Мурати за МИА: Неопходно е унапредување на статусот на уставните судии за нивна целосна самостојност и независност

фото: МИА

Неопходно е унапредување на статусот на уставните судии, при што не се мисли само на материјалните прашања, туку воопшто, со цел да се обезбеди нивна целосна самостојност и независност, потребно е да се обезбеди и гарантира буџетската и административната автономија на Судот, да се регулираат односите со другите органи на државната власт, како и постапката за избор на уставните судии, вели во интервјуто за МИА претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати.

Според него, неблагодарно е Судот да се врзува за фиксни рокови во однос на донесување одлуки за сите предмети, вклучувајќи го и предметот за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување.

– При донесување конечна одлука по овој предмет треба да бидат земени предвид одговорите од доносителот на оспорениот акт – Собранието на Република Северна Македонија и евентуално и на другите учесници во постапката, како на пример Владата на Република Северна Македонија, додава Мурати.

Судија Мурати, на почетокот на овој месец бевте избран за претседател на Уставниот суд. Што мислите за досегашната работа на Уставниот суд и дали како претседател на Судот во Вашиот мандат ќе направите некакви промени? Доколку планирате, во кои насоки ќе бидат тие промени?

Уставниот суд е орган на Републиката, којшто има историја повеќе од 60 години, со богата уставнo-судска пракса за која придонеле десетици судии, но и вработени во Судот. Од огромно значење, а особено од осамостојувањето на државата по 1991 година е дадениот голем придонес за развојот на правната мисла и владеењето на правото во државата согласно вредностите на новиот Устав.

Сметам дека секој од составите на Уставниот суд, вклучувајќи ги и претседателите на Судот, придонеле за развојот на уставното судство и мисла. Од друга страна, претседателите како претставници на овој орган биле ангажирани во организациското и функционалното развивање на Уставниот суд. Во оваа пригода, на сите досегашни судии им се заблагодарувам за нивниот сесрден влог во изградувањето на оваа врвна институција, а од друга страна со помен ги споменувам сите починати поранешни судии на Уставниот суд.

Од своето постоење, Судот, а особено по осамостојувањето на државата, се соочува со проблеми и предизвици. Понекогаш одлуките биле прифаќани, а некогаш критикувани од јавноста. Некои претседатели се истакнувале, додека некои биле критикувани.

Ако се сеќавате, мојата прва изјава по изборот за судија во 2012 година беше дека основна цел како уставен судија ќе ми биде да бидам правичен, да го почитувам Уставот, владеењето на правото и заштитата на слободите и правата на граѓаните, и со тоа да оставам белег по моето заминување од функцијата како судија кој се залагал за вредности како што се хуманоста, правичноста, работливоста, почитување на различностите во општеството, чесноста  и професионалноста.

Сметам дека како судија во овие седум години ги афирмирав овие вредности, со мојата работа, дискусиите, со учество со реферати на разни конференции во земјава и во странство, со над 25 издвоени мислења досега.

Само за илустрација, во овие седум години немам присуствувано само на една седница на Судот, со мојот колегијален однос, мислам дека дадов придонес и свој личен печат за почитувањето на уставните норми, развојот на уставното судство, воздигнувањето на меѓучовечките односи и претставувањето на Уставниот суд во земјава и странство. Токму поради ова се кандидирав за претседател на Уставниот суд.

Истовремено, како уставен судија со долгогодишно искуство, имав можност да работам со тројца претседатели на Судот и со 14 други уставни судии што беше доволен период за опсервирање на целокупната состојба во која се наоѓа Уставниот суд, но и можност за создавање стратегија за надминување на актуелната состојба.

Во таа насока, по моето стапување на функцијата претседател на Уставниот суд, остварив повеќе поединечни средби со сите судии, сите државни советници во Судот, советници и останати вработени, со цел да го слушнам нивниот глас, сугестии и предлози.

Врз основа на ова, во мојот мандат, развојниот правец во кој треба да се движи Уставниот суд за периодот ноември 2019 – мај 2021 година, цели што треба да се остварат се: функционална самостојност (што значи апсолутно заштитување на Судот од секакви влијанија при одлучувањето и постапувањето, а врз основа на длабока, принципиелна, благовремена анализа со почитување на меѓународните стандарди и норми, а особено одлуките на Европскиот суд за човекови права), финансиска самостојност (посебен буџет на Уставниот суд во рамките на Буџетот на Републиката, со кој ќе располага самиот суд, а ќе биде под надзор и контрола за независна државна финансиска институција) и организациска самостојност (самиот Суд да ја уредува својата внатрешна организираност како целина и систематизирање на секое работно место одделно, секако во рамките на уставно утврдените надлежности).

Конкретно, пак, сакам да ги истакнам следните чекори што ќе ги преземам во наредниот период. Во делот на организациските промени, би сакал да ги истакнам оние во делот на организацијата, како што се: распоредувањето на новопримените иницијативи/барања веднаш по нивниот прием, разгледување на седница на Судот на предметите што подолго не се разгледани, но и оние што се од највисоко општествено значење, а не се во мал број, почесто организирање колегиуми на судиите за фазите на постапката по конкретни предмети, како и за спорни прашања од предмети што се одложени од седницата и за други прашања од делокругот на Судот, почесто организирање консултативни разговори (само со судија известител, или група судии, или сите судии), организирање подготвителни седници (со повикување стручни практичари и научни истражувачи, организирање јавни расправи особено за важни предмети или теми, поголемо вклучување на јавноста – медиумите (известување преку веб-страницата на Судот и преку МИА за редовните седници, кратки писмени соопштенија од одлученото, редовни годишни конференции и брифинзи, детални објаснувања за состојбата со предметите со медиумите од страна на претседателот на Судот, судијата известител, друг судија, државен советник, или друг овластен од претседателот), организирање регионални конференции од аспект на надлежноста на Уставниот суд, афирмирање на уставното судство преку ангажирање и подготовки за воведување на уставната тужба, организирање тркалезни маси, регионални и меѓународни конференции и семинари, завршување на процесот на зачленување во сите регионални и меѓународни уставно-судски асоцијации во регионот и на светско ниво, организирање посебни програми во земјава и во странство за стручно усовршување на стручната служба, нова внатрешна организација на стручната служба и нова систематизација на работните места.

Во делот на финансиските промени, мој став е дека треба да се направи анализа на состојбата со платите и другите надоместоци на судиите, државните советници, советници и на другите вработени, презентирање на утврдените состојби пред релевантните домашни и меѓународни субјекти и барање за воспоставување посебен Буџет за Уставниот суд, самостојно определување на платата на судиите, државните советници и советници во законска и буџетски определена рамка.

Имајќи предвид дека Уставот на нашата земја не упатува на закон за Уставниот суд, дали според Вас е потребно Парламентот да донесе ваков закон или, пак, работењето на Уставниот суд како и досега треба да се уредува со Деловник? Дали евентуално доколку Парламентот донесе закон за Уставниот суд ќе се прекрши член 113 од нашиот Устав, кој упатува само на сопствен акт на Уставниот суд, а не на закон. Кое е Вашето мислење по однос на ова прашање?

За да се даде одговор на ова прашање, неопходно е првин да се укаже дека членот 113 од Уставот предвидува начинот на работа и постапката пред Уставниот суд да се уредат со акт на Судот. Прво, ова значи дека на Уставниот суд му е доделена одредена регулаторна автономија која произлегува од неговиот уставен статус на самостојна институција којашто е надвор од организацијата на државната власт. Второ, со одредбата се определени границите на оваа автономија, односно со актот може да се уредуваат прашања коишто се однесуваат само на начинот на работа и постапката пред Судот. Трето, уредувањето на оваа материја е во исклучива надлежност на Уставниот суд, што значи дека законодавецот или друг доносител на прописи, како што е на пример Владата, не може да ги уредува овие прашања. Четврто, оваа одредба не забранува донесување на Закон за Уставниот суд, иако пак од друга страна, не постои уставна норма која предвидува донесување на еден таков закон.

Во однос на последното, а со цел да дадам мој придонес во дебатата којашто претстои по однос на ова прашање, би сакал да го спомнам примерот со донесувањето на Законот за Собранието на Република Македонија. Имено, исто како за Уставниот суд, Уставот не содржи одредба којашто предвидува донесување на посебен закон за Собранието, туку само предвидува дека организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот (член 61 став 2).

Сепак, и покрај ваквото уставно решение, Собранието во 2009 година донесе Закон за Собранието на Република Македонија. Во член 1 став 1 од овој закон, стои дека со овој закон се уредуваат одделни прашања за функционирањето на Собранието на Република Македонија, додека во вториот став е предвидено дека прашањата поврзани со организацијата и функционирањето на Собранието и на работните тела, собраниските постапки, како и други прашања коишто не се уредени со овој закон, се уредуваат со Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Уставноста на овој закон, во годината кога беше донесен, во целост беше оспорена пред Уставниот суд. Во иницијативата се наведува дека овој закон во целина бил противуставен со оглед дека ја девалвирал, релативизирал уставната материја од членовите 61-78 од Уставот на Република Македонија така што ја спуштал на пониско, законско ниво, а тоа не било дозволено од уставноправен аспект, односно оваа материја не можела да се уредува со закон во ситуација кога таа е уредена со Уставот. Поради тоа, Законот во целина не бил во согласност со темелната вредност владеењето на правото определена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, ниту со член 51 од Уставот, а особено не бил во согласност со член 61 став 2 од Уставот.

Со Решението У.бр.197/2009 од 23.03.2011 година, Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за Собранието на Република Македонија во целост. Во своето образложение, каде Судот ги изнесува своите аргументи се истакнува: „Имајќи ја прецизно во предвид содржината на Законот за Собранието на Република Македонија во целина, од една страна, како и содржината на наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, од друга страна, Судот утврди дека законските одредби гледани како целина уредуваат други прашања од оние кои се уредуваат со Деловникот на Собранието на Република Македонија, дека тие одредби помагаат односно го олеснуваат остварувањето на организацијата и функционирањето на Собранието и дека законските одредби се движат во рамките на изнесените уставни определби. Во таа смисла, Судот смета дека Законот треба да се разбере како правен акт со кој се разработуваат и прецизираат уставните определби поврзани со организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија, со што законодавецот не ја повредува својата уставна положба да донесува закони во рамките на уставните овластувања определена во член 68 алинеја 2 од Уставот, а не дека со Законот се дерогираат Уставот и Деловникот на Собранието и дека со тоа Законот го повредува членот 61 ставот 2 од Уставот како што смета подносителот на иницијативата.”

Од друга страна, иако не е донесен посебен закон за Уставниот суд, треба да се спомне тоа дека досега се донесени повеќе закони со чии одделни одредби се уредуваат одредени прашања поврзани со Уставниот суд, односно остварувањето на неговите уставни надлежности, а коишто не се однесуваат на начинот на работа и постапката пред Судот.

Така, со Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, се уредуваат прашањата што се однесуваат на правото на плата, надоместоци и права по престанокот на функцијата меѓу другото и на претседателот на Уставниот суд и судиите на Уставниот суд. Понатаму, со Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права е формирана Меѓуресорска комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права со задача за следење на извршувањето на одлуките на Судот (член 6), при што во член 8 став 2 од истиот закон е предвидено по функција да биде член и претседателот на Уставниот суд. Исто така, потребно е да се спомне дека со Кривичниот законик, меѓу другото, се предвидува во член 377 став 3 од Законикот, посебен облик на кривичното дело – неизвршување на судска одлука, неизвршување на одлука на Уставниот суд.

Секако, при разгледувањето на ова прашање, треба да се имаат предвид и ставовите на Венецијанската комисија. Во своето Мислење од 2004 година за Деловникот на Уставниот суд на Азербејџан, Комисијата меѓу другото наведува: „правната основа за активноста на секој уставен суд вообичаено е составена од три вида на правни регулативи кои имаат различни позиции во хиерархијата на нормите од домашниот правен поредок на државата. Тие имаат различна улога во процесот на целосна и кохерентна правна регулатива на уставното тело. На врвот на ова тројство вообичаено е Уставот кој ја воспоставува надлежноста на Судот, странките кои имаат право на жалба, како и уставните принципи на кои се засновува активноста на уставниот суд. Законите за уставните судови вообичаено ги трансформираат уставните принципи во поконкретни норми. На крајот, деловниците се следното и последно ниво од тројството. Тие ги уредуваат практичните детали на секојдневната судска активност. Деловниците треба да се изготвуваат од самите уставни судови.”.

Од сето претходно кажано, може да се заклучи дека законодавецот има право да уредува прашања коишто се однесуваат на Уставниот суд, при што е ограничен со она што е исклучива деловничка материја согласно членот 113 од Уставот. Дали тоа би бил посебен закон за Уставниот суд или пак треба да остане сегашното решение, каде повеќе прашања се уредуваат во различни закони со нивни посебни одредби е повеќе прашање на законодавна техника.

Посуштествено прашање е дали таквата законска регулатива овозможува целосно остварување на улогата на Уставниот суд како орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста и човековите слободи и права и ужива институционална, финансиска и административна самостојност коишто произлегуваат од таквата улога.

Во рамките на Судот, веќе имаме направено обемна анализа во однос на сегашната законска рамка, каде истовремено се земени во предвид и споредбено-правни решенија, ставовите на Венецијанската комисија и експерти на Европската комисија кои ја имаат оценувано работата на Уставниот суд и како заклучоци за потребна законска интервенција се наметнуваат следните: неопходно е унапредување на статусот на уставните судии, при што не се мисли само на материјалните прашања, туку воопшто, со цел да се обезбеди целосна нивна самостојност и независност, потребно е да се обезбеди и гарантира буџетската и административната автономија на Судот, да се регулираат односите со другите органи на државната власт, постапката за избор на уставните судии итн.

Дали сте задоволни од бројниот и персоналниот кадар во Судот?

Во претходниот период од седум години како уставен судија, имав можност да работам со вработени на предметите коишто ми беа доделени во работа како судија – известител. Морам да кажам дека службата на Уставниот суд, располага со врвни познавачи на правото со одлични аналитички вештини коишто се од огромно значење и помош кога се работи на еден уставно – судски предмет. Иста така, целокупната служба на Судот, секојдневно покажува огромна посветеност на извршувањето на своите работни задачи и свест дека се вработени во еден орган кој е од највисока важност за политичкиот систем на Републиката.

Од друга страна, службата на Судот е малубројна и не располага со доволно кадар за органот да функционира непречено за што јавноста малку е информирана. Практично, Судот се соочува со потешкотии со организирање на секоја од своите седници, каде е нужно да се копира и подели материјалот за разгледување по точките од дневниот ред, нема вработен кој би требало да врши надворешна и внатрешна достава на материјали, Судот нема сопствен возач, нема вработен кој би се грижел за поправки и одржување во Судот; нема вработено доволно хигиеничари, нема кадровска служба, понатаму, потребна е служба за компаративно право и странска уставно-судска практика, нема доволно вработени во делот на сметководството, каде активно е вработен само еден, нема вработен кој исклучиво би бил задолжен за односи со јавноста, нема свој информатички кадар итн. Станува збор за мал број вработени кои му се потребни за Судот да функционира непречено, но досега ова не е адресирано поради нерешеното прашање за статусот на Службата.

Во делот на државните советници кои практично ја вршат целокупната стручна работа на предметите со судиите известители, потребно е да се вработат нови службеници кои би имале доволно време да се обучат и запознаат со оваа работа која бара висока стручност и посветеност. Паралелно со ова, во Судот започна процес на воведување на сопствените кадри во овие работни задачи. Станува збор за четири млади правници кои започнаа самостојно со работа на предмети со судии известители, при што веќе се гледаат првите резултати и нивните предмети се разгледуваат на седниците на Судот и морам да кажам дека од моја страна и другите судии, имаат целосна поддршка во оваа нивна нова работна задача.

На крајот, иако не најмалку значајно, принципот на правична застапеност на сите заедници во Службата на Судот воопшто не е испочитуван, ако се има предвид дека во Службата има само еден припадник на српската заедница.

Дали службата на Судот треба да се третира како администрација еднаква на администрацијата на извршната власт или таа е специфична и треба да биде независна и уредена со акт на Уставниот суд?

Претходно нагласив дека административната автономија на Судот произлегува од неговата уставна улога и е иманентна за нејзиното остварување. Тоа, во основа значи Уставниот суд да може самостојно, по своја оцена да донесува акти за внатрешна организација на службата и систематизација на работните места, при што не треба да е условен со давање согласност на овие акти од страна на друг орган, самостојно да ги утврдува работните задачи на вработените, самиот да одлучува за вработувањата и унапредувањата на постојните вработени, за висината на нивната плата (секако во рамките на буџетските средства) итн.

Сето ова е уредено и применувано уште во 1992 година со донесувањето на Деловникот на Судот, како правен акт кој е донесен врз основа на член 113 од Уставот на Република Северна Македонија. Овој акт уредува прашања коишто се однесуваат и на стручната служба на Судот на начин што ја определува нејзината задача, ги утврдува звањата во истата, делокругот на нејзината работа, работите што ги врши и начинот на нивното вршење, понатаму, го регулира раководењето со службата, како и донесувањето на внатрешните акти за организација и утврдувањето на личните доходи на одредени категории од вработените.

Меѓутоа, во 2000 година со донесувањето на Законот за државните службеници е направен еден вид на законодавен упад во овој дел на автономијата на Судот и вработените оттогаш имаат статус на државни службеници. Уште повеќе, според сегашниот Закон за административни службеници, којшто го замени претходниот Закон за државни службеници, за да се донесат внатрешни акти за систематизација и организација на службата, нужно е да се добие (нагласувам) согласност од Министерството за информатичко општество и администрација што е еден вид контрола од извршната власт врз една самостојна институција на која и е доверена врвна уставна задача. Потоа, условите за различните звања кај административните службеници утврдени со Законот, воопшто не соодветствуваат на тоа каков професионален профил му е потребен на Судот, понатаму, постапката за вработување во голем дел е контролирана од страна на Агенцијата за администрација и на крајот, висината на личните примања е условена од одлука на Владата којашто секоја година ја утврдува висината на вредноста на бодот врз основа на кој се пресметува платата на државните службеници што повторно е дискутабилно од гледна точка на позицијата на Уставниот суд.

Овој правен конфликт помеѓу Деловникот и Законот за административни службеници и потребата за целосно остварување на административната автономија, беше предмет и на опсервација на експертот на Европската комисија, Јасна Омејец-поранешен претседател на Уставниот суд на Република Хрватска, која во Заклучокот бр.7 од својот Извештај од февруари 2018 година, јасно нотира дека административната автономија на Уставниот суд во однос на Владата е нарушена со директната примена на Законот за административни службеници во делот на изборот на вработените во Судот и неговата внатрешна организација и систематизација на работните места и со ставање на Судот под директен надзор на Агенцијата за администрација.

Јас како претседател на Уставниот суд, решението го гледам во директна примена на нормите на Деловникот на Уставниот суд во делот на стручната служба кои и денес се во сила. Во таа насока, ова го презентирав на мојата прва средба со министерката за правда и во начело има подготвеност од извршната власт во пракса да се спроведе оваа идеја.

Одлуките на Уставниот суд јасно ни е дека ги донесувате како колективен орган, едногласно или со мнозинство гласови. Па оттука дали наскоро ќе имаме одлуки на Судот по иницијативите за Законот за јазиците, за изборот на претседателот на Собранието Талат Џафери и други предмети по кои Судот не се произнел, а предизвикаа голем интерес во јавноста?

Секој предмет во Уставниот суд, без разлика дали се работи за иницијатива или барање, има сопствена тежина и значење. Ние и досега со внимание и согласно Деловникот постапуваме со должно внимание кон секој предмет. Само за запознавање на јавноста, додека да се оформи  одреден предмет ние имаме многу преписки со подносителите и другите учесници се со цел да се приберат потребните податоци и известувања.

Имајќи ги предвид начелата на економичноста на постапката и препораките на меѓународните установи, јас, како претседател, се залагам за секој предмет да се постапува ажурно, да се донесе одлука во разумен рок и да се запазат заложбите на учесниците за остварување на целта на поднесените барања или иницијативи.

Во досегашната пракса од седум години како судија – известител, давав голема тежина на овие принципи и од година на година, го намалував просекот на решавање на годишно примените предмети при што се движев во просек од десет месеци за решавање на еден предмет.

Како претседател за овој месец се ангажирав за сите постари предмети да имаме одлуки на Судот, а особено за предмети коишто предизвикуваат голем интерес во јавноста.

Дали сметате дека Уставниот суд треба да има самостоен буџет и своја сметка со која ќе управува?

Ова прашање се однесува на финансиската (буџетската) автономија на Уставниот суд којашто не е помалку значајна од административната автономија. За да се сфати нејзината суштина и значење, повторно би се повикал на ставот на Венецијанската комисија која во врска со ова прашање, во едно од своите мислења има истакнато дека како посебно уставно тело, Уставниот суд треба да има право да го предложи својот буџет директно пред Парламентот без мешање од страна на Судскиот совет или Владата. Буџетот на Уставниот суд не треба да биде дел од општиот буџет на судството”.

По својата суштина, буџетската автономија може да се дефинира како право на органот самиот да ги утврдува своите буџетски потреби, при што истите во постапката на утврдување на државниот (централниот) буџет да не може да бидат намалени од ниту еден од учесниците во донесувањето на буџетот (или како можност, се врши задолжителна консултација со Владата, Министерството за финансии или Парламентот). Понатаму, органот во текот на буџетската година да може самостојно да ги распределува претходно утврдените буџетски средства согласно своите потреби и задолжително да биде консултиран при евентуални измени и дополнувања на државниот буџет (т.н. ребаланс). Оваа дефиниција ја опфаќа во целост буџетската автономија, иако постојат примери кога автономијата може да постои само во некои сегменти (на пример, органот да има само право да ги распределува доделените буџетски средства).

За македонското законодавство не е непознат пристапот на доделување на одреден степен на буџетска автономија на одредени органи, односно гранки на државната власт. Како примери може да се наведат Законот за народниот правобранител и Законот за судскиот буџет, додека како споредбено-правни решенија коишто се однесуваат на уставните судови и обезбедувањето на финансиските услови за нивна работа и буџетска автономија, се примерите на Законот за Уставниот суд (на Република Србија) и Правилникот за организацијата и работата на Уставниот суд (на Република Бугарија).

Во моментот отсуствуваат законски норми коишто би ја предвиделе и  гарантирале буџетската автономија на Уставниот суд и сметам дека извршната власт како овластен предлагач на законите и законодавецот, под итно мора да го разгледаат ова прашање кое е нотирано и во Извештајот на експертот на Европската комисија, Јасна Омејец.

Што се однесува на висината на средствата планирани во Буџетот за 2019 година, тие во процентуален износ изнесуваат околу 0,017% од вкупните буџетски расходи на Републиката, при што најголем дел од овие средства во висина од 70%, се предвидени за исплата на плати, придонеси и надоместоци од плата за вработените и судиите и не може да се каже дека се доволни за задоволување на потребите на Судот, кои ако се има предвид висината на нивниот удел во државниот буџет, практично се минорни.

Судот има итна потреба од обновување на информатичката опрема, адаптација на една просторија за сервер сала, набавка на книги и друг стручен материјал, набавка на едно патничко репрезентативно моторно возило што е посебно важно, особено што сега во овој дел Судот се опслужува од страна на Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Северна Македонија, при што мора да се каже дека не секогаш се излегува во пресрет на потребите на Судот, а од друга страна прашање е дали воопшто ова решение е во духот на обезбедување на самостојност и независност на Судот.

Изминатите две недели станавте актуелни во јавноста откако поведовте постапка за член 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување и со отфрлањето на иницијативата на Законот за амнестија. Кога може да се очекува најбрзо одлука по однос на Законот за дополнување на Законот за помилување?

Во однос на поведувањето на постапка за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување, истата е во тек, односно во втора фаза. Тоа значи дека Судот со одлучувањето да поведе постапка изразил сомнеж во уставноста на оспорениот закон при што е потребно да се утврди текстот на решението за поведување постапка на седница на Судот во кој ќе се образложат причините поради кои Судот одлучил на овој начин. Ова решение се доставува задолжително на доносителот на оспорениот акт – Собранието на Република Северна Македонија и евентуално и на другите учесници во постапката, како на пример Владата на Република Северна Македонија. Нивните одговори треба да бидат доставени во определен рок по приемот и треба да бидат земени во предвид при носењето на конечната одлука. Оттука, неблагодарно е да се врзуваме за фиксни рокови, но сепак како што кажав и претходно во ова интервју, јас ќе се залагам сите предмети, вклучувајќи го и овој, почитувајќи ги сите деловнички одредби и рокови, да бидат решавани ажурно и благовремено.

Уставниот суд во последниов период беше цел на бројни критики. Како ги оценувате критиките?

Нашиот став во однос на критиките упатени кон Судот е искажан во последното соопштение објавено на нашата веб-страница и истовремено беше објавено од страна на повеќе медиуми. За нас, се прифатливи сите правно аргументирани критики, но не и оние кои навлегуваат длабоко во нашата самостојност и независност предвидена со Уставот и нашиот Деловник.

Даниела Маркоска Алексовска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот