Музичка рап „пресметка“ во недела меѓу Druggy и Кискинов, светски тренд за првпат во Скопје

Druggy/Kisken/Facebook
Druggy/Kisken/Facebook

Пред просториите на КСП Центар – Јадро, ќе се одржи музичка „ферка“ помеѓу рап продуцентите  Druggy од Скопје и Кискинов од Струмица.

Битката ќе се одржи во недела, 31 октомври, со почеток во 14 часот.

Инспирирани од американскиот концепт „Verzuz“, зад кој стои познатиот продуцент Тимбаленд,  продуцентите ќе ги „измерат“ своите музички сили преку своите песни во минимум 10 рунди.

„Во секоја рунда продуцентите ќе пуштат по една песна. Се разбира ваквиот тип на настан нема оценувачки карактер, туку повеќе е еден вид на пријателски натпревар, славење на хип хоп културата и уживање во талентот и креативноста на учесниците“, објаснуваат организаторите.

Во случај на дожд, концертот ќе се одржи внатре во просторот на Центар-Јадро со максимум 25 посетители. За публиката која сака да го следи настанот онлајн тој ќе се емитува во живо на Фејсбук профилот на КСП Центар-Јадро. 

Druggy (Драган Иванов) е повеќе од 15 години дел од алтернативната музичка сцена во Македонија како битмејкер/продуцент, диџеј и организатор на настани.

Кискинов (исто така Драги) е активен на македонската рап сцена од 2004-та година, и како рапер и како битмејкер/продуцент.  Во изјава за „Слободен печат“, го прашавме Драги од каде потекнува овој концепт и што значи идејата за ваков „судир“ на музички сетови, на што тој ни одговори:

„На самиот почеток на Covid-19 пандемијата кога артистите беа најпогодени од рестрикциите и немаа простор за работа и заработка, продуцентите Timbaland и Swizz Beatz го создадоа Verzuz концептот каде на Instagram Live по прв пат ги судрија нивните каталози на песни во еден вид виртуелна DJ битка. На огромната реакција од публиката, приказната продолжи со многу Verzuz битки помеѓу продуценти и рапери.

Кај нас во Македонија овој концепт се случува по прв пат, го организираат КСП Центар “Јадро” и е дефинитивно настанот кој не сум знаел оти ми треба, а веќе се случува. После многу време конечно имам прилика да се вратам и да погледнам назад низ се што имам сработено од 2004-та година наваму. Се вратив во убави денови, креативни ситуации, патувања низ разни студија, нови градови, концерти, песни кои ми вратија многу емоции и дружби со луѓе кои се незаборавни. Овој Verzuz против Druggy е уште едно продолжение на целото наше искуство кое трае веќе скоро 18 години, пријателска битка, славење на Хип Хоп културата, раперите и диџеите кои ги имаат благословено нашите инструментали, бидувајќи заедно дел од еден микро-космос, искусувајќи ја музиката како терапија за духот.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот