МВР го расчисти случајот со новинарот Фуркан Салиу кому вработена во „Комунална хигиена“ му го одзеде телефонот

Одземен мобилниот телефон на новинарот Фуркан Салиу во Комунална хигиена/Фото: ФБ и КХ Скопје

Во врска со пријавено кривично дело „самовластие” по чл.392 ст.2 од КЗ, пријавено на 08.08.2022 од страна на Ф.С.,  новинар од ТВ Клан, а сторено од А.М.Б., вработена во ЈП Комунална хигиена-Скопје во просториите на јавното претпријатие, преземени се соодветни мерки и активности и случајот е расчистен, соопшти МВР.

-Од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал, превземени се мерки и активности за документирање  на кривично правниот настан, при што на 09.08.2022 во просториите на ЕНК ОНК при СВР Скопје  повикана е А.М.Б., која го одземала мобилниот телефон на оштетениот Ф.С. и со неа е извршен службен разговор во врска со пријавеното кривично дело. Исто така на 09.08.2022 година во просториите на ЕНК ОНК при СВР Скопје повикан е С.К., вработен во ЈП Комунална хигиена- Скопје, кој бил присутен за време на настанот, посочува МВР.

По извршената консултација со ОЈО Скопје, против А.М.Б. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, најавија од Министерството.

„За мене лично не е нималку битно каков судски епилог ќе има овој случај. Битно е за новинарството да се казни лицето А.М.Б за да се испрати силна порака дека слободниот збор е светост во една демократска држава“, напиша новинарот Фуркан Салиу на својот Фејбук профил откако МВР најави кривична пријава за сторителката на овој инцидент во Комунална хигиена – Скопје.

Во понеделникот Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја осуди постапката на службеници од секторот за односи со јавност и од обезбедувањето на „Комунална хигиена – Скопје“ кои сериозно ги прекршиле правата на новинарите Фуркан Салиу и Авни Тахири, преку насилно одземање на нивната опрема и нивно незаконско задржување против нивна волја.

„Инцидентот претставува тешка повреда на правата на новинарите и попречување во нивната работа како и правото на слободно движење. Колегите Салиу и Тахири уредно закажале средба со претставници за односи со јавност за прилог поврзан со прашања од работните односи во оваа институција и истите имале обврска да одговорат на новинарските прашања, а не да ја одземаат нивната опрема како и незаконски да ги држат против нивната волја во просториите на јавното претпријатие“, реагираше ЗНМ и побара од новоназначената директорка на ова јавно градско претпријатие Косана Мазнова итно да ја испита постапката на вработените и да покрене дисциплински мерки во рамки на своите законски надлежности.

Видео на денот