МЗТ Скопје Аеродром и Работнички во битка за трофејот во Суперкупот

Официјално, МЗТ има три трофеи во ова натпреварување, а Работнички два/фото: druga.aba-liga.com

Првиот неофицијален меч во историјата на Суперкупот е одигран во 1997 година, актерите се вечните ривали во македонската кошарка.

По пауза од пет години, Македонската кошаркарска федерација ќе продолжи една традиција, како вовед во новата сезона, да се играат натпреварите од Суперкупот, кој од оваа година ќе го носи името на прославениот тренер Драган Василов Цевка. Во сабота навечер, во СРЦ „Кале“, ќе го добиеме деветтиот победник во ова натпреварување во машка конкуренција.

Еве што вели историјатот, првиот (неофицијален) натпревар од Суперкупот е одигран во 1997 година. Во меч означен како суперфинале, кој одлучуваше кој од двете екипи ќе ја претставува Македонија во Еврокупот, се сретнаа екипите на МЗТ Скопје и Работнички.

Победи екипата од „Јане Сандански“, која има и најмногу освоени одличја низ годините кои следуваа(т). Официјално, МЗТ Скопје има три трофеи во ова натпреварување затоа што победуваше во 2003 година, како и на последните два одиграни натпревари. Во 2015 година, кога беа подобри од Работнички, и во 2016 година, на мечот во Скопје, каде го совладаа Карпош Соколи 2000.

„Црвено-белите“ од „Градски парк“, со кого ќе играат во сабота навечер од 19.30 часот го освојуваа пехарот во Суперкупот во 2001 (против Никол Ферт) и во 2011 година, кога беа подобри од екипата на Фени Индустри.

Со документ за вакцинација може да присуствувате на Суперкуп натпреварите

Два трофеи има и Никол Ферт. Некогашниот македонски шампион беше победник во 2000 година. А клубот од Гостивар славеше и две години подоцна (во мечот против Работнички). Со титулата победник во Суперкупот на Македонија може да се пофали и екипата на Струмица, која победи во 2007 година, кога беше подобра од скопски Вардар, тогашниот освојувач на Купот на Македонија.

Историјата вели дека ова натпреварување е прекинувано во три наврати. Не се играа натпревари во 2004, 2005 и 2006 година, потоа и во 2008, 2009 и 2010 година, како и во 2012, 2013 и во 2014 година.

За првпат, ќе имаме и победник на Суперкупот во женскиот сегмент. За првиот трофеј ќе се борат двете најдобри екипи во ланската сезона, освојувачот на двојната круна, екипата на Баскет КАМ од Македонска Каменица и скопски Бадел 1862, финалистот во двете натпреварувања за минатата сезона. Овој натпревар е закажан за 17.00 часот.

СУПЕРКУП НА МАКЕДОНИЈА

ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ:

2000: Никол Ферт – Гостивар

2001: Работнички – Скопје

2002: Никол Ферт – Гостивар

2003: МЗТ Скопје – Скопје

2004, 2005, 2006: не се одржа

2007: Струмица 2005 – Струмица

2008, 2009, 2010: не се одржа

2011: Работнички – Скопје

2012, 2013, 2014: не се одржа

2015: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје

2016: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје

2021: ???

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот