Мултимедијалната изложба „Аетерна Нова“ ќе биде презентирана во „Мала станица“ во Скопје

Постер за изложбата „Аетерна Нова“ на ВУЛГУС

Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство ВУЛГУС на 17 јуни, во 20 часот, во објектот „Мала станица“ при Националната галерија во Скопје ќе ја презентира изложбата „Аетерна Нова“.

„Аетерна Нова“ (кованица од латинските термини „вечна“ и „нова“) е мултимедијална изложба посветена на облековната култура на сите етнички заедници кои живеат во Македонија. Изложбата презентира нов начин на промовирање и претставување на облековната култура од крајот на 19-иот и почетокот на 20-иот век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција.

– Црпејќи инспирација од „Camera Lucida“ на Роланд Бартс, изложбата се служи со неговите концепти наречени studium и punctum за да ја артикулира дуалната природа на фотографската интерпретација. Конкретно, во ова видување, studium-от реферира на историското и културното значење на народните носии, односно модни избори направени од локалното население кои евоцираат културни и општествени норми.

Меѓутоа, со претставување на овие костими како насловни страници на модни списанија, изложбата воведува punctum, односно современа реинтерпретација која ги повикува гледачите да ги согледаат овие артефакти надвор од нивниот конвенционален контекст. Овој пристап не само што ја демистифицира поврзаноста на народните носии со патриотизмот, национализмот и патријархалното угнетување, туку ги претставува како симболи на индивидуална и заедничка креативност наместо артефакти од минатото.

Потенцирајќи ја сложената изработка на самоуките креатори на овие костими, изложбата им оддава почит и сугерира дека овие традиционални вештини треба да се ценат не само поради нивната историска вредност, туку како трајни изрази на културниот идентитет и креативноста на луѓето од едно минато време. Оваа способност на фотографијата да ја долови и реконтекстуализира историјата е особено релевантна, бидејќи ваквата реконтекстуализација ја предизвикува перцепцијата за овие облеки како застарени и ирелевантни. Наместо тоа, „Аетерна Нова“ ги позиционира како динамични елементи на современото културно изразување, истакнувајќи ја нивната естетска вредност и вештината вклучена во нивното создавање – истакнуваат од ВУЛГУС.

Проектен тим на изложбата се Филип Петковски (куратор и режисер), Марко Марјановиќ (фотограф), Жарко Чулиќ (фотограф) и Ивана Мојсовска Головска (постпродукција на фотографија).

Во изложбата се користени народни носии од колекциите на Костадин Балкански, Дамјан Ристовски, Ансамбл „Студио Фолклор“ и Фолклорно студио „Етнос“. Проектот е поддржан од Министерството за култура на РС Македонија

Како модели на фотографиите се појавуваат Еџе Али (фотографка), Билјана Балканска (танчерка), Дина Дума (филмска режисерка), Лука Ѓоргиевски (музичар во групата „Фанк шуи“), Катарина Ивановска (модел), Дина Јашари (музичарка), Венера Крлиу (професор и проректор за настава на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје), Емра Куртишова (актерка), Марко Марјановиќ (фотограф), Мими Поп Алексова (примабалерина), Зарина Првасевда (музичарка), Симона Спировска (актерка), Наталија Теодосиева (актерка), Мартин Томовски (ракометар) и Камка Тоциновски (актерка).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот