МВР поднесе кривична пријава против скопјанец: Му заплениле над 18.000 стебла канабис што биле спакувани во 247 вреќи

ОВР Прилеп денеска поднесе кривична пријава до надлежното прилепско ОЈО поради постоење на основи на сомневање дека лицето К.Б. (36) од Скопје, управител на правен субјект за вршење на дејност производство на маслени екстракти од канабис за медицински цели, подружница во село Алданци, Крушевско, го прекршило член 95-в, став 2 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, како и против правното лице, за прекршување на член 95-в став 1 од истиот закон, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Имено, како што соопштија од МВР, врз основа на претходно добиени сознанија дека во правниот субјект се врши дејност одгледување на растенија канабис, спротивно на одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, на 20 декември во 2020 од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и членови на владина Комисија за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на медицински канабис, бил извршен вонреден инспекциски надзор и увид во правниот субјект, при што било констатирано дека во правниот субјект биле засадени растенија канабис во различна вегетативна фаза за кои не е затекната документација за евиденција.

– На 12 јануари, со цел обезбедување на докази дека постојат основи на сомнение дека во правниот субјект се постапува спротивно на законските одредби од Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци и се одгледува канабис без соодветна евиденција, по дадени насоки од Комисијата, сите простории на правниот субјект се пломбирани и изречена е забрана за вршење какви било активности во однос на одгледување на канабис за медицински цели. Од страна на Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи во координација со ОВР Прилеп на 26 јануари, врз основа на претходно издадена судска наредба од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Прилеп, бил извршен претрес во правниот субјект во село Алданци, Крушевско, во присуство на управителот К.Б, наведоа од МВР.

Од Министерството посочија дека при претресот, од правниот субјект се одземени 18.301 растенија канабис кои биле спакувани во 247 вреќи, компјутерска опрема и документација поврзана со работењето на правниот субјект. Ден претходно врз основа на наредба од Судија на претходна постапка издадена од Основен кривичен суд Скопје 1 извршен е претрес и во седиштето на правниот субјект во Скопје, при што е одземена документација и компјутерска опрема, поврзана со работењето на правниот субјект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот