Мурињо е најголем тренер-трошаџија, фрли повеќе од 1.5 милијарди евра за засилувања

фото: 90min.com

Десет тренери потрошиле неверојатни девет милијарди евра на засилувања.

Девизата дека нема трофеи доколку не се фрлат огромни средства, најдобро се отсликува во фудбалот и кај тренерите. Иако бројките делуваат неверојатно, но десетте најголеми тренери-трошаџии потрошиле неверојатни девет милијарди евра за засилувања.

Убедливо на првото место како најголем трошаџија е Жозе Мурињо кој во тренерската кариера за купување на 101 фудбалер потрошил неверојатни 1.56 милијарди евра.

Најскапо засилување на Португалецот е Пол Погба за кого тогашниот клуб на Мурињо, Манчестер јунајтед плати 105 милиони евра, додека најевтино помина со Бразилецот Масиел кој во 2001 година го донесе во Леириа за само 100.000 евра.

Мурињо прв пат границата од милион евра ја проби во 2002 година кога од Депортиво Ла Корува во Порто го донесе голманот Нуњо Еспирито Санто, за кого плати три милиони еввра. Највеќе потроши додека беше тренер на Манчестер јунајтед, каде освои само еден трофеј,тој во Лигата на Европа, а купи фудбалери како Погба (105 милиони евра), Ромелу Лукаку (84.7), Фред (59), Немања Матиќ (44.7), Хенрик Мхтаријан (42)…

На второто место се наоѓа Италијанецот Карло Анчелоти кој потрошил 1.21 милијарди евра за ангажирање на фудбалери по свој вкус. Најголемите трансфери на Анчелоти се додека работеше во Реал Мадрид. Тој инсистираше Реал да плати 101 милион евра за Герет Бејл и 75 милиони евра за Хамес Родригез, додека како тренер на Челси фрли 58.5 милиони евра за Фернандо Торес.

фото:твитер

На третото место се наоѓа Пеп Гвардиола со потрошени 1.2 милијарди евра. Најскапиот трансфер на Гвардиола е во времето кога ја тренираше Барселона и плати 69.5 милиони евра за Златан Ибрахимовиќ. Моментно е тренер на англискиот шампион Манчестер сити каде за купување на Ријад Марез, Ејмерик Лапорте, Менди, Џош Соунс, Кајл Вокер, Лерој Сане и Силва плати повеќе од 400 милиони евра.

twitter.com/City_Xtra

Меѓу најголемите тренери-трошаџии се наоѓа и Мануел Пелегрини. Чилеанецот беше тренер на Реал Мадрид кога претседателот Флорентино Перез напиша чек вреден 94 милиони евра за ангажман на Кристијано Роналдо.

EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

Роналдо го „прослави“ и Масимилијано Алегри бидејќи Јувентус со него на клупата потроши 101 милион евра за Португалецот.

Близу до границата од потрошени една милијарда евра за засилувања се и Арсен Венгер, Роберто Манчини и Клаудио Раниери.

twitter/Arsenal

Унаи Емери се најде на листата на најголеми трошаџии бидејќи тој беше тренер на ПСЖ кога францускиот тим плати рекорди 222 милиони евра за Нејмар. Листата на 10 најголеми трошаџии ја затвора Рафаел Бенитез.

EPA-EFE/PETER

Интересно е што во првите десет го нема тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп кој „црвените“ ги претвори во вистинска машина која е страв и трепет за противниците. Тој во досегашната кариера потрошил вкупно 650 милиони евра, а најголем трансфер му е тој на Вирџил ван Дајк за кого плати 84.65 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот