиот случај, во дванаесет и пет. Франција имаше шест месеци да најде решение за ирационалното бугарско вето, па не мораше буквално во последните часови од претседавањето со Унијата да го предложи своето видување за тоа како би требало да се откочи пристапниот процес за Македонија.

Поминатиот рок на траење, не е единствената причина поради која францускиот предлог треба да се одбие.

Она што за Владата е клучна причина поради која треба да се прифати овој предлог, според неа е чистата формулација за македонскиот јазик (патем, вокабуларот на официјалните претставници на државава, преземен од поранешниот ни премиер, познат по својата елоквенција, од типот „бетон“ и „црвени линии“, во принцип воопшто не треба да бидат дел од дипломатскиот речник). Но, дали е навистина така, дали навистина Европската Унија во преговарачката рамка и ппридружните документи не го проблематизира македонскиот јазик?
За македонскиот јазик Европската Унија предлага Македонија и Бугарија да дадат унилатерални изјави, во кои ќе го кажат својот став за него. Значи, не дава само Бугарија унилатерална изјава за јазикот туку таква дава и Македонија, со тоа Унијата не застанува на ставот дека македонскиот јазик е неспорен, туку едноставно им дава право на заинтересираните страни да си го кажат своето мислење, не заземајќи став што би бил став на Унијата.

Од друга страна, Бугарија го има признаено македонскиот јазик со потпишувањето на Договорот за добрососедство, каде што стои формулацијата дека тој е потпишан во два оригинални примерока, секој на официјалните јазици на договорните страни – македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија, и бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија. Чуму им е на заинтересираните страни да даваат еднострани изјави кога тоа прашање е веќе затворено? И дали измената на ставот за јазикот од страна на Бугарија значи и ретерирање од она што е договорено со Договорот за добрососедство? Конечно, дали македонската дипломатија требало да го адресира ова прашање кога се формулирал делот од преговарачката рамка и придружните изјави за македонскиот јазик?

Второто спорно прашање е де факто влегувањето на историските прашања во преговарачката рамка преку „билатералните протоколи“, кои во изменетиот предлог се преименуваа во „годишни извештаи и мерки за ефективна имплементација“. Нив ќе ги евалуира Европската комисија при утврдувањето на напредокот на нашата земја во преговорите. Со тоа се прави уште еден преседан, со внесување на билатералните проблеми во преговарачката рамка и нивно издигнување на ниво на Унијата. И Италија и Словенија и Хрватска во процесот на пристапување кон Унијата имаа отворени билатерални прашања, но сепак тие не влегоа во нивните преговарачки рамки и не беа предуслов за нивно зачленување во Унијата.

Измената на Уставот и впишувањето на Бугарите во неговата преамбула се прифати со таква леснотија што тоа дури не се ни гледа како спорно прашање. Што ли си мисли сега сиротиот проф. Шкариќ кога нашиот Устав се менува почесто од менијата на некои ресторани, а на предавањата по Уставно право нам, на студентите, ни велеше: „Уставот треба да се менува со рака која трепери“.

Проблематично е исто така и времето во кое треба да се менува Уставот. Нелогично е најголемата отстапка да се прави на почетокот од преговорите. Тоа само дава лоша слика за нашиот преговарачки тим и ги зголемува апетитите на другата страна. Повеќе од сигурно е дека Бугарија ќе поднесе нови барања непосредно по измената на Уставот, кои ќе бидат полоши и поболни од претходните. Кога еднаш си покажал слабост, спротивната страна, да не речам непријателот, ќе бара уште повеќе и повеќе. Тоа е така „by the book“. Дали нашите учеле дипломатија и преговарање или само зеле краток курс од Заев?

Измената на Уставот е проблематична и од самиот факт дека партиите на власт немаат двотретинско мнозинство кое е неопходно за негова промена, ги немаат ни чаршиските квалитети на Заев и заканите од кривичен прогон со кои може да се уценуваат пратениците кабаетлии, за да се обидат да го обезбедат тоа мнозинство. Тоа значи дека дури и да ги прифатиме, сега веќе европските услови, ние нив нема да може да ги испорачаме, па постои опасност бесконечно долго да останеме помеѓу двете меѓувладини конференции, онаа првата ѓоамити конференција и онаа втората, вистинската, која би уследила само кога ќе ги завршиме уставните промени. Тоа, секако, ќе биде многу неповолна ситуација – ем сме ги прифатиле условите и нема враќање назад, ем не сме кадарни да ги спроведеме уставните измени, значи нема одење ниту напред. Или што би рекол народниот мудрец: „Угоре високо, удолу длабоко“.

Прифаќањето на модифицираниот француски предлог, покрај на државата и нејзината положба во целост, лошо ќе се одрази и врз владејачкото мнозинство. Голем број граѓани, интелектуалци што никогаш не биле на страната на ВМРО-ДПМНЕ, а уште помалку на страната на екстремната леводесница олицетворена во партијата чиј лидер е контроверзниот, невоспитан и опасен Апасиев, искрено сметаат дека францускиот предлог е спротивен на нашите национални интереси. Со прифаќањето на предлогот Владата си пука во нога, префрлајќи го „барјакот на македонштината“ кај ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои веќе ги тријат рацете и нарачуваат нови испитувања на јавното мнение за да видат за колку проценти им пораснал рејтингот.

Сума сумарум, резултатот од прифаќањето на францускиот предлог, како за државата така и за владејачките партии е неповолен и ќе резултира со влошување на нашата преговарачка позиција со Бугарија, зголемување на тензиите внатре во државата, кои во крајна линија би предизвикале нови избори на кои несомнено националистите и крајната десница ќе победат, што од друга страна значи дека, такви какви што се, нема да бидат подобни за преговори со Унијата, па повторно работите ќе останат во ќорсокак.

Со неприфаќањето на предлогот, пак, Ковачевски може да манифестира високо чувство на разбирање на националните интереси и гласот на мнозинството од граѓаните и нема да дозволи националното понижување, а прифаќањето на францускиот предлог да биде причина за неговото заминување од политичката сцена.

Македонија сега е во далеку поповолна ситуација отколку кога ЕУ ја донесе фамозната Лисабонска декларација со која од нас се бараше во нашето државно име воопшто да не се спомнува зборот Македонија. Со помош на Обединетото Кралство, успеавме да го промениме тој став на Унијата, а бевме млада држава без многу пријатели во светот. Сега, кога сме членка на НАТО и потврден сојузник на САД, нашата позиција е доволно комотна за да можеме и ние да го кажеме нашиот збор, особено кога се во прашање националните интереси на државата. За тоа треба државничка мудрост и решеност дека за некои прашања нема попуштање, само така ќе нè ценат на меѓународната сцена и само така ќе може да опстоиме во овие турбулентни и тешки времиња и да ја сочуваме татковината која нашите дедовци ја создале, борејќи се против истите оние што денес сакаат повторно да ни ја земат. Обидете се да јадете и да сварите француска салата шест месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот