Мултиплекс склероза: Симптомите на болеста може да се појават неочекувано рано

Mултиплекс склероза / Фото: Profimedia

Симптомите може да се појават неочекувано рано, а често се појавуваат и исчезнуваат додека не станат толку сериозни што е неопходна помош од лекар. Според Американското здружение за мултиплекс склероза, повеќе од два милиона луѓе во светот се соочуваат со оваа болест.

Мултиплекс склероза е хронична, имуновоспалителна болест, која влијае врз централниот нервен систем – мозокот, `рбетниот мозок и оптичкиот нерв. Најчесто се јавува на возраст од 20 до 45 години, двапати почесто кај жените отколку кај мажите и во многу различни форми. Многу пациенти со мултиплекс склероза можат да продолжат да живеат активен живот, при што симптомите се појавуваат повремено, додека во некои случаи се јавува потешка форма што предизвикува тешка попреченост.

Мултиплекс склероза се нарекува и „болест со илјада лица“, бидејќи знаците и симптомите на болеста се манифестираат многу различно, во зависност од делот на нервниот систем што е зафатен. Тоа често се симптоми што исто така може да се поврзат со други болести и состојби. Многу често, сепак, болеста започнува со воспаление на оптичкиот нерв, двојно гледање, вртоглавица, нарушување на рамнотежата или меморијата и концентрацијата.

Визуелните нарушувања се меѓу најчестите симптоми на мултиплекс склероза. Ако забележите визуелни нарушувања – како, на пример, гледање низ непроѕирно стакло или вода, дури и кога не ги напрегате очите, можеби е време да го посетите вашиот лекар.

Друг симптом би бил вртоглавица, кога брзо ќе станете. Се јавува кај луѓе со низок крвен притисок, а може да биде последица на пад на шеќерот во крвта или физички напор. Како знак на мултиплекс склероза, може да се појави ненадејно, предизвикувајќи гадење и повраќање. Ако се препознаете во овие зборови, консултирајте се и со лекар.

Се појавуваат и проблеми со мочниот меур. Овој здравствен проблем се јавува кај 80 проценти од пациентите со мултиплекс склероза, што предизвикува честа потреба од одење во тоалет. Околу 60 проценти од пациентите пријавуваат проблеми со мултитаскинг, концентрација, внимание и проблеми со меморијата. Понекогаш има: депресија, нервоза, промени во расположението или емоционални испади. Половина од пациентите доживуваат дневна болка, понекогаш придружена со неконтролирани движења или слабост.

Затоа доколку забележите некоја промена и ве загрижува, најдобро е да разговарате со професионалец. Не чекајте ситуацијата да се влоши или да погодувате дали го имате овој здравствен проблем.

Видео на денот