МЗШВ контра Трипуновски: Нема незаконски распределби на државно земјоделско земјиште под закуп

Фото Архива на СП

Оттаму посочуваат дека Трипуновски треба да ја знае разликата помеѓу јавен оглас и јавен повик.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги демантира тврдењата на дополнителниот заменик-министер, Цветан Трипуновски. МЗШВ најодговорно тврди дека целата процедура за склучување на договори за давање на државно земјиште под закуп за посочената катастарска општина Нова Брезница е запазена и е согласно законските прописи.

-Имено, за посочениот јавен оглас и потпишаниот договор на 26.12.2018 година, лицето Г.Ѓ е воведено во владение на 06.02.2019 година, со записник за воведување во владение изготвен од страна на комисија формирана од подрачната единица за земјоделство во општина Кисела Вода, се вели во дописот од Министерството.

Оттаму посочуваат дека Трипуновски треба да ја знае разликата помеѓу јавен оглас и јавен повик.

-Станува збор за две различни процедури. Согласно член 25-б став 1 и став 2 од Законот за земјоделско земјиште, јасно е пропишано дека постапката за јавен повик се спроведува преку доставување на понуди од заинтересирани странки за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. Во овој случај земјоделските парцели не се предмет на проверка ниту јавна објава, велат од МЗШВ.

Јавниот повик кој го посочува Трипуновски, појаснуваат од Министерството, беше отворен за поднесување на апликации од 12.12.2018 година и траеше до 11.01.2019 година. Основен документ за јавните повици е геодетскиот елаборат чиј составен дел е имотниот лист, преку кој се утврдува службеност и други товари на земјиштето. При евалуацијата на понудите на јавниот повик, не е утврдено никакво корисничко право, ниту пак е прибележан закуп во имотниот лист доставен од апликантот В.Т.

Во соопштението на МЗШВ се вели дека согласно член 30 од Законот за земјоделско земјиште, министерот е должен ја почитува одлуката на Комисијата и да склучи договор со апликантот.

-Според истиот член, договорите за закуп влегуваат во сила со денот на воведувањето во владение на закупецот врз земјоделското земјиште. Договорот склучен со лицето В.Т не е ставен во владение и не произведува правно дејство, бидејќи Комисијата за воведување во владение при подрачната единица на МЗШВ во Кисела Вода, има утврдено право на користење на лицето Г.Ѓ. Со тоа договорот склучен на 26.12.2018 е единствениот договор кој е стапен на сила и има правно дејство, се вели во дописот од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот