МЗТ Скопје Аеродром како прв ќе влезе во плеј-офот

МЗТ Скопје Аеродром стартува од најдоброто место во плеј-офот/Фото: mztskopjeaerodrom.mk

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром од првата стартна позиција ќе влезат во доигрувањето за титула, откако стана јасно дека неделното гостување во Битола нема да има резултатско значење по синоќешниот пораз на најголемиот ривал Пелистер кај Еуро Никел (94:70).

„Металците“ на едно коло до крајот на суперлигашкиот дел се лидери на табелата и тоа со учинок 27-4, односно со две победи повеќе во однос на битолчани, поради што задутрешната меѓусебна пресметка ќе биде само за престиж.

Тоа, секако, нема да ја намали желбата за успех на оваа средба, иако тренерот Александар Петровиќ и неговите избраници со мислите веќе ќе бидат во плеј-офот.

Неделното последно коло ќе го даде и одговорот за тоа кој ќе му биде противник на МЗТ во полуфиналето од разигрувањето за шампионскиот трофеј. Тоа ќе биде победникот од пресметката помеѓу ТФТ и Гостивар, со оглед што Еуро Никел веќе го обезбеди третото место без разлика на епилогот од последниот дуел дома против Феникс, во кој секако влегува како голем фаворит.

Мора да се нагласи дека првото место на табелата по регуларниот дел од сезоната на МЗТ му носи предност на домашен терен во евентуалната „мајсторка“ во полуфиналето и во евентуалното финале, секако ако во некоја од овие две серии дојде до потреба за такво нешто.

Табела: МЗТ Скопје Аеродром 58 бодови, Пелистер 56, Еуро Никел 49, Гостивар 48, ТФТ 48, Феникс 2010 45.

Следни натпревари: Еуро Никел – Феникс 2010 (21 мај), ТФТ – Гостивар (22 мај), Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром (22 мај).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот