МЗ контра сите: Во земјава има доволно гинеколози, треба да се релоцираат

Фото: Илустрација

Балтазарова e идејата на министерот за здраватво Венко Филипче гинеколзите од болниците да работат и како матични, коментираат матичните гинеколози бидејќи ако тоа се спроведе во пракса нема да го реши проблемот со недостигот на матични лекари туку ќе го зголеми недостигот на лекари во болниците.

-Министерот како пример го дава Прилеп каде има само 4 матични гинеколози, а од нив 2 ќе одат во пензија. Болницата во Прилеп и сега нема доволно гинеколози, па ја покриваат лекари од Битола. Малку е нелогично лекарите од Битола да ја покриваат болницата во Прилеп, а овие од Прилеп да работат како матични – велат гинеколозите кои засега не реагираат официјално бидејќи му даваат време на министерот да  се премисли.

Инаку вакво нешто планирал и поранешниот министер Никола Тодоров, но сфатил дека ќе создаде поголем проблем па се откажал.

Од стручните здруженија  до Министерството за здравство бил пренесен став дека ваква реорганизација нема ништо добро да донесе. Гинеколозите велат и дека оваа мерка ја нема ниту во препораките за Светската здравствена организација ниту во владиниот план за развој на примената гинекологија за периодот од 2018 до 2023 година.

-Ако имаше некој натпревар за најлоши идеи оваа ќе освоеше гран при, коментираат гинеколозите.

За да се покрие недостигот на гинеколози во болниците од Клиниката за гинекологија со години ги покриваат болниците во Кочани, Свети Николе, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Охрид. Од гинеколошката болница во Чаир покриваат во Гевгелија. Како примери каде има доволно гинеколози во болниците се даваат Тетово, Битола и Штип.

Од Министерството за здравство наспроти општиот впечаток што постоти во јавноста, објаснуваат дека во земјава има доволно гинеколози, но тие се лошо распределени. Според анализата на состојбите изработена од Х.Е.Р.А во соработка со ФЗО, МЗ, ГАК, ИЈЗ, Здржение на приватни гинеколози  во Македонија во 2013 година имало 367 гинеколози, односно 17,7 на 100.000 жители, а во 2017 година имало вкупно 352 лекари специјалисти по гинекологија и акушерство што е умерен пад од неполни 5%.

-Бројот на матични гинеколози е стабилен во последните 8 години.  Во периодот 2006-2013 во државата има повеќе гинеколози на 100.000 жители во споредба со европскиот просек, како и во споредба со нордиските земји и просекот на земјите од Југоисточна Европа. Инаку, нордиските земји, САД, Велика Британија, Холандија, Аврталија и други се земји кои имаат помалку гинеколози од Македонија, сметано на  1. 000 живородени деца – објаснуваат од ресорното министерство.

Оттаму додаваат и дека на секундарно ниво односно во болниците и Клиниката за гинекологија има  трипати повеќе гинеколози, споредено со примарната здравствена заштита.

-Тоа особено е изразено во здравствените региони Крушево, Демир Хисар, Македонски Брод и Пробиштип каде нема матични гинеколози. Земајќи ги во предвид еднаквите компетенции на гинеколозите на секундарно и примарно ниво и потреба од реалоцирање на гинеколози во 4 здравствени региони произлезе најавената мерка – објаснуваат од МЗ.

Од ресорното министерство велат и дека лекарите специјалисти по гинекологија, кои ќе бидат ангажирани да даваат услуги како матични гинеколози ќе добиваат соодветен надомест, а Фондот за здравствено осигурување е задолжен на го утврди моделот на плаќање.

Од МЗ велат дека Лекарската комора има позитивно мислење за начинот да се реши недостигот на гинеколози во државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот