Музичка приказна што ја спојува традиционалната турска музика со современиот џез-израз

Концертот во Скопје ќе се одржи во Националната опера и балет

Концерт на турска џез-музика со наслов „Виорот на Анадолија“ ќе се одржи на 5 декември, со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет во Скопје. Во единствена музичка авантура ќе бидат споени звуците на Анадолија со магијата на џезот. Ќе настапат музичарите Анил Шалиел и Мареечи Асу.

Турските музичари преку своите џез-интерпретации ќе го оживеат споменот на легендарните доајени – уметниците Ашик Вејсел и Зеки Мурен. Концертот го организира Турскиот културен центар „Јунус Емре“ – Скопје, а влезот е бесплатен.

Скопје е прва станица од 11-те градови низ Балканот каде што ќе настапат музичарите Анил Шалиел, саксафонист, и Мареечи Асу на деф. Веќе на 6 декември тие концертот ќе го изведат и во Гостивар.

Директорот на Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Ариф Конак, на прес-конференција за најава на концертот, истакна дека во последните шест месеци, колку што го води Центарот, за него е голема чест да се доближи турската култура кај македонскиот народ.

– Концертот „Виорот на Анадолија“ ќе биде големо завршување на годината со двајца извонредни музичари од Турција. Шест месеци сме посветени на овој проект. Прва станица на овој концерт ќе биде Скопје. Џезот е западна култура, ама овие извонредни музичари на прекрасен начин ќе направат убав спој со традиционалната турска музика – рече Конак.

Младиот Анил Шалиел вели дека е пресреќен што ќе може да ја претстави турската музика во Македонија.

– Ја започнуваме турнејата од еден многу важен град. За мене ова е остварување на еден сон. Мојата музика стана тема за докторски студии на многу универзитети. Турската музика е многу стара и доаѓа од османлискиот период, џезот е понова музика за Турција. Ветуваме час и половина визуелен концерт со многу убава приказна. Користиме стари снимки од Ашик Вејсел, во нов аранжман. Ќе чуете поезија и од Јунус Емре и Мевљана. Ова нема да биде само музичка претстава, туку театарска презентација. Со нас ќе имаме многу добри изведувачи и ветуваме дека ќе бидете одушевени. Колку да ја објаснувам музиката, нема да можам да ви доловам. В четврток пред вас ќе бидеме музичари – рече Шалие.

Тој додава дека е благодарен на сите што помогнаа да се реализира овој проект. „Џез не е само музика од звуци, таа е музика што треба да се разбере. Треба да ставите свое јас во музиката“, рече Мареечи Асу.

– Почнавме со суфи музиката, после работевме да ја направиме модерна. Суфи-изразот го споив со рок-музиката, а подоцна со Анил турската музика ја споивме со џезот. На многуте состаноци разговаравме како старата турска музика да добие модерна верзија. Музиката го прикажува нашето минато, но и сегашност. Не треба да се заборават корените. Мене музиката ми легна на срце, се надевам дека тоа ќе се случи и со публиката во Скопје – рече Асу.

Прес-конференција за концертот „Виорот на Анадолија“ во х. „Мериот“

На прашање дали ја следат македонската музика, Шалиел го издвои Џамбо Анѓушев и истакна дека има чувство дека овде музичарите добиваат добро музичко образование. Тој ги покани сите да дојдат на концертот во Скопје.

Мареечи Асу не е само уметник, туку и учител кој одржува обуки за човечката душа и ум. Со нудење обуки за духовна свесност, ментална рамнотежа и лична трансформација, ги води поединците да го откријат својот потенцијал. Комбинирајќи ја својата уметност и наставништво, Мареечи Асу продолжува да инспирира луѓе и на сцената и во областа на обуките, како уникатен водич кој продолжува да ја шири мистичната настава и универзалната свест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот