МЗТ Скопје се жали: Шокирани сме од казната

фото: mztskopjeaerodrom.mk

Шокирани сме од одлуката, особено што станува збор за натпревар на кој присуствуваа само 250 гледачи и на кој немаше некој посериозен инцидент.

Управата на македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје најави жалба по одлуката на АБА лигата да ги казни „металците“ со 15.001 евра и еден натпревар да играат пред празни трибини.

Причината за ваквата одлука е послениот натпревар кој се играше во СЦ „Јане Сандански“ против Сутјеска, поради прекините поради навредливо скандирање и плукање.
Соопштението на МЗТ Скопје ви го пренесуваме во целост:

„ Информацијата дека сме казнети со неверојатни 15.000 евра и настап на еден натпревар пред празни трибини (следниот против Хелиос) ни дојде буквално како „гром од ведро небо”, пред сѐ поради ригорозноста покажана кон нашиот клуб, е првата реакција на македонскиот кошаркарски шампион по изречената санкција од АБА лигата.

Шокирани сме од одлуката, особено што станува збор за натпревар на кој присуствуваа само 250 гледачи и на кој немаше некој посериозен инцидент. МЗТ Скопје Аеродром долги години наназад настапува во натпреварувањата од АБА-лигата и досега бил домаќин на голем број натпревари, на кои никому ништо не му се случило. Напротив, неретко сме биле потенцирани како пример за добро организиран клуб, кој знае да се справи со предизвиците кои со себе ги носи играњето во друштво на најдобрите тимови на просторот на поранешна СФР Југославија.

Затоа сме изненадени што преку ноќ се заборава на многуте одлично организираните натпревари низ годините и ни се наметнува епитетот на проблематичен домаќин.

Досега сезонава сме казнети со повеќе од 20.000 евра и тоа за средби на кои вкупно на сите заедно немало ниту приближно гледачи како на само еден од попроблематичните дуели на кои бевме сведоци во регионалното натпреварување изминативе две години. Затоа, решени сме да не дозволиме дополнително нарушување на имиџот на нашиот клуб, односно ќе побараме адекватна проценка на нашите пропусти, е ставот на клубот од Аеродром.

МЗТ Скопје Аеродром уште денеска ќе поднесе жалба на одлуката на дисциплинскиот судија.
Уверени сме дека ќе ја истераме правдината на виделина, односно ќе покажеме дека направениот грев е погрешно градиран и дека наместо од групата сериозни ќе треба да биде сместен во категоријата помали прекршоци. А за тоа, санкциите се далеку помали и поподносливи.“, стои во соопштението на МЗТ Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот