МВР: До ОЈО е поднесена 31 претставка за ширење на лажни вести за ковид-19

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во време на пандемија брзото и навремено известување за најновите случувања со Ковид-19 е неопходност, меѓутоа сето тоа само со себе носи и многу лажни вести кои најмногу циркулираат на социјалните мрежи.

И покрај тоа што секојдневно се пласираат официјални информации од страна на властите за вирусот, сепак, на социјалните мрежи исто така секојдневно граѓаните буквално се „бомбардираат“ со вести поврзани со Ковид-19, а кои не се вистинити.

Официјалните податоци зборуваат дека лажните вести воглавно најмногу ја негираат опасноста за Ковид-19, презентирајќи го вирусот како помалку опасен од она што е вореалноста.

Според експертот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, дезинформациите за коронавирусот, но и другите типови на лажни вести одат рака под рака со паниката и стравот чија цел им е да ги дискредитираат институциите со што ќе се предизвиката недоверба кај граѓаните.

Лажните вести за коронавирусот ја рушат довербата во институциите

Нарачателите или креаторите на лажни вести максимално ја користат дигитализлацијата бидејќи тоа е наједноставниот и најплодниот начин за пласирање своите „информации“ и „вистини“.

Во нашава земја Министерството за внатрешни работи досега поднело 31 претставка до ОЈО во врска со ширење на дезинформации за Ковид-19.

„Секторот за Компјутерски Криминал и Дигитална форензика при МВР до Основно Јавно Обвинителство Скопје има поднесено вкупно 31 известување со цел нивно натамошно постапување, а поврзани со ширење на лажни вести за пандемијата со ковид-19“, информираат од МВР за „Слободен печат“.

Ширењето на лажни вести за коронавирусот е глобален проблем

Светот на глобално ниво се соочува со ширењето на најразлични вести кога е вирусот Ковид-19 во прашање, а добар дел од нив кои стигнуваат до обичниот народ за жал се лажни.

Поради ова од претходно и словенечкиот премиер Јанез Јанша рече дека мерките против Ковид-19 треба да се заострат токму како последица на ширењето на лажни вести за вирусот.

Лажните вести со кои се негира опасноста од коронавирусот што во Европа се шират претежно преку социјалните мрежи, но, за жал и преку главните медиуми, ги принудуваат земјите на континентот да преземат поостри мерки отколку што е потребно, смета Јанша.

Јанша во таа прилика посочи и дека лидерите на земјите-членки многу разговарале за начините за борба против лажните вести во смисла на негирање на опасноста и негирање на самото постоење на вирусот.

Јанша: Заострени мерки против ковид-19 како последица на ширење на лажни вести за ризиците од вирусот

– Ова предизвикува голема штета на нашата заедничка борба против ширењето на коронавирусот на национално и на континентално ниво и принудува на преземање на поостри мерки отколку оние кои би биле доволни без лажни вести и масовно ширење на целосно ненаучни и нелогични негирања – истакна Јанша.

Останува секоја земја посебно да се справува со борбата против лажните вести, а и натаму негирањето на ризиците од ковид-19, како и негирањето на самото постоење на вирусот, се помеѓу најчестите дезинформации кои им се пласираат на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот