МЗТ Скопје со втора победа во АБА2 лигата
Екипата на МЗТ Скопје Аеродром дојде до втората победа во вториот меч од новата сезона во АБА2-лигата, откако со далеку подобра игра во второто полувреме го скршија отпорот на незгодниот тим на Спарс (77:65), кој му беше ривал во полуфиналето од плејофот минатата сезона.
Клучна за победата на македонскиот кошаркарски шампион беше серијата 15:3 во финишот од третата и стартот на последната четвртина, со која „штрковите“ дојдоа до највисокото водство од 13 поени разлика (68:55), кое им ја осигура победата на првото гостување во регионалното натпреварување.
Двете екипи беа израмнети речиси во сите статистички категории, па нијанси го одлучуваа победникот како двете тројки повеќе (6:4), двете погодени слободни фрлања повеќе (14:12) и по трите украдени топки повеќе (11:8) односно загубени топки помалку (15:18) во корист на МЗТ Скопје Аеродром.
Американецот Џабари Хиндс беше убедливо најдобар во нашиот состав, завршувајќи го мечот со 23 поени, девет скока, осум асистенции и три украдени топки. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Дамјан Стојановски со 12 поени и Нуни Омот со 10 поени, сите во првото полувреме.
„Металците“ следните два меча во АБА2-лигата ќе ги одиграат на домашен терен, а прв ривал ќе им биде словенечка Рогашка, веќе следниот вторник во „Јане Сандански“.