МЗШВ: Ниту еден документ не е исчезнат во хакерскиот напад, се работи на целосно враќање на системот

Вработените во секторот за информатички технологии на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) активно работат за целосно отстранување на проблемот во електронскиот систем поради хакерскиот напад што се случи на 12-ти овој месец. Поради превенција, во моментот системот е делумно подигнат, односно како се отстрануваат проблемите етапно системот се чисти и се враќа во функција, соопшти МЗШВ.

Оттаму упатуваат извинување до граѓните поради неможноста навремено и брзо да ги вршат услугите, а дополнително МЗШВ ќе ја информира јавноста за отстранувањето на проблемот и повторното подигнување на системот.

Како што наведуваат од МЗШВ, електронскиот систем на МЗШВ на 12-ти овој месец беше цел на хакерски напад од меѓународна хакерска група „Black Byte”. Нападот предизвика блокирање на редовниот работен процес во Министерството и оневозможување на тековните работни процеси.

– МЗШВ уште дента на нападот веднаш ги извести граѓаните, а траснпарентно изминативе денови даде одговор на сите новинарски прашања поврзани со хакерскиот напад, соопшти Министерството.

Нападот, како што посочуваат, е пријавен во Министерството за внатрешни работи за понатамошно истражување и постапување, а превентивно поради сериозноста на нападот времено вон функција биле ставени сите системи на Министерството.

– Со нападот извршено е оштетување, односно декриптирање на податоци од офис документи (word, excel, pdf), додека пак апликациите на Министерството како на пример ЕРЗС системот, ФАДАН, системот за идентификација на земјоделски парцели и други апликации не се оштетени од овој напад, но превентивно веднаш по нападот беа исклучени и сега повторно се активни. Исто така архивата на министерството е оспособена и истата работи, ниту еден документ не е исчезнат или оштетен, посочуваат од МЗШВ.

Претходно денеска од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Министерството за земјоделство водостопанство и шумарство премолчило и пак не кажало колкав дел од архивата е достапен после наводниот хакерски напад. 

-Министерството и министерот Љупчо Николовски молчат и кријат дека проблемот е далеку поголем. Тие не демантираа дека  се недостапни  голем дел од документите од архивата, како на пример електронски податоци од фарм регистарот, регистри за откупувачи за вино, за земјоделските задруги, за органско производство, преглед на сите важечки договори за закуп на земјоделско земјиште, вклучително и листа на должници. Ова се важни документи, за кои Министерството не кажува дали се зачувани или изгубени во целост или делумно, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив нејасните и нецелосни одговори на министерството отвораат сомнежи и прашања дали сајбер напад трајно уништил документи и податоци и кКолкава штета ќе имаат земјоделците од ваквата хаварија и дали од тоа некој ќе има ќар зошто на тој начин би прикрил злоупотреби и криминали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот