Муратовска: Секое поскапување на горивата, „откинува“ дел од заработувачката на превозниците

Камиони, илустрација / Фото: Архива на Слободен печат

Секое поскапување на цените на нафтата, „откинува“ дел од заработувачката на превозниците, вели за „Слободен печат“ Биљана Муратовска. Таа објаснува дека во моментот е голема понудата на камионски транспортери, а побарувачката сè уште не е на нивото од пред пандемијата, па ако сакаат да работат, превозниците не смеат да ги покачуваат цените. Секое поскапување е директен удар врз заработувачката на превозниците, а тие немаат голем маневарски простор, децидна е Муратовска.

– Цените на превозот ги диктираат светските увозно-извозни компании и тие на берзите наоѓаат поевтини возила, а заработувачката оди за нив. Во моментот сè уште нема рамнотежа меѓу понудата и побарувачката, бидејќи европската и светската економија не работат со полн капацитет, па така има поголема понуда за транспорт, отколку понуда на стока што треба да се превезе – додава Муратовска.

Транспортерите се загрижени за ситуацијата со поскапувањето на нафтените деривати, но и на природниот гас и на другите енергенси, бидејќи тоа веќе има свое влијание врз инфлацијата.

– Време е Владата да преземе некои чекори, па ако треба и да ги замрзне цените на дериватите, бидејќи се заканува голема криза – вели Муратовска.

Берзанските информации говорат дека во понеделникот акциите на американската сурова нафта WTI го зголемија нивото на цената од 80 долари, највисоко од 2014 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот