Музичка рецензија: Младоста и страста се движечката сила на „Виолин фест“

Фестивалот „Виолин фест“ веќе осум години ги промовира младите виолинисти, кои со својот талент и музичка изведба се издвојуваат од останатите инструменталисти.

Сосема неблагодарно е да се пишува за млади музичари и да се оценуваат нивните интерпретации, но во исто време е вистинско задоволство да се слушаат нивните изведби, да се почувствува нивниот елан и полет, младешка енергија и страст. Токму тие сегменти, врзани со младоста и почетоците, со „малите нешта“ кои понекогаш попатно, со „староста“, знаат да се изгубат, беа главни двигатели на сцената на која се одвиваше осмото издание на „Виолин фест“.

Фактот што фестивалот им нуди шанса на младите виолинисти на настап во живо да го прикажат својот талент без притисокот од оценување и бодување е главна придобивка од овој автентичен проект на виолинистот Владимир Костов. Слободата која да добиваат младите уметници на овој фестивал има исклучително значење за нивниот понатамошен развој, тоа што нивната изведба не се бодува и оценува дополнително ја „билда“ нивната музичка сигурност на сцена.

„Виолин фест“ е автентичен проект на виолинистот Владимир Костов / Фотографија: Маја Аргакијева

Познатиот српски пијанист и педагог Душан Трбојевиќ, кој не ја поддржуваше „усиленоста“ на натпреварите, во својата книга „Размислувања за музиката“ напиша дека „натпреварите што очигледно станаа, речиси, нормален дел од современиот раст на младиот уметник можат да го оправдаат своето постоење само ако се сфатат како етапа во развојот на личноста“. Понатаму Трбојевиќ додава: „Под тие вирови и брзи води течат мирни постојани струи, длабоки текови на реката. На површина остануваат успесите и неуспесите, потрагата, достигнувањата, прашања и одговори. Занимавањето со музика е исто како и самата музика – се одвива во времето. Сите оние што ќе го сфатат тој едноставен факт, ќе им биде јасно дека секоја животна декада носи нешто ново и драгоцено во пронаоѓањето и искажувањето – секако, за оној што е подготвен без престан да бара и тоа да го прави спокојно, со доверба, со трпение и љубов“.

„Виолин фест“ им ја дава потребната слобода на младите да ги рашират своите крилја на сцената, да ја почувствуваат магијата, да свират пред публика и да ги презентираат своите таленти. Ги провоцира да ја почувствуваат музиката со спокој, трпение и љубов. Оваа година настапија пет млади виолинисти, кои се наоѓаат во различни етапи од својата музичка едукација.

Младиот Алекса Аќимовиќ (четврто одделение) од Музичкото училиште во Ниш ги изведе делата „Saluted’amour“ од Елгар и „Прелудиум и алегро“ од Крајслер. Сигурен на сцена, исклучително музикално и со многу емоции младиот Аќимовиќ ги изведе двете дела со различен музички карактер. На концертот настапи и Симеон Гошев, ученик во трета година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, кој со префинето чувство за креирање фраза и тон ја изведе „Чакона“ од Витали, како и бравурозното „Капричо бр.1“ од македонскиот композитор Драган Шуплевски. Исклучителна изведба имаше и Ивана Удовиќ (четврта година) на Школата за музички таленти од Чуприја, која изведе дела од Бах и Паганини – композиции во кои до израз дојде нејзината деликатна музикалност и техничка подготвеност. Ученичката во втора година Ивана Додиг од Белград својот талент го презентира преку софистицирана изведба на „Lesfuries“ од Исаи и „Речитатив и скерцо“ од Крајслер. Осмото издание на „Виолин фест“ го заокружи младиот виолинист Лазар Мутавџиќ, кој ги изведе „Цигански напеви“ од Сарасате, исклучително и ефектно дело, во кое дојдоа до израз музичките и техничките перформанси на овој изведувач.

Младите уметници сигурно чекореа на сцената и креираа убава енергија во Камерната сала на Филхармонија, а беа придружувани од одличната пијанистка Марија Вршкова, која деликатно ги следеше нивните музички интерпретации. Франц Лист често знаел да им каже на своите ученици: „Во младоста не бев доволно трпелив за да ’брзам полека‘, да се развивам на правилен и логичен начин. Бев нетрпелив да постигнам брзи резултати, да одам по скратен пат и да правам скокови кон целите на своите амбиции. Сега жалам што не напредував со логични чекори наместо со скокови“.

Им посакувам на младите уметници кои настапија на „Виолин фест“, оние што допрва го трасираат својот музички пат, да прават логични чекори, а не скокови, да не брзаат, полека и спокојно да ја развиваат својата индивидуалност и приод кон музиката. Умно да ги бираат делата што ги изведуваат, етапно да се развиваат и да го следат својот внатрешен глас.

Ангелина Димоска, музиколог

(Рецензијата е објавена во „Културен печат“ број 86, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот