MВР за инцидентот во Врапчиште: Кривично ќе се гонат оние кои подгреваат меѓуетнички и меѓурелигиски тензии
Министерството за внатрешни работи информира дека најстрого ќе ги санкционира објавите на социјалните мрежи што ќе разгоруваат меѓуетничка и меѓурелигиска тензија, по последните инциденти со реставрирањето на црквата „Света Петка“ во Галате, општина Врапчиште.
„МВР апелира за воздржување од било какви тензии по однос на овој настан. Било кое подгревање на меѓуетнички и меѓурелигиски тензии било на јавен простор или преку социјални медиуми ќе биде предмет на кривично-правен прогон“, информираат од МВР.
Вчера од страна на полицијата и градежен инспектор од општина Врапчиште и геодетска фирма бил извршен увид на локацијата каде се наоѓа црквата во атарот на с. Галате.
Вчера пред општина Врапчиште протестираа граѓани од селото Галате кои самоиницијативно ја реставрираат црквата, по што десеттици луѓе влегле во општината а откако одбиле да излезат, двајца од присутните биле приведени, а по неколку часа и пуштени од полициската станица.