МВР во координација со Амбасадата на САД спроведе тактичка вежба „Лебед 2023“

Уште една потврда како за меѓусебното пријателство и партнерство, така и за придонесот на Република Северна Македонија во најмоќната политичко-безбедносна НАТО Алијанса, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук-профил, по повод тактичката вежба „Лебед 2023“ што денеска МВР ја спроведе во координација со Амбасадата на Соединетите Американски Држави.

-Силно ја цениме поддршката која нашиот главен стратешки партнер Соединетите Американски Држави ни ја даваат преку Амбасадата на САД во сите процеси кои значат безбедна и напредна држава, особено во евроинтегративните процеси, вели тој.

Спасовски додаде дека со ова партнерство, храбрите државнички одлуки со кои го заштитиле националниот идентитет и со функционалните политики на дијалог и разбирање, денес Република Северна Македонија е фактор на стабилност и на безбедност во регионот и Европа.
-Пријателството со САД претставува гаранција за стабилноста на нашата држава, но и на регионот. Дотолку повеќе што рефлектира и на засилената економска соработка и големиот интерес за инвестирање во земјава. Благодарност до амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Агелер, за континуираната поддршка во меѓусебната соработка, за која уверувам дека продолжува со ист интезитет, пишува министерот.