МВР и Обвинителството не можат да се договорат дали во Бутел била запленета марихуана или коноп

Директорот на БЈБ Сашо Тасевски со заплената / 20 април 2020 / фото: МВР

Случајот со рекордната заплена на 1.240 килограми марихуана во скопската населба Бутел пред година и пол и натаму го следат контроверзи – судењето никако да започне, а во меѓувреме е започната и дисциплинска постапка за обвинителката од организиран криминал која го презела случајот од Обвинителството од Кавадарци, јавува Алсат.

Постапката ја води Вишото јавно обвинителство, а како можност за причините поради кои се дисциплинира обвинителката, се спомнува евентуалното нејзино гледиште дека случајот не треба го води Обвинителството за организиран криминал, пишува телевизијата.

Помпезно објавениот случај со заплената сега во судница ја застапува скопското обвинителство, но на рочиштето закажано за минатиот месец не се појави обвинител.

„По утврдување на фактичката состојба, надлежно за постапување во предметот за кој покажувате интерес е обвинителството од Скопје. Предметот е распореден кај обвинител. До обвинителство Скопје од страна на надлежниот суд не беше доставена покана за рочиштето на 28 – ми минатиот месец“, наведуваат од Обвинителството.

Директорот на БЈБ Сашо Тасевски пролетта лани јавно на Инстаграм се пофали за акцијата, но случајот сѐ уште не ни почнал да се суди во судница. Во изминатава година на случајот со запленетата марихуана, како што тврдеше МВР, работеа три обвинителства – кавадаречкото, па организиран криминал, за сега да го преземе скопското обвинителство.

МВР поднесе кривична пријава за неовластено тргување со дрога. Полицијата во три наврати тврдеше дека вештачењето покажало оти заплената од 1.240 килограми била марихуана, а не индустриски коноп. Имала високо присуство на ТХЦ и била посадена на 30 хектари во Сопот, кавадаречко. Но, Обвинителството преку свое вештачење тврди дека станува збор за индустриски коноп, а обвинението се однесува на тоа што фирмата која го насадила немала лиценца за тоа, потсетува Алсат.

На обвинителна клупа за овој случај идната година треба да седнат две осомничени лица, а обвинета е и фирмата „Канатек“. Еден од осомничените е од село Жилче – општина Јегуновце и израелски државјанин, за кого министерството за правда преку замолница бара Израел да го обезбеди за да му се суди во земјава. Судскиот процес треба да открие дали станувало збор за заплена на марихуана или индустриски коноп и како вештачења на две институции можат да покажваат различни резултати од анализа на ист примерок, се додава во прилогот на телевизијата.

Видео на денот