Музиката е полна со изненадувања, но Ози Озборн отиде чекор понапред

За Ози не треба многу да зборуваме, тој е синоним за хардкор музика – рок, метал, хеви метал, а иако знаел и од порано да прави експерименти, ова најновото е нешто сосема поинакво.

Ози сега е гостин во песна на новата генерација на рап ѕвезди – Пост Малоун и Тревис Скот! Звучи неверојатно, но навистина е така.

Всушност се работи за песна на Пост Малоун, во која Ози и Тревис се гости, а станува збор за нумерата „Take what you want from me“, која е дел од новиот албум на Малоун под назив „Hollywood’s Bleeding“.

Песната е објавена пред точно 11 дена, а веќе има речиси девет милиони прегледи на Јутјуб и бројни коментари, кои секако во најголем дел се однесуваат за иконата на рок и метал музиката.

Сите го коментираат Ози и неговата најнеочекувана соработка во кариерата со овие момци кои немаат толку години колку што тој владее на музичката сцена, а со целата должна почит, ниту тронка музичко наследство од она што и сега да се пензионира би го оставил Ози зад себе.

Но, годините се најмал проблем, работата е тоа што песната е чиста комерцијала и нема никаква поврзаност со стилот на Ози, а тој сепак е во неа.

Иако кога ќе ја пуштите песната и го погледнете „засташувачкото“ лого на новиот албум на Пост Малоун, па за кратко ќе го слушнете и препознатливиот вокал на Озборн, веројатно ќе си помислите дека станува збор за чисто негова „метал“ песна, сепак тоа чувство ќе го загубите по само неполни 20 секунди, кога се паѓа во вода, и  веќе тогаш сфаќате дека станува збор за сосема поинаков музички правец, во кој веднаш по тој вовед Ози буквално „се губи“.

Кога веќе оваа соработка е реалност и навистина се случува, а сите ние не халуцинираме, навистина ме интересира дали можеби ќе видиме и видео запис за песната, па во него и Ози со „џоинт“ во рака како рапува со овие „деца“.

Сметам дека само тоа би можело да биде поголема сензација за и така веќе шокираната публика, покрај потресот кој веќе го доживеаја сите, посебно оние повозрасните кои го следат Ози уште од неговите почетоци на сцената.

Од друга страна, во музиката сме гледале секакви комбинации, варијацијата во музичките стилови и флексибилноста на уметниците не е ништо ново, дури ниту за старите рокери, но сите ќе се сложиме дека ова веќе е чекор понапред од сѐ останато.

Сетете се само на Стинг, кој ќе кажеше дека славниот рокер познат најпрво како фронтмен на „Полис“, а потоа и музичар со богата и успешна соло кариера, ќе направи не само песна, туку и цел албум со Шеги, познатиот реге музичар, чиј музички стил нема допирна точка со оној на Англичанецот.

Сепак, двајцата музичари уживаа во своето заедничко дружење, дури видовме и спот во кој Стинг е во Кингстон, се прилагодува на тамошната атмосфера и прилично успешно ја помина својата несекојдневна авантура со Шеги.

И не се само тие, имаме и други примери каде музиката знаела да ни приреди такви изненадувања, сепак за човекот кој иако е доста ексцентричен, но отсекогаш доследен на својот правец и еден од главните претставници на метал музиката, никој не се надеваше и не очекуваше дека ќе направи толку голема отстапка.

За тоа дали песната е добра или не, нема што да се зборува, бидејќи нели за вкусови не се дискутира, едноставно само уште еднаш можам да го изразам своето големо изненадување, а останува на вас да ја слушнете песната во продолжение и да дадете свое мислење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот