МЗ: ПАП тестот на три години не е новина и е по препорака на Националната комисија за скрининг на матка
По објавувањето на документот од „Слободен печат“ со кој бесплатен ПАП тест да се прави на секои три години, а не како до сега на една година, изреагира Министерството за здравство. Според нив, не станува збор за новина во овој сегмент, бидејќи во рамки на Програмата за скрининг за рак на грло на матка, ПАП тестот се прави на три години кај здрави жени без симптоми.
-Во текот на годината пациентката која ќе се јави кај матичен гинеколог може да направи и дополнителен гинеколошки преглед со ПАП тест. Ваквото функционирање е по препорака на Националната комисија за скрининг на матка, односно сите жени со соодветно утврдена здравствена состојба ќе продолжат и натаму да се третираат, согласно протоколот за дејноста гинекологија и акушерство- велат од Министерството.
Нивната реакција доаѓа откако матичните гинеколози изреагираа дека нема да прават бесплатен ПАП- тест за жените секоја година, бидејќи не се покрива од Фондот за здравство. Оваа услуга сега е достапна на секои три години. Одлуката е од пред два месеци и ја имаат добиено сите ординации од „Мој термин“ кои имаат склучено договори со Фондот за здравствено осигурување.
„Слободен печат“ дојде до одлуката која приватните гинеколошки ординации имаат обврска да ја закачат на видно место со цел пацинтките да се информираат. На неа стои дека не следува бесплатен ПАП почесто од три години освен доколку пациентката има позитивен наод за карцином, состојба после интервенција или пак се подготвува за операција. Исто така ПАП без пари може да добиете доколку е неправилно земен, имате неспецифичен колит или имате опериран карцином во претходните 4 до 6 месеци.
– Одлуката дојде ненадејно, таман ги научивме жените дека треба да доаѓаат на редовен преглед. Сега доаѓаат тие кои не биле од минатата година, бараат ПАП тест за рана дијагноза на карцином на матка, но кога ќе им кажеме дека се плаќа сите си одат. Се расправаат со нас, а ние воопшто не сме виновни- вели гинеколог од Скопје. Според него цената е од 1.200 до 1.500 денари во зависност од лабараторијата каде се носи за испитување.
Само со карцином до бесплатен ПАП-тест секоја година, за сите останати на три години