Мурињо откри што му шепна на Пеп пред 10 години во епското полуфинале (ВИДЕО)

Жозе Мурињо се потсети на моментот од реванш полуфиналниот дуел од ЛШ помеѓу Барселона и Интер.

Интер во првото полуфинале славеше со 3:1 и во реваншот на „Камп Ноу“ го очекуваше вистински пекол, посебно по 28. минута кога италијанскиот тим остана со играч помалку. Во таа 28. минута, Тиаго Мота при дуел со Серхио Бускетс го оттурна својот противник во пределот на вратот и вилицата. Бускетс веднаш падна како покосен иако не стануваше за удар, туку за оттурнување. Но, судијата Франк де Блекере на изненадување на играчите на Интер му покажа црвен картон на Мота, што за многумина тоа претставуваше еден вид компензација за пропустите на штета на Барселона во првиот натпревар.

Додека Мота го напушташе теренот, тренерот на Барселона, Пеп Гвардиола, го искористи тој момент и го повика Златан Ибрахимовиќ за да му даде нови совети. Во тој момент Мурињо му пријде на Гвардиола од зад грб и притоа му шепна нешто на изненадениот Гвардиола.

По изразот на лицето на Гвардиола, се чини дека стануваше за некоја прозивка, и токму во тие моменти настана легендарната фотографија.
Португалецот по 10 години раскажа што точно му рече на Гвардиола.

– Кога Бускетс се фрли на теренот како некој да го нокаутирал и кога судијата го извади црвениот картон, со дел од окото приметив дека клупата на Барселона го прославуваше исклучувањето. Гвардиола веднаш го повика Ибра за да му објасни како да се постави играта 11 на 10. Му пријдов и му реков: Немој прерано да славите, сè уште не е готово.

На крајот Барселона победи со 1:0 но тоа не беше доволно за да се пласира во финалето, а натпреварот ќе остане запомнет по неверојатната игра во одбрана на Интер која потклекна дури во 84. минута.

– Тоа беше епска игра во одбраната, но не треба да се заборави дека во првиот натпревар победивме со 3:1 и имавме право да играме така. Доколку Пандев не се повредеше на загревањето, ќе игравме многу поофанзивно – вели Мурињо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот