
Мултимедијална патувачка стрип изложба ќе биде презентирана во Велес
По Романија, Албанија, Белгија и Србија на 3 март Велес ќе биде центар на стрип културата на Балканот. Уметници и сценаристи, стрип теоретичари, професори, љубители на стрипот и гости од целата држава и од Европа ќе имаат прилика да присуствуваат на отворањето на изложбата „CAN for Balkans“ во Ликовниот салон во Велес.
Препорачано
Изложбата „CAN for Balkans“ е составена од две тематски целини, од кои на првата се презентирани графичко-секвенцијални дела пристигнати на минатогодишниот меѓународен стрип-конкурс на тема „Балканот низ историјата“. Овие дела беа оценувани од страна на интернационално стрип жири, а претставник од Северна Македонија беше Томе Трајков, програмски координатор на „Стрип центар на Македонија“ во Велес.
На втората, која е резултат од повеќегодишните истражувачки студии за историскиот стрип на Балканот, изложени се најрепрезентативните историски стрипови на романски, српски, албански и македонски автори, односно на историски стрипови од земјите од каде што се партнерските организации на проектот.
Меѓу останатите, на изложбата ќе биде застапен и стрипот на Славица Купенкова, којшто го доби признанието на најдобар македонски стрип на овој конкурс. Посетителите ќе можат да ја посетат изложбата посветена на стрип историјата на Балканот до 27 март.
За сите фанови на деветата уметност ќе се одржат и неколку настани и промоции како претходница на големото финале. Специјални гости се Н.Е. Андреа Силвестри, италијански амбасадор во Македонија, Александар Стеванов и Бошко Караџов.
Настанот ќе го модерираат координаторите на проектот: Ване Трајков, извршен директор на „Стрип центар на Македонија“, и Александра Андреева.
Настанот е во организација на „Стрип центар на Македонија“ како партнер во проектот „CAN for Balkans“, кофинансиран од Европската унија преку програмата „Креативна Европа“, а локални партнери се Општина Велес и ЛУ Народен музеј – Велес.